Петти пакет мерки: Бескаматни кредити за компаниите наместо помош за исплата на плати

Наместо државна помош за исплата на минимална плата, компаниите ќе имаат на располагање бескаматни кредити со грејс период од 12 месеци и период на отплата од три години со вклучен грант од 30 проценти ако покажат позитивни резултати. Ова го предвидува петтиот пакет антикризни мерки со кои државата ќе им помага на компаниите и граѓаните полесно да се справат со пандемијата.

Како што истакна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи мерките од петтиот пакет за економска помош ќе бидат оперативни до крајот на овој месец.

„Во петтиот пакет преовладуваат два концепта за поддршка на плати. Едниот е тој што го имавме, а другиот е таму каде има пад на приходите да понудиме нов модел, а тоа е преку Развојната банка да понудиме финансиска поддршка преку кредити коишто имаат нула интерес, што значи дека каматата ја субвенционира државата. Ние и претходно сме немале субвенции за плати, туку финансиска поддршка за плати. Со тоа правевме еден вид на кредитирање на стопанството за платите на работниците, при што им кажувавме кои се условите за дел од помошта или целата да стане неповратна“, рече Битиќи во емисијата „24 анализа“.

Двата модела, како што истакна тој, се уште се на маса и ќе преовлада оној за кој ќе се верува дека ќе ги даде најдобрите резултати во моментов. Битиќи појасни дека јануари ќе биде изоставен од мерката, како што беше изоставен и септември во претходните мерки. Со петтиот пакет, освен што ќе им се помогне на компаниите за зачувување на работните места нема да бидат заборавени ни граѓаните, угостителството, хотелиерството, медиумите, транспортните компании особено оние кои се занимаваат со меѓународен транспорт, организаторите на настани, тутунарите, спортските клубови… Битиќи изрази надеж дека кризата полека ќе спласнува и со тоа ќе може да се размислува за нови развојни политики и нови развојни мерки.

„Ако е потребно ќе направиме и нов пакет мерки. Со сите пакети досега, заклучно со декември минатата година веќе се потрошени 360 милиони евра кои се вбризгани кај граѓаните, стопанствениците, а во јануари годинава има и дополнителни средства кои се потрошени. Убеден сум дека до крај на кризата не само една милијарда, туку многу повеќе средства ќе се потрошат затоа што тоа е за доброто на нашите граѓани“, рече Битиќи.

Со петтиот пакет мерки е предвидено и отпишување на каматите за долговите постари од три месеци.

„Првпат во независна Македонија ќе се направи ваква операција во која сакаме на граѓаните да им ги отпишеме долговите постари од три месеци што ги имаат кон сите јавни комунални претпријатија кои даваат услуги кон граѓаните, дури и кон градските управи. Станува збор за каматата, а еден од условите за нејзино отпишување ќе биде граѓанинот да го репрограмира основниот долг во период од 12 месеци и да почне да го исплаќа основниот долг, а каматата ќе се избрише без разлика колкава е“, рече Битиќи потенцирајќи дека засега не се планира издавање на платежни картички за различни групи граѓани како форма на еднократна помош.

 


Статијата е прочитана 528 пати.

Сподели: