Народна банка: „Поставеноста на монетарната политика е соодветна на макроекономските услови“

Поставеноста на монетарната политика е соодветна на макроекономските услови, тековите засега се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата. Ова е најновата оценка на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка кој одржа редовна седница на која беа разгледани движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика. Сепак, Комитетот заклучи дека неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму постојат, како во глобални, така и во рамки на домашната економија.

На седницата беше одлучено каматната стапка да се задржи на историски најниското ниво од 1,5%, со што монетарната политика го задржа релаксираниот карактер. Намалувањето на основната каматна стапка во изминатата година, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка измината година е соодветна, при што беше одлучено на денешната аукција да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Последно расположливите макроекономски показатели за бруто домашниот производ упатуваат на годишен пад на економијата во првите три квартали од годината од 5,9%, што е во согласност со очекувањата од последните проекции. Во однос на четвртиот квартал, последно расположливите податоци за економската активност посочуваат на поповолни движења во домашната економија во однос на претходниот квартал, во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на Ковид-19, како и постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба. Натамошно забавување на годишниот пад бележат индустријата и прометот во вкупната трговија, потоа кај градежништвото има забрзување на растот, а единствено неповолни движења се забележуваат кај прометот во угостителството.

Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2%, што е во согласност со проектираната стапка според последната проекција. 

„Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции. Оттаму, измината година е остварен раст на девизните резерви од околу 100 милиони евра, наспроти очекуваниот пад. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, последните податоци за менувачкиот пазар и за надворешно-трговската размена упатуваат на можност за остварувања кај приватните трансфери и кај трговскиот дефицит во рамките на очекувањата за последниот квартал“, се вели во соопштението од Народна банка.

Во периодот од последната, декемвриска седница на Комитетот наваму, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута забележа позначителен пораст условен главно од остварувањето на дел од четвртиот пакет мерки за ревитализирање на економијата во услови на Ковид-19. Во такви околности банките имаа многу ниска и повремена потреба за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Поволни движења имаше и на девизниот пазар, видливи пред сѐ преку растот на нето-понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар. Овие пазарни остварувања беа проследени со натамошно зголемување на девизната ликвидност на банките, поради што Народната банка за првпат во 2020 година интервенира со откуп на девизи. „Поволните случувања на девизниот пазар продолжуваат и во првата половина на јануари, при забележан нето-откуп на девизи од страна на банките“ заклучува Комитетот.


Статијата е прочитана 593 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско