Бизнис вести

Заев: „2021 година ќе биде година на економско заздравување од Ковид-19“

вторник, 05 јануари 2021

Премиерот уверува дека Владата долг период работи на создавање услови за излез од кризата која треба да се искористи како неповторлива, уникатна можност за економски скоск и оти се што имаме како ресурс ќе се стави во функција на развој, а конечлниот импакт да биде стандардот на граѓаните

Оваа, 2021 е година на рестарт и заживување. Кризата е можност и од нас зависи колку ќе ја искористиме. Клучни ќе бидат капиталните инвестиции за кои се проектирани 23 милијарди денари, инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата и земјоделството, рече премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес конференција со министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Буџетот, подвлече премиерот, е избалансиран, одговорно планиран и кроен соодветно, за да одговори на предизвиците.

„Минатата 2020 година не научи да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени и покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени. Затоа Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин на кој му е потребна потпора, 2020 покажа дека инклузивното креирање на политиките и водењето грижа за потребите на луѓето, носат стабилност и раст на економски план. И во време на пандемија, во консулатција со стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор, обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги вработените каде што е тоа можно. Македонската економија е стабилна, жива и динамична, не дозволивме потрошувачката да запре, а тоа е можно сако ако добро се планира и ако брзо, соодветно и паметно се реагира. Ефектите се видливи. На економски план, се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната стратегија“, рече Заев.

Истакна дека од почетокот на кризата Владата креираше четири пакети економски мерки за поддршка на околу 500.000 граѓани кои беа најпогодени од кризата, за што беа обезбедени над 1,2 милијарди евра.

Ефектите се видливи, нагласи Заев, потенцирајќи дека веќе во третото тромесечие од 2020 година после 14,9 проценти пад на БДП, падот е ублажен на износ од 3,3 отсто.

Премиерот најави дека овој месец ќе се одвива дебатата за креирањето на следните економски пакет-мерки, а во февруари ќе се носат мерките за 2021 година.

„По Божикните празници ќе почне дебатата со сите релевантни чинители, за да се димензионираат следните пакети за помагање. Очекуваме во јануари да се развие дебатата, а во февруари ќе се носат мерките. Сакам да ве уверам дека Владата долг период работи на создавање услови за излез од кризата која треба да се искористи како неповторлива, уникатна можност за економски скоск. Се што имаме како ресурс да се стави во функција на развој, а конечлниот импакт да биде стандардот на граѓаните. Се што е потенцијал, ќе се стави на располагање, а доминантна ќе биде енергетиката“, рече Заев.

Презентирајќи ги бројките премиерот посочи дека вкупните даночни приходи во 2020 година се реализирани во износ од 189,8 милијарди денари, што е 96,7 отсто од планираното, а позитивен тренд бележат и придонесите кои достигнаа 102 отсто. Вкупните расходи на Буџетот се 243,7 милијарди денари или 96,4 отсто од годишно планираниот износ. Капиталните расходи во 2020 година изнесуваа 16,1 милијарда денари или 82 отсто од планираната реализација, а годината е завршена со буџетски дефицит од 53,9 милијарди денари или 8,1 отсто од проектираниот БДП.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакна дека во годината кога се случи најголемата економска и здравствена криза на светско ниво, задржувањето на работните места и конкурентноста на компаниите останаа во фокусот на фискалните политики на државата. Тој очекува и годинава да биде тешка и полна со предизвици.

 

Содржината е прочитана 83 пати.