Инфо

Македонија ги забрани летовите од Велика Британија, воведена и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите што доаѓаат од таму

понеделник, 21 декември 2020

Владата ги забрани сите летови од Велика Британија во земјава и воведе задолжитела двонеделна излоација за сите што доаѓаат од оваа европска земја. Ова денеска го соопшто премиерот Зоран Заев откако се појави мутација на Ковид-19 и вирусот почна забрзано да се шири во Велика Британија.

„После најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, на денешниот главен кризен ковид-штаб донесовме одлука за забрана за сите летови од Велика Британија во Северна Македонија. Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија“, напиша Заев на Фејсбук.

Комисијата за заразни болести утрово ја разгледувала заканата од новиот вид на корона вирусот кој е регистриран во Велика Британија, а се појавил и во Холандија, Данска и Австралија, но според последните податоци и во Италија и Јужна Африка. 

„Утрово имавме состанок. Препорака на Комисијата за заразни болести е сите патници кои доаѓаат од Велика Британија да бидат упатени на задолжителен карантин од 14 дена“, изјавил за Дојче Веле министерот за здравство, Венко Филипче.

„Визер“ има два пати неделно летови од Лондон до Скопје, во вторник и во четврток) и три пати неделно до Приштина. Тоа значи дека во 14 дневен карантин први ќе заминат патниците кои утре напладне ќе пристигнат од Лондон на скопскиот аеродром. До трети јануари во Скопје треба да има уште два лета од Лондон.

И соседна Бугарија ги забрани летовите од Лондон до Софија. Прва реагираше Холандија и ги забрани сите летови од островот, а потоа со иста мерка ја следеа Белгија и Италија. Ирска најави дека ќе ги ограничи летовите и траектите од Велика Британија, а Франција на 48 часа ќе ги суспендира летовите и товарниот превоз. Од денес и Германија ги забранува летовите од денес, а на забраната се придружија и Австрија, Хрватска, Швајцарија, Шведска, Чешка и трите балтички земји.

Надвор од ЕУ, Канада соопшти дека привремено, 72 часа ќе ги забрани патничките летови од Велика Британија.

 

Содржината е прочитана 233 пати.