Интервјуа

Онлајн-наставата ни овозможува целиот свет да ни биде клиент

среда, 16 декември 2020

Интервју со Валентина Тасева, генерален менаџер на „Семос Едукација“ во кое говори за 25-годшното континуирано инвестирање на компанијата во својот тим, во следењето на технологиите, интензивните и модерни маркетинг- активности, го објаснува партнерството со големите имиња од ИТ-светот и извозната експанзија и зборува за визијата „Семос Едукација“ да биде најголем тренинг центар во Југоисточна Европа, а притоа да стане интернационален бренд.

МАРИЛИ: Едукативниот центар за информатичка технологија „Семос Едукација“ минатата година одбележа 25 години успешна работа. Од оваа временска дистанција, кажете ни што значеше во тоа време да се почне ваков бизнис во ИТ-индустријата во Македонија и каде се наоѓа сега четврт век подоцна?

ТАСЕВА: Пред 25 години „Семос Едукација“ беше компанија што најмногу работеше на полето на дигиталната писменост. Тоа беше период на транзиција кога дигиталната писменост или знаењето на MS Word и MS Excel беа од приоритетно значење за многу вработени и за голем број компании. Во тоа време, во 1995/1996 година, настана нашата мисија: да им помогнеме на поединците во нивното знаење од ИТ-индустријата, преку нив да им помогнеме на компаниите, а преку компаниите да му помагаме на целото наше општество. Оваа мисија „Семос Едукација“ ја задржа до денес.

За сите овие години ние континуирано инвестираме во неколку моменти: во нашиот тим, во учењето и следењето на технологиите, во интензивните и модерните маркетинг-активности, во партнерството со големите имиња, како и во нашата извозна експанзија.

Наша визија е да бидеме најголем тренинг центар во Југоисточна Европа, а притоа да станеме интернационален бренд. Денес „Семос Едукација“ има 43 вработени, 116 тренери, две канцеларии во Скопје и во Белград, повеќе од 300 обуки и повеќе од 100.000 слушатели.

МАРИЛИ: Последниве години воведовте многу новини, станавте тренинг партнери со водечки cloud провајдери и соработувате со државите на Балканот, но и од Западна Европа. Кои се најзначајните побарувања на ИТ-компаниите на европско ниво и како кризата со Ковид-19 се одразува врз Вашето работење?

ТАСЕВА: Да, низ годините станавме партнер на сите водечки имиња од ИТ-светот, како што се Microsoft, Amazon Web Services, VMware, Oracle, Adobe, Autodesk, Certiport и многу други. Наша тенденција е да ги почитуваме светските стандарди, да не импровизираме, да станеме доверлив партнер што нуди беспрекорност во меѓусебните активности. Сето тоа ни го донесе добриот глас, па брендовите се нижеа еден по друг.

Од друга страна, ги следевме сите нови професии што се базираат врз ИТ-технологиите. Такви се сите професии поврзани со програмирање, како што се Oracle Java, Microsoft.Net или Python. Или, пак, професијата софтвер тестер што сериозно придонесе кон „извоз“ на ИТ-услуги. Дури и професијата графички дизајнер ја унапредивме и ја стандардизиравме, во соработка со Министерството за образование и наука, со што во моментов „Семос Едукација“ е единствена акредитирана институција од МОН за постсредно образование.

Пред повеќе години, заедно со Microsoft, учествувавме во креирање на професијата Data Analyst, односно Data Scientist. Во 2011 година започнавме со високотехнолошки обуки за ИТ-безбедност и етичко хакирање, а потоа ги следевме стандардите во БИМ- технологите за градежните инженери или за архитектите. 

Ние сме прва институција во Југоисточна Европа што е единствен партнер за Microsoft Azure и Amazon Web Services, двата гиганта во областа на cloud работењето. За одбележување се и обуките од областа на вештачката интелигенција, како и обуките за виртуелна реалност, каде што наш партнер е Unity.

Кризата со Ковид-19 ги зацврсти нашите долгогодишни вложувања во онлајн-наставата. Од март 2020 година целата настава се одржува виртуелно, онлајн, што ни овозможува целиот свет да ни биде клиент. Ако до 2019 година онлајн-обука одржувавме само во Норвешка, сега тоа го правиме за слушатели од повеќе од 20 земји во светот.

МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира со компанија што врши едукација во информатичката дејност што е најдинамична индустрија и колку брзо „Семос Едукација“ ги воведува и ги применува светските новини од оваа област?

ТАСЕВА: Јас управувам со „Семос Едукација“ речиси од нејзиниот почеток. Може да се каже дека управувањето е базирано врз неколку постулати. Пред сѐ, ние многу учиме. Учиме технологии, но учиме меки и менаџмент-вештини. Како за илустрација, сите вработени во компанијата секој месец мора да поминат најмалку четири часа обука. Доколку не се случи тоа, кај нас нема казни, туку, едноставно, платата ја делиме  дента кога сите ќе завршат со обуките за месецот.

Понатаму, со почит не се однесуваме само кон нашите слушатели туку и кон нашите партнери. Ги воспоставуваме и ги следиме светските стандарди, настојувајќи да бидеме партнер на кој може да му се верува. Растеме и технолошки. На пример, во 2020 година, соочени со кризата со Ковид-19 кај нас се дигитализирани повеќе од 15 процеси, вклучително сите придружни документи. Значи, веќе не зборуваме за дигитални состаноци, туку за дигитална продажба, дигитален маркетинг, дигитално изведување на наставата, дигитални финансии...

Мериме. Ние евидентираме бројки, па донесуваме одлуки врз основа на анализирани податоци. Во контекст на тоа, неодамна го отворивме и новиот Оддел за business intelligence/data analysis, преку кој им помагаме и на компаниите во донесувањето одлуки што се однесуваат на нивниот раст, базирано врз извештаи и анализа. Компанијата ja следи и ја применува методологијата Адижес, како и т.н. модел STAR (Ѕвезда), кој ги обединува: 1. Визијата, мисијата и вредностите, 2. Стратегијата, 3. Структурата, 4. Луѓето и 5. Системот на наградување.  

И на крајот, интензивно ја следиме нашата визија да бидеме интернационална компанија. Како пример, околу 30 % од нашиот приход во 2019 година беше приход од странство. 

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?

ТАСЕВА: Да, успешните примери од нашето секојдневје може да бидат мотивација и пример за многу други млади луѓе, млади жени, покажувајќи дека може да се успее и во нашето опкружување. Особено во денешно време кога интернетот и технологиите ги отстрануваат сите бариери. Цел свет може да биде наш клиент, сите земји, сите континенти, сите луѓе, преку користење на дигиталните медиуми и социјалните мрежи. Потребно е само клиентот да се стави на пиедестал, потребни се многу знаење, иновативност, креативност, етика и, најмногу од сѐ, пасија кон својата работа. Ова се компаниските вредности на „Семос Едукација“ за кои искрено верувам дека секој ден ги споделувам, не само со моите колеги и семејството туку и пошироко. 

Содржината е прочитана 411 пати.