Инфо

Пошта со промотивен пакет – праќање честитка за 9 денари, пратка до 5 килограми за 80 денари

вторник, 15 декември 2020

Пошта пред Новогодишните празници излезе со промотивен пакет со намалени цени. Од 19 декември до 15 јануари цената за достава на пратки до 5 килограми е намалена на 80 денари, а испраќање една честитка со марка ќе чини 9 денари.

Одлуката за ова ја донесе Управниот одбор на АД Пошта на Северна Македонија на својата седница. Промотивниот пакет вклучува и печатење новогодишни честитки изработени од рециклирана хартија и со ретро дизајн. Честитките ќе се продаваат на шалтерите на Пошта, а до крајот на оваа работна недела треба да биде објавена и нивната продажна цена.

„Се намалуваат цените за достава на пратки од адреса до адреса со тежина до 5 килограми. Новата цена на услугата изнесува 80 денари за периодот 19.12.2020 година до 15.01.2021 година. Секое заинтересирано лице кое сака да испрати пратка од која било адреса на територија на град Скопје,тоа може да го направи со јавување на телефонскиот број 15 000. Службени лица на Пошта ја преземаат пратката/подарокот од адресата на испраќачот и ја доставуваат на наведената адреса на примачот. Во другите населени места граѓаните можат да ги достават пратките до единиците на поштенската мрежа, а од таму службените лица на Пошта ќе ги испорачаат до адресата на примачот“, се вели во соопштението од Пошта и се додава дека на овој начин ги повикуваат граѓаните да се приклучат, со цел заедно да се обнови традицијата на испраќање честитка или подарок по пошта. 

 

Содржината е прочитана 323 пати.