Култура

Изложба „Граници“ на Дита Старова Ќерими и Шкипе Мехмети во галерија КО-РА

понеделник, 14 декември 2020

Во галеријата КО-РА во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје од 15 декември до 25 декември 2020 година ќе биде поставена изложбата „Граници“ на уметниците Дита Старова Ќерими и Шкипе Мехмети. Посетителите ќе можат да ја погледаат секој ден освен понеделник од 9-16 часот со задолжелно почитување на протоколите за заштита на јавното здравје.

Сликарството е создадено од обичајот човековата сенка да се заокружи со линија, вели Плиниј (Плиниј Постариот, Историја на природата, кн. XXXV). Првите слики се слики на човековата присутност: отпечаток од дланката, трага која ја оставаат прстите кои исцртуваат сплетени меандри, трага од камената острица која ја следи линијата на телото на некое животно. Некогаш, способноста за создавање слики била одредена со ритуалот: чин на создавање кој овозможува трајна или минлива присутност на она што не е присутно. Овој ритуал се одвива секогаш надвор од рамките на секојдневното, на најдалечната граница на светот кој бил познатво пустината и во скриените пештери во длабочината на земјата. Првите слики се појавуваат на границата помеѓу познатото и непознатото, помеѓу видливото и невидливото, помеѓу земјата и небото.

Ние исцртуваме граници на земјата и градиме ѕидови. Опкружени сме со ѕидови. Ова е свет на граници и ограничувања, а нашата култура е култура на разлики (поимот разлика мислен како негативно одредување, како услов за идентитет).

Ѕидовите се околу нас, го делат просторот, го затвораат, нè опкружуваат, се вкрстуваат и се разминуваат, се протегаат во недоглед, се шират на сите страни создавајќи непрегледен лавиринт.

Нашиот свет е наш лавиринт. Лавиринтот не дозволува застанување и одмор, тој повикува на минување и талкање. Безмерноста на лавиринтот што го изградивме не допушта враќање и познати патеки. Како и јазикот, и лавиринтот предизвикува пораз на помнењето и мудроста (Акиле Бонито Олива). Лавиринтот не води кон никакво одредиште, ниту постои скриено средиште. Нема излез затоа што ние каде и да одиме го градиме и го доградуваме. Ние сме секогаш во средиштето на лавиринтот – Минотаур кој вечно талка во светот што самиот го создал (ова е свет во кој човек, каде и да оди се среќава само себеси, вели Хана Арент).

Уметникот ги открива тајните знаци и патокази на ѕидовите и ја бара невидливата нишка на Аријадна. Непрекинатото и неуморно талкање низ лавиринтот во кој се губи помнењето сега добива насока што води надвор од лавиринтот кон излезот – кон неограничениот простор и непознатото.

Уметноста е можна поради тоа што уметникот се осмелува да ги пречекори границите. Тој заминува на неизвесно патување во непознатото, зад границата на она што е видливо и познато. Храброста на уметникот да ги пречекори границите создава можност да се создаде уметничко дело.

Овој проект е токму таков чин на храброст каде ликовните уметници Шќипе Мехмети и Дита Старова се обидуваат да ги пречекорат границите на познатото во своите дела и да се упатат кон некои нови и непознати предели на уметноста.“

Емил Алексиев

 

Содржината е прочитана 75 пати.