Македонија

Нови рестриктивни мерки на Комисијата за заразни болести - угостителите да затвораат во 18 часот, да нема прослави по фирми

понеделник, 14 декември 2020

Новиот предлог Комисијата денеска ќе го доставин до Владата за да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во престојниот период на празници

 

Од 18 декември до 21 јануари кафулињата и рестораните да работат до 18 часот наместо до 21 часот и да се забрани групирање по плоштади за пречек и прослава на Новата година, да се забранат секакви прослави во рамки на работните организации, како и секаков вид собири во периодот на празниците, препорачува Комисијата за заразни болести.

Новиот предлог Комисијата денеска ќе го доставин до Владата за да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во престојниот период на празници.

„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препораки кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти. Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

На денешната седница на Комисијата присуствувале и преставници на Независната угостителска комора кои не се согласуваат со новиот пакет мерки и доставија до Комисијата нивни предлози.

Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора изјави дека тие бараат да работат до 1 часот по полноќ за време на Новогодишните празници и да се овозможи на угостителите да имаат соодветни музички програми.

„Тоа не значи дека ќе има забави, играње и гужви, туку е начин достоинствено да се испрати годината заедно со Ковид-19“, вели Јосифовски додавајќи оти ќе се почитуваат протоколите, а не како во приватните викендици каде нема да има контрола.

 

Содржината е прочитана 70 пати.