Интервју со госпоѓа Снежана Коневска-Руси, актер, режисер при МНТ

За мене комплетен актер е да играш со целото тело, да говориш низ песна, да пееш со зборот, да твориш со душата и срцето. До кај стасав? Има уште за одење, за качување си велам. Врвот ми се чини сè понедостижен. А што е животниот пат ако не е едно искачување, проследено и со периоди на паѓање, воздигнување, а и ново доживување.

Марили: Г-ѓа Коневска-Руси, неодамна работевте сценарио и режија за прекрасниот перформанс „Песна, оро, стих, драма“ по повод 50-годишниот јубилеј на Лилјана Стоилковска-Андовска. Како дојде до оваа соработка?
Коневска-Руси:
Постојат луѓе со кои се гледате често, без особена причина, без некоја допирна точка. Постојат луѓе со кои се гледате ретко, можеби еднаш во годината, но имате многу допирни точки, постои чудна поврзаност, заедништво, можеби и љубов? Така ја доживувам Лиле и секоја ненадејна средба со неа и после толку години разделеност. Разделени во професијата, а почнавме заедно како спикери-водители во РТС. Разделени во просторот, во животот, а живеевме, творевме во заедничкиот македонски простор. Лиле сега освојува нова постојбина, јас опстојувам на старата, но и двете во зачувување на македонската народна песна – таа интерпретирајќи ја, јас – создавајќи проекти базирани на македонското фолкорно творештво. Двете заедно и во зачувување на македонскиот литературен јазик, таа борејќи се за негово воведување во учииштата во Шведска, јас – борејќи се за чистотата на јазикот во сите сфери, во радиото, телевизијата, на сцената. Без оглед која каде е, во мигови пријатни ил непријатни, тажни ил среќни, приватни ил професионални, секогаш го имате до вас, топлиот глас на Лиле, со песна, стих, совет, писмо, емаил или го добивате оптимистичкиот, охрабрувачки, енергичен дух на Снешка. Како да не дојде до оваа соработка? Таа и нè врзува. 

Цел живот соработници и пред микрофонот и на сцената. И овој сценски приказ на животнит приказ за животниот творечки опус на Лиле е плод на нашето заедништво. Па затоа лесно ми беше да ја напишам текстуалната предлошка за овој настан, познавајќи ја и душата и срцето на Лиле. Преплетувајќи ги нашите животни професионални патеки, со акцент на нејзината, лесно ги вклопив и работните простори – сцена за интерпретаторот Лиле, спикерна за спикерот, водител, новинар – Лиле, отворена сцена за актерот Лиле, видеопроекција за авторот, поет-Лиле и секако простор за нејзините соработници од Матица на иселениците, Од Агенцијата за иселениците на РМ, како и главниот уредник на Бизнис каталогот на РМ. А сето тоа филувано со драмски исказ на актерот М.Гродзанов, со песна на оркестарот на Танец, со оро на играорците на ансамблот Танец.

Марили: Има ли во РМакедонија уште вакви мултиталентирани личности за кои може да се сработи сличен перформанс?
Коневска-Руси:
Ја знаете онаа изрека – ако одиш во Македонија немој ни да играш ни да пееш – зашто ќе изгубиш. Познати сме како нација талентирана за музика, песна, игра... и затоа сме уникатни на разнте фолклорни, музички, танцувачки фестивали во светот. И како актери важиме за талентирани уметници, темпераментни, полни со енергија, сензибилни, непредвидливи и секогаш ги собиравме сите награди на драмските фестивали во југословенскиот простор. Тие македонски изблици на актерско мајсторство траат и до ден-денес, изразено на пр. во ликот на Н. Ристановски, за кого не постојат граници. 

Но, постои една вкалупеност, можеби и херметичност кај актерите, кои делуваат во една затворена форма – претстава, секако одредена од режисерите и од видот на претставата, па ретко може да се видат обиди за кршење на формата и редот. Исклучок е С.Коцев, кој умешно еквилибрира меѓу редот и нередот, крутата и слободна форма, претстава и естраден настап.

Богатство е за актерот да умее да танцува, да свири некој инструмент, да пее... но нашиот човек веднаш ќе забележи – нека не пее, нека си глуми... или обратно. Тања Кочовска – пеач, актер, умешно се справува со улогите, пеејќи или играјќи, ужива таа, ужива и публиката. Се восхитувате на нејзините вокални способности, но не негирајќи ги нејзините актерски па и танчерски способности. Тоа за мене е комплетен актер. Да играш со целото тело, да говориш низ песна, да пееш со зборот, да твориш со душата и срцето. Тука би се вброиле и В.Лазовски, Марче (од театарот за деца и младинци), од МНТ – Јелена, Арна, Маги, Тина, Сашко, Горазд, Ивица, Жаре... а, Игор Џамбазов – пар екселанс... сигурно некој заборавив, ги има многу... па Трајче Георгиев – актер, режисер, пантомимичар кај кого сакам да апострофирам уште една способност – рурално пеење. Така што цел живот сакам да одречам една мисла дека две лубеници под иста мишка не се носат. Напротив, една личност може да си поигрува со две, три и повеќе лубеници и на секоја да ѝ го даде вистинскиот простор, односно секој талент да се пласира во вистинско време. Па ако некогаш и важела тезата или пејач или актер, спикер или пејач во денешно време нема да има таква поделба, зашто публиката побарува од нас сестрани способности и очекува најразлични перформанси, забавни програми, човечкото око и уво очекува секој ден сè повеќе и повеќе.

Марили: Вие етапно ја градевте Вашата кариера, па да се потсетиме како почнавте и како дојдовте до сè што сте денес – актер и режисер.
Коневска-Руси:
Се почнува од игра – е честа моја употребувана фраза. И така ќе се сетите на сите игри од детството, со чаршафот од тантела како принцеза, балерина или самовила, на одиграните приказни (туку што прочитани) на скалилата во ходникот на зграда 15 – насеље Пролеќе. Најмала, а секогаш најглавна меѓу децата. Се навраќам и на првите драмски настапи како Сибирка, Пепелашка, Ева во „Чичо Томовата колиба“ во ОУ „11 Октомври“, работени со учителката Грозда Данова. И тука најмала, а ме имаше насекаде – како диригент на хорот, свирач на армоника, рецитатор, актер, гимнастичар. Знаете каде не можев да учествувам, да играм? На традиционалните слетови. Тука владееше правило – можат да танцуваат само ученици со одредена височина Но, затоа на плоштадот во Скопје, некој требаше да биде водител и малечката Снешка ја доби главната улога на тој слет по повод 25 Мај, роденденот на Тито. Бев водител на целкупниот настан со моето другарче Ристе Талаганов. Тоа беше за мене значајна средба со микрофонот, која потоа логично продолжи со членство во Детската радиодрама во РТС. Таму можев да играм што сакам и она што сакаа нашите режисери: Шаурек, С.Нелов, Б.Андреев и др. во радио и на телевизија. Морам да признаам снимањето на емисии за ТВ во големото студио на РТС беше големо доживување. Ако дотогаш гледавме на еден тв приемник кај нас дома, детски емисии од Загреб – Мендо и Славица, од Белград – Коцка, коцка, коцкица и др. сега наеднаш – сите мои другари, цело маало гледавме заедно, на тогаш првиот телевизор во зградата, наши емисии – ТВ крстословка, Добра ноќ деца, Псст!, Приказни од шумата, куклено-играни серии и многу други. На радио се зголемуваше програмската шема со нови и нови емисии: Весела вртешка, Шарена емисија за деца, радиодрами – а јас никако да пораснам. За да стасам до микрофонот, режисерот С.Нелов ме качуваше на скалила, смешно, а слатко. 

Секоја средба во радиото на членовите на Радиодрамата (возрасните) со нас, децата од Детската радиодрама (Џолева, Зоки Јордановски и С.Крстевски, Кате, Розета...) беше значајна – ем забавна ем едукативна. Се дружевме секојдневно, по училишните обврски, на зимските и летни одмори, наградните патувања, разните пригодни свечености – детството преполно со игра и со ука. И ден-денес кога влегувам, по некој повод во ТВ Телма (бившиот простор на МРТВ), раскажувам за МРТВ, за големото ТВ студио, за сивата репортажна кола, донација од РАИ, за автобусот што нè пренесуваше од Арапска куќа до Нерези, за многуте обврски оставени на наши плеќи, кои ние децата од ДРД со леснотија, низ игра и со голема радост ги прифаќавме и исполнувавме. Следеше уште една значајна средба за мене со спикерскиот пар Иван Антонов и Оливера Попанкова, кои го забалежаа мојот чист, јасен, правилен говор и изговор, читање прима виста (читање непознат текст бeз грешка) и ми понудија членство во спикерската група на Радио Скопје. Како една од ретките новопримени млади спикери се здобивам со статус да читам пладневен радиовесник, потоа разни репортажи, раскази, емисии за нашите сонародници во странство. Во 1972 сум редовно вработена како спикер, презентер, водител во РТС. Моите родители спијат мирно со надеж дека желбата да одам по стапките на Виолета Џолева (другар од ДРД) во Белград на Театарска академија, ми минала. Но, црвот за себепреиспитување во мене работи, и се пријавив на приемен испит за драмски актери на Театарската академија во Скопје. Примена сум уште во првиот круг и оттогаш моите задачи во радиото и часовите на академијата течат паралелно. Некој ќе рече невозможно, ама ако се сака нешто, сè е можно. Во мене постоеше голема дилема – спикер или актер? Денес е лесно да кажам дека отсекогаш сакав да бидам актер. Нештата сами се подредуваа, како што годините изминуваа. Како студент во втора година академија играв во редовниот репертоар на МНТ. Благодарение на мојот стас и глас имав можност да ги одиграм сите улоги на момчиња, девојчиња, деца – урнек ми беше актерката Цветанка Јакимовска, толку ситна, а моќна во секоја улога. Наскоро следуваа и првите награди (најдобар млад актер, најдобра епизода, најдобро актерско остварување на ТИ Војдан Чернодрински) и се прашував - што сега? Спикер, водител или актер? Мојот брачен другар и моите родители сакаа да останам во РТС – сигурна работа, но во мене имаше некој немир – што да изберам? Преовлада ставот на Живко Чинго, тогашен директор на МНТ и на режисерот Бранко Ставрев, убедувајќи ме дека моето место е во театарот. И по 10-годишна акивна работа во радиото, се префрлам во својата нова куќа – МНТ. Чувствувам дека дишам слободно, имам крила, можам да летам, да мислам со своја глава, да фантазирам, да креирам најразличен лик од домашната и светската драматургија. Слобода на себеискажување, делување, себепотврдување, секако вклопени во режисерско видување. Не сум сигурна кога почна да ми пречи таа режисерска рамка, само чувствував како во мене се менуваа дејностите на актер, на режисер. Претпочитам актерот да мисли со своја глава, да прима упатства, да ги применува, но и да ги проверува и да понудува свои решенија. Тогаш тој вистински живее со улогата. Е, ова го кажав како режисер. Можеби затоа и следеше мојата одлука за продолжување на студиите – дипломирање на отсекот – режија, на театарската академија НАТФИЗ во Софија, РБугарија. И денес се прашувам – што сега? Чувствувам во мене голема енергија, потенцијал за истражување, откривање на многу други форми, но сценската постановка (дали на проекти за деца, за возрасни, фестивали музички, пантомимерски, оперско-балетски) преовладува во целокупниот мој творечки опус. До кај стасав? Има уште за одење, за качување си велам. Врвот ми се чини се понедостижен. А што е животниот пат ако не е едно искачување, проследено и со периоди на паѓање, воздигнување, а и ново доживување. И ете го мојот нов предизвик – директор на Драмата на МНТ. Жена – директор можеби буди недоверба кај многу луѓе, но се покажа овој пат дека е вистинскиот избор за ваков вид институција, личност која се грижи за сè, од административно, финансиско, организационо, маркетиншко делување, до репертоарско обликување и промовирање на МНТ во светски размери.

Марили: На кои драмски улоги, претстави, телевизиски проекти и слично сте работеле, и сте посебно горди зашто сте биле дел од истите?
Коневска-Руси:
Во еден свој авторски проект во МНТ (посветен на починатата актерка Анче Џамбазова) насловен како “Театар, љубов моја“, се обидов да си одговорам себе си и на многуте новинарски прашања - театарот што е? Зад актерот што се крие? Ги цитирам стиховите од овој проект: “Две лица во актерот се кријат, а кога место актер пред тебе актерка стои, лицата во неа се 333 на број“. И следува главното прашање – актерството што е? Мисија, професија? Ја застапувам тезата дека актерството е професија како и секоја друга, чиј основен алат е телото, говорот, умот, срцето, душата и кога треба те вознесува, но и те приземјува, бара од тебе да леташ во височините, но и цврсто да стоиш на тлото. Оттаму мора да посочам дека секоја улога имала двојно значење за мене во заокружување на актерската биографија, но и во извршеното влијание врз детската и возрасната популација. Навистина е тешко да издвојам некоја драмска улога, зашто скоро секоја оставила печат кај мене и кај публиката, која навивала за Принцезата во “Рекламна бајка“, аплаудирала на Невестата во “Малограѓанска свадба“, се засмејувала со Бабата во “Жени во народното собрание“, се одушевувала на Агафја во “Женидба“, се восхитувала на кралицата Маргарита во “Ричард трети“, или се расплакувала на Љубов Андреевна во “Вишновата градина“. Па, како да издвоив некои свои улоги? А си ги сакам сите одиграни без оглед на родот (машки, женски), возраста (дете, девојка, мајка, баба), карактерот (трагичар, комичар) или значењето (главна, средна, епизодна).
Секогаш има некој детал, слика, збор по кој ја паметите работата врз улогата и сте горди – не како сте ја одиграле улогата, туку како сте дошле до зрното на улогата, тоа мало бисерче во морето други камчиња. Ги носам гордо годините кои ми носеле најразлични улоги, кои го трасирале мојот пат од малото дете Снешка до актерот, автор, режисер – Снежана и го крунисале мојот творечки опус со неколку театарски награди и со 13 Ноемвриска награда на Град Скопје. Сепак, ќе спомнам две улоги: Иванка во претставата “Црвенкапа“ на Театарот деца и млади, која постигна рекорд во изведбите и гостувањата, оставајќи силен белег на детската популација и ликот на Маќеата во ТВ драма “Гласот на светлината“ – приказна базирана на вистински настан од дестството на едно глувонемо дете кое е под надзор на својата маќеа. Една до сега најспецифична улога, за која морав да го научам и знаковниот јазик, за да можам да комуницирам со посвоеното дете и да го доловам поавтентично нивниот меѓусебен однос.

Марили: Долги години работевте и создававте со и за децата. Дали творењето со оваа таргет група е поедноставно отколку со возрасните?
Коневска-Руси:
Па јас не сум ни престанала со работа на проекти, претстави за деца. Дали се тоа драматизации на бајки, сказни или пригодни програми за Нова Година, за детската недела, за здравата храна, завршни претстави на Школата за драмски актери при општина Карпош, за одбележување јубилеи и сл. Секогаш ќе најдете повод или добра причина да создавате за децата, да ги забавувате, да ги едуцирате, воспитувате. Сметам дека е посложено затоашто, пред сè морате да направите точен избор на текстот, содржински прифатлив, на возраста прикладен, застапеност на дијалошка форма, употреба на литературен македонски јазик, внимателност при употреба на грди или непристојни/неприкладни зборови, чести драмски пресврти во дејството, воспоставување контакт публика-актер, откривање на поуката... има уште многу детали... па, одредено времетраење, музичко, сценографско и костимографско оформување. Знам само дека со децата ме спојува желбата за игра, па играјќи си со нив и јас успевам во забавното, да го вметнам едукативното. Овој начин го користам не само за театарски проекти туку и за ТВ. 

Тука ќе ја спомнам ТВ серија за деца “Дајте музика“, чија успешност е базирана токму на ваквиот период низ игра до сценско-музичка-балетска визуелизација, одличен прием кај детската популација и логично – продолжување на серијата. Мене оваа серија, морам да признаам, ми донесе слава, па и на децата – актери во неа. На концертите низ Македонија нè придружуваше и чуваше полиција, што за нас беше чудно, зашто ние само си пеевме, игравме и прикажувавме сцени од серијата. Ние актерите обично велиме – “живее на стара слава“, па така ова може да важи и за мене. Години после серијата “Дајте музика“, моето име беше препознатливо за детската популација и барано за водење на детски музички фестивали (Калинка, Златно злавејче, Плетенка, Пинокио) за содавање на новогодишни претстави за деца или на друг вид сценски прикази во театри, градинки,, ОУ, заедници.

Марили: На што работите во моментов, на кои претстави или проекти и кои се Вашите планови во иднина?
Коневска-Руси:
Само што здивнав од јубилејот на Лиле со ансамблот Танец во Македонската опера и балет, почнувам со подготовки за одбележување 70-годишен јубилеј на Црвениот крст на Град Скопје. Ова јубилеите како да ми станаа опсесија? Можно е, зашто посакувам и така настапувам, секое идно јубилејно одбележување на некоја институција или личност, да има свој специфичен знак и своја боја. Во меѓувреме течат пробите во МНТ на претставата Мајсторот и Маргарита во режија на гостинот од Русија – Иван Поповски. Потоа ме чека реализација на Драмскиот фестивал за лица со и без хендикеп “Игри без маска“ – театар без дискриминација на национално ниво, за што веќе правам обуки на лицата со посебни потреби, обука на ментори, дефектолози, координатори за подготовка на сценарио, драматизација, сè вклопено во проектот “Од игра - до претстава“. Чинам нема доволно време за сите овие активности, а веќе почнувам да мислам на друга? Не, нема да ги кажам идните планови, рано е...

Марили: Каква беше поддршката од Вашето семејство во сите овие години на работење и колку балансот помеѓу работата, домот и семејството е важен за успехот на една жена?
Коневска-Руси:
Ме натера да се замислам, но и да се запрашам обрнував ли јас доволно внимание на семејството, на сопругот, ќерката која растеше, како што вели и самата, со мајка која после три часот никогаш не е дома? Или е на претстава, на концерт, на некое гостување низ Македонија или во странство, или на подготовка на проект во друг театар во Струмица, Штип, Битола... на подолг врменски период. Имав ли доволно време за нивните прашања, проблеми? Пружав ли доволно љубов, поддршка со збор или со присуство? Знаев дома со часови да молчам после долготрајните проби и претстави во театарот. Многу новогодишни ноќи минале без мене а многу други деца забавите ги минувале со мене. Колку јубилеи на сцената – толку датуми, родендени пропуштени во домот. И веројатно затоа не сум очекувала јавно изразена поддршка од семејството за мојот позив, но ги паметам и драги ми се нивните ретки присуства на моите премиери, на кои пак мојата мајка беше најредовниот посетител. Велат дека балансот во работата, домот, семејството е формула за успех. Но, како да го постигнете, кога трчате да го омеѓите просторот за работа, да се докажете, да напредувате, да се едуцирате... Овој пат за изодување е многу потежок за една жена. Постојана борба и долгометражна трка. Се подредувате на професијата, зашто таа е нашиот живот, наша верна љубов. Театарот е нашето семејство.

Марили: Која е Снежана Коневска-Руси приватно, од каде се полните со енергија за творење?
Коневска-Руси:
Која сум јас беше главното прашање во јубилејниот концерт на нашата Лиле. Во ова интервју се проткајува ова прашање и за мене. Со минати преку 40 години активно уметничко творење на сцената, радиото, телевизијата, останувам другарка со децата, пријателка со пријателите, соработник со соработниците, борец со актерите, верна сестра на немоќната Нина, втора мајка на синовите Боби и Иван, строга мајка на ќерката Јана, сакана баба на внукот Павел и малата Саша. Од каде толку енергија во едно толку ситно суштество? Мојот пријател Дени од студиото Кларион, често вели – Снешка е вклучена на ураниум. Јас пак додавам – отровот се чува во мали шишенца, имам многу енергија вклопена во мал простор, која не ја чувам само за себе, туку ја раздавам на секое отворено, добронамерно срце.
 


Статијата е прочитана 4989 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско