Интервју со г-дин Михаил Гаревски, директор на „Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија“

Во моментот објектите кои се градат во Македонија се перфектни, и токму поради ригорозната контрола којашто ја имаме овде, мислам дека градиме најсигурна градба во целиот регион, да не кажам и во Европа.

МАРИЛИ: Почитуван господине Гаревски, Ви го честитаме добивањето на „Орден за заслуги за Македонија“ од претседателот господин Ѓорге Иванов, за Вашиот Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија со којшто раководите долги години. Што значи за Вас ова високо државно одликување?
ГАРЕВСКИ:
Секое признание значи многу. Институтот е афирмиран во Македонија, на поранешните простори на Југославија, и насекаде во светот. Има добиено повеќе награди 13 Ноемвриска, наградата „АВНОЈ“ во поранешна Југославија, што беше највисоко признание во тоа време. Сигурно дека за нас оваа награда значи многу, затоа што оваа е највисоката награда што ја дава претседателот на Републиката, а од друга страна тоа е награда од државата, а ние сме дел од неа. Значењето на истата е што е во годината кога правиме 50 години, па и овој орден стои во витрините на Институтот.

МАРИЛИ: Институт е амбасадор на научната работа на Република Македонија во светот, но и со огромна традиција во работењето за што бил наградуван и во поранешна Југославија, но и во странство. Набројте некои од наградите и наведете ги најголемите проекти и најголемите компании за кои сте изработувале сеизмички платформи.
ГАРЕВСКИ: Во минатото ја имаме добиено т.н. „Меркурова награда“, имаме награда од поранешиот претседател на Мексико, Мигуел Де Ла Мадрид, во 1985 година. Институтот многу често оди во мисии, во 1985 година се случи катастрофален земјотрес во Мексико поточно во градот Мексико, таму бевме еден месец сѐ со цел да се проценат штетите и да се даде насоки за идни мерки и подолгорочно што да се прави. Сме работеле со големи компании, но би ја истакнал компанијата „Сименс“, со која работевме долго време, дури имавме и еден протокол за заеднички настап. „Сименс“ работи на многу полиња, на полето на нуклеарни централи, дефинирање на сеизмички параметри и сеизмичност на одредени региони онаму каде што треба да се градат нуклеарни електрани, така што ние заедно учествувавме на неколку тендери. Соработувавме кога требаше да се оценуваат параметрите за нуклеарката на Черна Вода во Романија и слично. Друга компанија со која сме соработувале е „Хидро Квебек“, таа е најголем прозиводител на хидроенергија во Канада, во државата Квебек. Тие сакаат објектите да им бидат сигурни, па Канада неодамна, ја подигна сеизмичноста за еден степен,односно ги зголеми параметрите за проектирање. Ние речиси на сите нивни хидроцентрали, а некои од нив се најголеми во светот, вршевме мерење на нивните динамични карактеристики, тоновите форми, периодите, пригшувањата, имавме дури и еден модел сегмент од зид, на една позната хидроцентрала „Боарнуа“. Институтот имаше инструменти во нуклеарката „Козлодој“, бидејќи по прописи секоја нуклеарка мора да има инструменти за мерење силни земјотрес, за регистрација на земјотреси доколку се случат. Институтот ги беше инсталирал пред 20 години и континуирано секоја година одевме таму по 2-3 пати и дававме извештаи за евентуално регистрирани земјотреси, истото до неодамна го правевме и во нуклеарката „Кршко“. Сега, таму тоа го почнаа и нивните иституции и не сме присутни веќе. Пред две години го завршивме проектот за проценка на сеизмичкиот ризик на државата Арапските Емирати вклучувајќи го градот Абу Даби. 

МАРИЛИ: Дали некои од сегашните градежни инвеститори во Македонија, македонски и странски ги користат Вашите услуги?
ГАРЕВСКИ: 

Секако. Ние сме главни проектанти на поголем број капитални проекти во Македонија. Прво ќе го спомнам Милениумскиот крст, Македонскиот народен театар. Идејното решение за конзолата на Воинот на коњ го проектиравме ние, идејното решение за проект за Порта Македонија,главниот проект на мостот „Око“. Ревиденти сме на новата Филхармонија што што се гради, на Археолошкиот музеј, на арената „Филип Втори“, на турската Џевахир компанија и четирите 40-катници. Работевме ревизии и дефинирање на сеизмички параметри на подземна сообраќајница, која ќе трга некаде од НЛБ банката па завршува некаде на почетокот на влезот на општината Кисела Вода.
Институтот е единствена специјализирана институција од овој тип во Македонија, а би рекол и во Европа, можеби има уште една таква институција којашто е специјализирана, неколку се во светот, а Институтот е една од најстарите, можеби во Јапонија има неколку институци постара од нашата. Во Калифорнија има три институти слични на нашиот и со подобри перформанси со оглед дека Калифорнија е исклучително трусно подрачје, а во Аљаска се случил еден од најдолгиот земјотрес во светот којшто траел три минути. Нашиот Институт е постар и од овие во Калифорнија. Соработуваме со институтот во Беркли (формиран 1967), тој се вика “Earthquake engineering research institute”, со „John Blume“ – институтот (формиран 1970), а ние сме формирани 1965 г., како резултат на скопскиот земјотрес.

МАРИЛИ: Неодамна ИЗИИС одбележа 50-годишен јубилеј. Колку оваа стручна и научна институција помогна да имаме сеизмички градби, со оглед на тоа дека Скопје страдаше од катастрофален земјотрес?
ГАРЕВСКИ:
После скопскиот земјотрес во 1963 година, од страна на Обединетите нации е формиран т.н. консултативен одбор од експерти врвни во светот, коишто ги плаќаше ОН, особено Агенцијата за домување на ОН. Тука работеа 1-2 години, и ги поставија темелите за правилни урбанистички решенија. Тогашното Републичкото собрание, Градот и Владата го прифатија и создадоа Институтот. До пред скопскиот земјотрес нашите инженери не проектираа објекти сеизмички отпорни, така што немаше искуство во проектирањето. Идејата на Институтот беше да започне со првите магистерски студии во 1965 година на англиски јазик, беа први магистерски студии во Европа од областа на земјотресното инженерство. Првите професори експерти по земјотресно инженерство беа од Калифорнија, од Беркли, од од Лос Анџелес, од Кијото и од Токио. Институтот одигра фундаментална улога во обука и создавање на кадри експерти по земјотресно инженерство, и тоа се одрази позитивно понатаму на квалитетот на градбите во Македонија. Нашите инженери се навистина обучени и нивната филозофија на размислувањето, на проектирањето, е појдовно да се согледаат сеизмичките сили правилно и деталите на самите столбови да бидат онака како што треба според прописите. Институтот е заслужен за воведувањето на компјутерската техника, кон крајот на шеесетите, ги добиваме најсовремените компјутерски машини за тоа време. Денес, тоа не е така но тогаш тие чинеа многу. Потоа ја добивме најсовремената компјутерска машина ПДП од Америка, како и ВАКС машината, која во тоа време беа едни од нај брзите компјутери.

МАРИЛИ: Постои ли законска регулатива со која државните институции, но и приватниот сектор се обврзани да поседуваат стручни елаборати од Институтот за да можат да градат?
ГАРЕВСКИ:
Постои. После скопскиот земјотрес на ниво на град Скопје, имаше препорака да не кажам и закон, сите објекти да дојдат во Институтот на ревизија. Но, некаде кон крајот на 80-те почетокот на 90-те таа регулатива некако исчезна. Порано беа принудени да дојдат и ние да направиме динамички анализи, компаниите немаа компјутери и немаа соодветен софтвер. Нормално со појавата на персоналните компјутери имаше софтвер кој беше достапен на сите инженери, но тука е и ризикот, бидејќи земјотресното инженерство не е така едноставна наука. И значи негде до 90-те години доаѓаа голем број на проекти на контрола кај нас, и некои капитални објекти од државата. Но, морам да кажам дека сега, Владата или Министерството за транспорт и врски, од пред 2 години, во Законот за градба се воведоа измени, со што буквално секој објект во РМакедонија од најмал до најголем, независно дали е тоа брана, зграда, мост, резервоар, цевковод, потпорен ѕид, значи секој објект, за да може да добие градежна дозвола, неговиот проект доаѓа на контрола во Институтот и Институтот треба да даде позитивно или негативно мислење. Ако дадеме негативно мислење, во тој случај општините нема да му издадат градежна дозвола, и ние досега откога е на сила Законот имаме прегледано околу 3.100.000 м2 станбени површини, коишто се граделе во Македонија. Некогаш даваме забелешки па ги корегираат, сѐ додека објектот не биде перфектен од аспект на сеизмичките барања и параметри и тогаш издаваме позитивно мислење. За сите објекти кои се поголеми од 300 квадрати, инвеститорот е должен по закон двапати да го повика Институтот, во почетокот на градба на конструкцијата како што популарно се викам карабина. Во моментов објектите кои се градат во Македонија се перфектни, и токму поради оваа ригорозна контрола којашто ја нема во овој регион, мислам декаградиме најсигурна градба во целиот регион, да не кажам и во Европа. Во филзофијата на проектирањето е зградата, да не смее да падне, односно да нема жртви, а оштетувања ќе има за некој катастрофален земјотрес. Значи сите овие новите објекти, во последните две години бидејќи правиме контроли, ми се чини дека скопскиот земјотрес ќе го издржат буквално на шала.

МАРИЛИ: Што е со овие објекти на Водно што се градат?
ГАРЕВСКИ:
Граѓаните се вознемирени затоа што се нарушува екологијата, се одзема дел од природата, а и од аспект на земјотрес претпоставувам. На Водно има еден дел којшто е да кажам насипан дел, депозит, но има еден вид исто т.н. лапорт тоа е цврст материја, и карпи има некаде. Претпоставувам дека проектантите одат на ниво на фундирање на објектите на тврд материјал, доколку е тоа направено, нема никаков ризик ниту за објектот, ниту за целото тоа брдо. Таму каде што има депозит на материјал, ние го викаме основна карпа каде што земјотресот тресе и после брановите се шират по тој депозит, стигнуваат на површината, под основата се зголемува силината на земјотресот. Овде на Водно, тоа е парадокс за обичните луѓе, акцелерацијата е помала. Односно, ако секаде акцелерацијата долу е еден, горе е еден и пол, на фундирана карпа како што е на Водно, нема ниту еден према еден акцелерација, и дури се поповолни објектите кои се фундираат на основниот материјал, основната стена, и тогаш нема никаква опасност.

МАРИЛИ: Вие сте врвен стручњак, за што говори Вашата импозантна биографија, и истовремено учествувате во бројни интернационални научни проекти, кажете ни дали Република Македонија е усогласена сеизмички со земјите од регионот, и дали постои подготовка за сеизмичка безбедност?
ГАРЕВСКИ:
Има европски прописи, т.н. евро кодови, тие не се само за земјотресно инженерство, туку воопшто за градежништвото, има еден дел се вика евро код 8. Македонија и Институтот работат на воведување на овие евро кодови, ми се чини дека од догодина ќе успееме таму кон крајот на 2016 година, паралелно да ги воведеме евро кодовите. Јас сум и претседател на консултативниот комитет, во Заводот за стандардизација токму за евро кодовите. Се работи на воведување, на усвојување на националните параметри, и Институтот негде до крајот на оваа година треба да го донесе новото сеизмичко сондирање коешто треба да биде компатибилно со начинот на претставување на тие сеизмички зони. И овие прописи не се лоши, последните измени беа од 1987 година, направени по примерот и прописите на американските компании. Некаде во 2018-19 година, ќе треба да постојат единствени прописи, тоа ќе бидат европски прописи.

МАРИЛИ: Вие сте научник со бројни научни трудови, ја водите и Катедрата за магистерски и докторски студии од Вашата област на УКИМ. Кажете ни каков е интересот за оваа научна дејност и наоѓаат ли овие стручњаци ангажман во Република Македонија?
ГАРЕВСКИ:
Како што реков, магстерските студии се со најдолга традиција во Македонија и во регионот, ние во минатото сме имале многу суденти од целиот регион, особно за магистарски студии сме имале студенти од Грција, Бугарија, од целиот регион на Југославија. Во последно време имаме многу студенти од Албанија, Косово, и голем интерес има од студентите од Македонија. Нашите стручњаци и магистранти наоѓаат работа секаде во светот и можат лесно да се запишат и да напредуваат и на повисоките студиуми. Има околу 20-тина луѓе коишто работеле во Институтот, па отидени се по светот и се многу успешни, во Австралија, во Канада, во Англија, во Нов Зеланд, во Словенија, во Хрватска. Имавме можност да го водиме најпознатиот „КАДАК“ курс кој го финансираше холандската влада 26 години. Курсот траеше 3 месеци и со него обучивме околу 512 студенти, од 74 земји, така што имаме професори по целиот свет, или советници на влади и сл.

МАРИЛИ: На кои значајни проекти работите во моментов во Македонија и во странство?
ГАРЕВСКИ:
Работиме со една компанија „Герп“ од Германија, една од најдобрите во Европа, континуирано на усовршување на нивни производи, коишто ги тестираат на нашата сеизмичка платформа. Имаме неколку билатерални проекти со Кина, со градежните факултети во Харбин и во Далијан, се работи еден билатерален проект со Градежниот факултет со Осијек. Бевме многу успешни во Нато проекти, тоа е од програмата „Наука за мир“, но сепак ние сме главно ориентирани кон наука, а не само кон апликација бидејќи во спротивно, ќе трпи науката. 

МАРИЛИ: Кои современи достигнувања од Вашата област би морала Република Македонија да ги имплементира, со оглед на трусното подрачје и бројните природно-климатски промени што се случуваа во изминатиов период?
ГАРЕВСКИ:
Скопјаните имаат изградено култура за квалитетна градба, бидејќи за жал имавме неодамна катастрофален земјотрес, се случил пред 50 години и сѐ уште во нашите глави стои тој земјотрес и ние секогаш прво кога ќе купуваме стан, размислуваме дали е тој сеизмички сигурен. И тоа е добро што сѐ уште стои во нашите мемории, и се предава од генерации, и добро е што некогаш ќе потстресне земјотрес да нѐ потсети дека земјотресите овде постојат. Земјотресите не можат да се предвидат, релативно локациите им ги знаеме Скопје, Валандово, Дебар, но временски не можат да се предвидат. Земјотресите се поврзани со раседите, тоа се пукнатини помеѓу два блока, помеѓу две карпести маси коишто се јавиле илјадници години наназад, во Македонија можат да бидат долги и по 100 км, а во Турција анадолски расад е долг 1200 км, во Калифорнија има исто така 1200 км долг расед. Значи земјотресите се секогаш поврзани со тектонските пореметувања, и со тектониката на плочите, немаат никаква врска со поплавите, бидејќи тие многу подлабоко се случуваат, хипоцентрите се многу подлабоко, особено докажано е дека немаат врска со поплавите, но и со многу други феномени. Тоа сѐ уште не е доволно докажано, и некогаш кога ќе се случи земјотрес, се јавуваат кај нас во паника, слушнале дека во 3 часот ќе има земјотрес. Тоа ние не можеме да го предвидиме. Значи, тоа се лажни информации, никој сериозен научник не може да каже кога ќе се случат, уште помалку во колку часот ќе се случи земјотресот. Значи, граѓаните не треба да бидат подложни на такви информации.

МАРИЛИ: Вашата богата научна и стручна работа говори дека и во РМ се создаваат врвни кадри и светски стручњаци. Што ќе им порачате на младите - како да ги градат своите кариери, колку љубов, верба и истрајност им треба за да бидат успешни во својата професија?
ГАРЕВСКИ:
Јас воопшто не мислам дека надвор е многу поубаво од овде, дури и обратно - ако сте на релативно добра позиција. Ние имаме овде и добри универзитети, науката е нешто најубаво, ако човек има афинитет кон тоа да се занимава со истражување, не постои поголемо задоволство. Нормално дека треба некое ниво на финансиски инпут, којшто ќе даде не луксузен живот, но комотно да се живее и да се посветиш на науката. Нити овде нити во светот, науката нигде не е платена посебно, и оној што се одредува за наука, треба да знае, а и такви се и луѓето, тие се најчесто заљубеници во тоа што го работат и парите не им се битни, но велам, мора секој да има некој не минимум, туку така, релативен стандард. За жал, младите заминуваат, мислат дека платите се многу повисоки, услови за истражување, но јас секогаш велам, со исклучок на оние експериментални истражувања. Ние не сме толку богата држава да даваме големи пари за скапи експерименти. Тоа треба да се остави на богатите држави, а денес фала богу има публикации кои се достапни, и ние тие експериментални резултати може да ги искористиме за доразвивање на нашите аналитички техники, аналитички методи, значи, истражувањата во помалите земји треба да одат, по мене, во тој правец. Ние не сме богати за големи експерименти, за големи тестови. Тоа може да го прави Јапонија, Америка, Кина... Овде во Македонија има буквално идентични услови за истражување, во поле на аналитика, нумерички техники, нумерички методи во која било област каде што може да се развиваат во најголемиот дел.
 


Статијата е прочитана 3690 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско