Брокерот е бесплатен адвокат за секој клиент

Интервју со Виолета Поп Василева, сопственик на Нов осигурителен брокер во кое зборува за нејзиниот пат во осигурителниот бизнис, ја објаснува работата на едно осигурително брокерско друштво и улогата на брокерот, предноста еден клиент да се обрати на брокерско друштво, а не на осигурителна компанија, но и за тоа што е се потребно за да се биде успешен менаџер.

МАРИЛИ: Вие сте дел од осигурителниот бизнис долги години и со големо искуство, па за нашите читатели накратко да наведеме во кои големи осигурителни компании сте работеле и зошто одлучивте да формирате сопствено брокерско друштво? 
ПОП ВАСИЛЕВА:
Во осигурителниот бизнис се вклучив од 2004 година, но и вкупната моја кариера до тогаш е во сферата на финансиите и банкарството. Во 2004 година се приклучив на тимот на „Макошпед Осигурување“ како извршен директор, со план на тогашните инвеститори заедно со тимот да направиме развој на оваа осигурителна компанија која наредната година го славеше својот десет годишен јубилеј од основањето. Во 2008 година дојде до промена на сопственичката структура на осигурителната компанија и „Макошпед Осигурување“ кога беше ребрендирана во „Евроинс Осигурување“ согласно називот на новиот сопственик „Евроинс Иншуранс Груп“, дел од Холдингот „Еурохолд“ од Бугарија.
Работата во една осигурителна компанија е интересна, одговорна и со многу предизвици во правилен развој со политика за усогласување на сите фондови за сигурност на компанијата заради сигурност на нејзините клиенти на долг рок согласно законскатата регулатива во супервизијата на осигурувањето.
Работата во брокерско друштво за посредување во осигурување значи лиценца за соработка со сите осигурителни компании за неживотно и животно осигурување кои се регистрирани во нашата држава. Согласно ова и ориентираноста на брокерот да ги штити интересите на клиентот и да работи со негово овластување, значи преку брокерот клиентот да има достапност до сите услови и тарифи на сите осигурителни компании за да се избере најдобрата негова заштита и оваа работа на брокерот за клиентот е без надомест кон брокерот. Брокерот е надворешен дистрибутивен канал на осигурителните компании и е награден согласно договорените услови за соработка со секоја осигурителна компанија.
Оваа функција на брокерот беше предизвик за мене за да продолжам во осигурителниот бизнис понатаму за заштита на клиентите кога една осигурителна компанија не секогаш може да одговори на барањата на клиентите, а исто така клентите не се секогаш во можност да ги проверуваат сите понуди од сите осигурителни компании, па тоа може да го направат наједностгавно само преку својот брокер.

МАРИЛИ: На кој принцип работат брокерските друштва и што се може да се осигурува преку нив?
ПОП ВАСИЛЕВА:
Брокерските друштва се акционерски друштва регистрирани од страна на Агенцијата за супервизија во осигурувањето (АСО) со лиценца за соработка со сите осигурителни компании за неживотни и животни осигурувања. Ова подразбира дека буквално сите видови на осигурувања од сите осигурителни компании се достапни и можат да се направат со посредување на осигурително брокерско друштво.
Во случаите каде што се работи за доброволно осигуравање по барање на клиентот, брокерот може во негово име да побара повеќе понуди од осигурителните компании заради споредба на условите - висината на покритијата, поволности и цени, за да му предложи на клиентот која од тие понуди одговара на неговото барање согласно условите за осигурување по кои работи секоја осигурителна компанија. Ова е особено важно за да се има во предвид врз кои параметри ќе биде решавана евентуална идна штета која би можела да настане.
За задолжителните осигурувања, како авто одговорност и зелена карта, каде што е лимитирана цената на осигурувањата согласно Законот за безбедност во сообраќајот, може дирекно да се направи полиса во осигурутелната компанија во која ќе побара клиентот, но, сепак, и во тој случај брокерот ќе го советува клиентот за неговите обврски и права по осигуран случај и ќе му помогне и ќе посредува во осигурителната компанија ако тој е оштетен од друг во сообраќајот за да ги оствари правично своите права за надомест на штета.

МАРИЛИ: Која е предноста еден клиент да се обрати на брокерско друштво, а не на осигурителна компанија?ПОП ВАСИЛЕВА: Во врска со сите предности што ги има клиентот кога осигурувањето го прави преку овластено брокерско друштво постојат многу предности, многу непознаници, премногу конфузија која ја прави самата продажна мрежа на осигурителните компании како дирекна продажба и сето тоа заради големата конкуренција на малиот македонски пазар на осигурување. 
Основна разлика кога се прави осигурувањето преку брокер е контакт само со еден човек и за добивање полиса од сите осигурителни компании. Така, истиот човек е лице контакт во случај кога клиентот има штета. Во осигурителните компании вработениот во продажната мрежа е само контакт за продажба и доколку него му се јават неговите клиенти за настаната штета, тогаш тој ги препраќа во секторот за штети кај други лица според организацијата на компанијата.
Брокерот му посредува на клиентот и за продажба, но тој за својот клиент е повторно линк и стручна поддршка за да го оствари своето право за надомест на штета. Брокерот ова посредување го прави без паричен надомест и ова ретко кој од клиентите го знае додека не дојдат во контакт за осигурување, или, со други зборови брокерот за клиентот е „адвокат без пари“.
Причина за ваквата дезинформираност на клиентот е многу често и самата продажна мрежа на осигурителните компании кои ги убедуваат клиентите дека кога треба да избираат помеѓу брокер–посредник и дирекно да купат полиса во некоја од компаниите, ќе им биде поевтино да бидат осигурани дирекно во осигурителна компанија. Но, уште поголема причина е неоранизираната реклама за улогата на брокерите во осигурувањето пред пошироката јавност. За ова осигурителните компании немаат интерес, додека, пак, брокерските друштва поединечно не располагаат со големи буџети за рекламни кампањи.

МАРИЛИ: Каде се имате свои претставништва и со колку големи домашни и странски осигурителни компании работите?
ПОП ВАСИЛЕВА: Дирекцијата на Нов Осигурителен Брокер е во Скопје, од каде што се прави поддршка на вкупната продажна мрежа во Скопје и тоа на две локации - во едната на техничкиот преглед за возила Америт –Македонија Сообраќај и другата на спротивната страна на градот, на патот кон населбата Пинтија. Додека надвор од Скопје подружници на брокерското друштво има во Прилеп на техничкиот преглед за возила „Прва Прилеп“ и во другиот нивни технички преглед во Алданци, на патот за Крушево, во Делчево во техничкиот преглед за возила „Автовозач-Фер“, во Штип во новиот технички преглед за возила „Ауто Ехперт“, во Желино, Тетово и сега во Брвеница, во близина на нов технички преглед за возила, во Кавадарци во центарот на градот и на граничниот премин Богородица, каде што работи и менувачница на ново формираната фирма на Нов Осигурителен Брокер – НОБ Фреш. Тимот таму е со големо искуство и работи во турнус 24/7 во текот на годината.
Нов Осигурителен Брокер има мрежа на свои соработници – промотори и во останатите места каде што нема регистрирани подружници и на тој начин има свое учество на пазарот на осигурување.

МАРИЛИ: Колку, според Вас, постојат вистински стручњаци во осигурувањето кај нас и дали за тоа треба многу доедукации и големо работно искуство?
ПОП ВАСИЛЕВА:
Осигурувањето, како дејност има своја традиција во нашата земја и ако во минатото пред Законот за приватизацијата на опшествената сопственост постоеше само државната ЗОИЛ Македонија и подружницата на Дунав од Београд – „Вардар“ , денес има 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања во приватна сопственост и скоро сите со странски капитал, 5 осигурителни компании за животно осигурување , 40-ина брокерски друштва, 16 друштва за застапување во осигурување кои работат со една осигурителна компанија и многу лиценцирани физички лица кои доаѓаат во контакт со клиентите. 

Според Законот за супервизија во осигурувањето надлежна е Агенцијата за Супервизија која врши надзор над работењето на сите регистрирани субјекти кои вршат дејност осигурување.
За обавување на дејноста осигурување потребна е едукација и искуство кое постојано треба да се надградува во согласност со потребите на клиентите за обезбедување на ризикот во работењето и на сите ризици во секојдневниот живот. Според состојбата во нашата држава постојат доста стручњаци кои можат да се стават во ред со сите останати експерти од странство кои имаат зад себе долга традиција во осигурувањето и можат да го пренесат своето стекнато знаење и искуство. Некои од нив кои сум ги сретнала во моите контакти во минатото велат дека никогаш нема крај на можните ризици и од таму и надградбата на знаењето во осигурувањето треба да биде постојана.

МАРИЛИ: Дали може едно брокерско друштво да посредува при големи осигурителни зделки со глобални компании од индустријата, авиотранспортот и сл. ?
ПОП ВАСИЛЕВА:
Брокерското посредување надвор од нашите простори во Европа и светот е со многу поголема традиција во споредба со состојбата кај нас и претежно функцијата на продажбата таму е пренесена на брокерите, додека осигурителните компании се повеќе сконцентрирани на нови продукти и решенија за покритија на ризиците со кои се соочуваме во секојдневниот живот. Кадарот во брокерските друштва потекнува од осигурувањето, со искуство кое е на задоволително ниво за да може преку своето знаење да направи квалитетна поддршка на клиентите во правилен избор на осигурителни покритија во согласност со ризиците кои може да предизвикаат потенцијални штети. Оттаму, брокерите може да бидат вклучени кај клиенти без разлика дали се тоа физички лица, мали или големи компании од индустријата, до тие и најголемите од авиотранспортот. 

МАРИЛИ: Какви се Вашите искуства со животното осигурување кое станува тренд во нашето општество?
ПОП ВАСИЛЕВА
: Животното осигурување е поспецифично и поразлично од осигурувањето на неживот, каде осигуреници се само физички лица и е засновано, освен за заштита од ризиците поврзани со животот на лицата, така и на штедењето како компонента во обезбедувањето на финансиската слобода во иднината на луѓето. Според ова и продажните техники се поразлични, почнувајќи од самиот пристап кон клиентите од оние во неживотното осигурување.
Кај нас кадарот е со искуство и знаење од неживотно осигурување, а веќе имаме вклучено во тимот и колеги со искуство од практикување на животно осигурување, што ќе продолжи како пракса и во идниот период . Исто така нашите постоечки кадри од продажбата беа вкучени во обуки за животно осигурување и на техниките на неговата продажба со некои од осигурителните компании со кои како брокерско друштво имаме склучени договори за соработка.
На нашите простори има неколку докажани брокерски друштва во сферата на животно осигурување со значителни резултати, каде нивниот акцент е ставен превенствено во овој дел од осигурувањето како што ние го имаме ставено акцентот првенствено на неживотното осигурување. 

МАРИЛИ: Бевте една од најуспешните жени менаџери во манифестациите на агенција „Марили“ и сте член на МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ, па сметате ли дека успешноста на менаџерот е поврзана со неговите лични квалификации, способности, карактер, а не само со искуството и со големината на компанијата со која менаџира?
ПОП ВАСИЛЕВА:
Моето мислење е дека за да се биде менаџер потребно е да се има предиспозиции за тоа, а за да се биде добар менаџер потребна е соодветна едукација и дополнителни обуки кои можат да се применат во донесување на одлуки што е основа во системот на менаџмент. Познавањето на дејноста и работата која треба да се организира секогаш е предност за секој еден менаџер за да може да направи подобра организација на работите и работните задачи, што е основа за поефикасно работење, постигнување посакувани резултати и на крај, потврдување на менаџерот за неговата успешност. Без разлика дали се работи за мала или за голема компанија, техниките се исти за постигнување добри резултати од работењето.

МАРИЛИ: Вие сте и семејна жена. Која е Вашата пасија што Ви го исполнува слободното време и што Ве релаксира?
ПОП ВАСИЛЕВА:
Во слободно време, што поретко може да се најде во текот на работната недела но почесто се случува во текот на викендите, барем еден ден избирам некаде да прошетаме заедно со сопругот, почесто надвор од Скопје, без разлика во кој правец, но секогаш ова ми помага да се тргнам од секојдневните обврски. Понекогаш промената на средината помага од друг агол да се погледне кон некоја работа што е важна, а во текот на неделата или не се гледа правилна разрешница, или неправилно сме го поставиле решението.
 

 


Статијата е прочитана 2688 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско