Интервјуа

Интервју со Г-дин Горан Гаврилов, сопственик и генерален менаџер на радиото „Канал77“

Нашата визија не е завршена и по 25 години. Следејќи ги технолошкиот развој и дигитализацијата на глобално ниво, ние се трансформираме во радиовизија, радио со нови медиуми и социјални мрежи, а процесот ќе го заокружиме со телевизија што ќе биде дел од интегриран систем со мултимедијална платформа. Во Мултимедијалниот центар Канал 77 ги имаме сите инфраструктурни предусловиза тоа, а едукацијата на вработените и на нашите клиенти се одвива во таа насока. Времето на аналогната технологија помина и ако сите учесници во медиумскиот простор не ги следат промените, ќе заминат од етерот како аналоген сигнал. Нашата мисија останува иста, верни на нашата слушателска публика, на нашите читатели, а во иднина и на гледачите, без кои нашата работа би била бесмислена.

среда, 28 септември 2016

МАРИЛИ: Господине Гаврилов, на почетокот на октомври годинава ќе го прославите роденденот на Вашето радио, 25 години од работењето на Канал 77, првото приватно радио во Република Македонија. Кажете ни нешто повеќе за почетоците, за идејата да отворите приватен медиум?
ГАВРИЛОВ:
По распаѓањето на Југославија почетокот на деведесеттите години беше пресуден за промените во информирањето и за транзицијата на општествените во приватни медиуми. Имаше обезбедено предуслови да се регистрираат приватни медиуми според Законот за јавно информирање на Југославија. Кога на телевизија ја слушнав веста дека тоа е можно, иако целата процедура не можеше да се реализира докрајот, односно да се добиецелосна дозвола, решив да ја искористам шансата и да пробам да отворам приватен медиум.
Мојата визија беше да ги ангажирам оние новинари од мојата генерација што немаа работа и кои не можеа да се вклопат во државните медиуми и заедно да стигнеме до целта. Првите шест месеци сите работеа за минимална плата, но со огромен ентузијазам. Со тоа дојдовме до успех и го привлековме вниманието на јавноста бидејќи од првиот ден произведувавме вести и наша цел беше да направиме балансирано информирање наспроти државните медиуми. Секако дека бевме прогласени и за државни непријатели и веднаш почнаа со инспекции, со затворање на радиото, дури и опремата ни беше запленета. Ни беше укажано дека нема да имаме проблемиакоемитуваме само музика, но да се емитуваат вести на приватен медиум-е тоа не може така.
Оваа борба траеше до 1997 година кога станавме прв легален концесионер на национално радио на територијата на Република Македонија.

 

МАРИЛИ: Колку беше напорно успешно да се развива приватен медиум со оглед на сите промени што настанаа во нашето општество во изминативе две и пол децении и сепак да се постигне раст и развој? Денес сте сместени во Мултимедијален центар, кажете ни што се опфаќа овој центар?
ГАВРИЛОВ: 
Верувале или не за оваа точка потребни ни се најмалку раскази во три тома, бидејќи во услови на политичка и општествена традиција со недефиниран пазар и учесници на пазарот беше вистинско чудо да се одржиш во етерот на Макеоднија со основната замислена идеја –НЕЗАВИСНОновинарство.
Многумина од моите колеги од тоа време се откажаа, се приклучија, се приклонија, го избраа полесниот пат, за некој тоа е многу профитабилно, а за некој е само слава-да ѝ служи на дејноста. Но публиката знае да препознава. Нашиот народ е многу едуциран и знае да препознае што е реалност или, како што самиот вели, „што држи вода“. Но најважен фактор од сѐ се луѓето, тие што се дел од тимот и со желба да истраат во поставената визија и мисија.
Студиото на Канал 77 е сместено во Мултимедијалниот центар Канал 77 во Штип, но, исто така, имаме студио и во Скопје. Мултимедијалниот центарКанал 77 претстaвува современ мултифункционален објект чија основна намена е да послужи за најразлични едукативни, промотивни, културни, интелектуални, образовани и забавни потреби. Мултимедијалниот центар Канал 77 располага со: конгресна сала, промо-сала, лоби-бар, апартмани, ресторан „Радио кафе Канал 77“, сопствен паркинг-простор, детско катче и фитнес-сала.Сите услуги, можности и капацитети на Мултимедијалниот центар може да ги видете на нашата веб-страница http://www.radiocafe.com.mk/ или на фејсбук-страницата на „Радио кафе Канал 77“ https://www.facebook.com/radiocafekanal77/?fref=ts. Ве покануваме на гости.

 

МАРИЛИ: Вие важите за еден од најголемите познавачи во сферата на радиодифузијата во Р. Македонија, но и во југоисточна Еропа. Добитник сте на меѓународни награди, но и покрај тоа дома ве сметаат за самобендисан. Па, колку според вас, вистинските вредности кај нас се препознаваат и покрај нашиот балкански менталитет?
ГАВРИЛОВ:
Човек треба да се стреми да го работи тоа што најдобро го умее и го знае, да не престане со доживотно учење и да ги прифати сите предизвици што ќе се најдат пред него. Мислам дека за нашата професија е потребно теоретско образование од областа на општествените науки и комуникологијата и ако се дополни со практика и со способности да ја научите и технологијата на работа, компетентноста е неизбежна. За себе можам да кажам дека сум основач на приватна фирма од 1986 година, меѓу првите што се во регистрирани во Апелациониот суд Штип, во време на СФР Југославија. Никогаш не сум работел во државна фирма ниту, пак, за друг работодавец. Можеби затоа Ви се чини дека сум самобендисан, но јас би рекол дека улогата да бидеш лидер, а не само раководител, мора да се одигра докрај. Правило е секој добар менаџер прво да научи да каже не, односно многу е лесно кога се кажува да. Во регионот на Југоисточна Европа работевме многу проекти и ги одржувавме сите контакти со медиумите од поранешна Југославија и од Балканот, а ме интересираат движењата на пазарот во нашиот регион бидејќи тие се рефлектираат и во Македонија. Нашиот македонски пазар е многу мало делче од европскиот и од глобалниот простор.

 

МАРИЛИ: Може ли, според вас, денес во услови на силен пробив на интернетот и телекомуникациите радиото како медиум да ја задржи својата популарност и слушаност - што вие како радио правите во таа смисла?
ГАВРИЛОВ: Уште пред 10 години почна процесот на синергија на телекомуникациите и радиодифузијата, исто така, започна и процесот за дигитализација на аналогните фреквенции. Беше јасно дека класичните медиуми не може да бидат исти како во 90-тите години и дека новите медиуми ќе имаат свој простор во јавноста. Со појавата на новите медиуми никогаш не згаснуваат старите, на пример: телевизијата не го уништи радиото, радиото не го уништи весникот, туку доаѓа до промена на навиките на публиката и на дистрибуцијата на содржината. Иднината е во интегралната редакција што веќе ја прави Канал 77, така што содржините што се обработени на еден начин се дистрибуираат на радио, а пошироките содржини со фотографија и текст одат на веб и видео. Радиото сè уште има перспектива, но под услов да произведува содржини, да биде интерактивно, да забавува и да информира. Новите медиуми се еднонасочни и лични, а радиото е медиум што е до тебе, тоа е магија што ја сакаш или не ја сакаш. Во сите развиени земји радиото сè уште доминира бидејќи луѓето имаат малку слободно време и постојано се во движење и слушаат радио. Ќе мора да ги едуцираме младите генерации да ги консумираат сите медиуми еднакво и да не бидат зависни од интернетот.


МАРИЛИ: Неодамна воведовте нова платформа позната како „Ноќен експрес“ на Канал77, па кажете ни што претставува таа и колку за почеток сте задоволни од оваа новина?
ГАВРИЛОВ:
Нашата нова технологија е „Радиовизија“ што е дел од интегрираната редакција да произведува видео, аудио, текст и фотографии што ќе бидат дистрибуирани преку радио, веб-портал и одредени секвенции на видео ќе се емитуваат преку терестријални телевизии. Со „Радиовизија“ имаме две емисии, едната е „Стадион“ што е во етерот на Македонија 25 години и најновата е ноќното ток-шоу „Ноќен експрес“. Интеракцијата на публиката овде ја користиме преку радиото, социјалните мрежи, новите медиуми, на различни локации во Македонија и од студиото Штип и од студиото Скопје. Ова претставува голем предизвик за нас бидејќи ја учиме новата технологија и го надградуваме радиото со други медиумски форми што не се прават во Македонија. За разлика од некои станици што емитуваат програма само со една фиксна камера, нашата „Радиовизија“ има комплетна ТВ-опрема и посебна видеорежија. Јас лично сум задоволен од овој старт и планираме да произведеме уште програми што ќе бидат наш нелинеарен сервис.

МАРИЛИ: Каде вие ја гледат иднината на медиумите во Р. Македонија, а посебно на радиото како значаен сегмент во пополнувањето на етерот во нашата земја?
ГАВРИЛОВ:
Медиумите во Македонија се во сериозна економска криза, а уште поголема криза е кризата на вредностите и мисијата на самите медиуми. Пред неколку години мислев дека професијата и медиумската заедница се на дно, но ние во Македонија знаеме да кажеме дека имаме повеќе дна и ова е последното дно на пропагандното новинарство и синергијата на медиумската власт со судската, законодавната и извршната власт. Полошо е од социјализмот. Зошто го велам ова? Па, ако не се отстранат метастазите во медиумската индустрија, ако не се прочисти етерот со одговор на едноставното прашање кој смее да има медиум и во каква релација да биде со другите фактори на власта, ќе можеме да го кажеме рецептот за здрава медиумска индустрија. Меѓународната заедница, конечно, потврди дека во Македонија има премногу медиуми, сите сме сиромашни, нема доволно пари за добра продукција и сигурни плати и затоа сме лесен плен на политичарите. Покрај тоа, стопанството е во голема криза и кај голем број субјекти постои страв од рекламирање поради притисок од власта, некои го прават тоа од чисто полтронство кон власта, но има дел што си го гледа својот економски интерес во соработката со медиумите за да огласува и ние живееме од таа категорија луѓе. На една конференција во Скопје изјавив дека на македонските медиуми им треба „ресет“, исто како да ресетирате компјутер што повторно ќе го подигне виндоусот. Тука ќе се појават сите багови и нечистотии. За да се почне одново и ако сакаме професионална медиумска индустрија, би требало да се отвори нов конкурс на кој ќе се пријавиме сите и во транспарентна постапка, како што велат во Штип, „да се видиме кои сме и што сме“. Радиото има место во оваа медиумска индустрија, но, сепак, би рекол дека локалните радија и локалните телевизии имаат послаба перспектива бидејќи нивната улога беше да информираат за локалната заедница. Приматот за таа улога овде го преземаат новите медиуми и граѓанското новинарство. Националното радио Канал 77 има своја посебна мисија како музичко радио со претежно информативен карактер.


МАРИЛИ: 
Постојано внесувате новини, па дали повторно планирате нешто во блиска иднина, нешто со што ќе го одржите приматот на најавангардно радио во Р.Македонија?
ГАВРИЛОВ: 
Нашата визија не е завршена и по 25 години. Следејќи ги технолошкиот развој и дигитализацијата на глобално ниво, ние се трансформираме во радиовизија, радио со нови медиуми и социјални мрежи, а процесот ќе го заокружиме со телевизија што ќе биде дел од интегриран систем со мултимедијална платформа. Во Мултимедијалниот центар Канал 77 ги имаме сите инфраструктурни предусловиза тоа, а едукацијата на вработените и на нашите клиенти се одвива во таа насока. Времето на аналогната технологија помина и ако сите учесници во медиумскиот простор не ги следат промените, ќе заминат од етерот како аналоген сигнал. Нашата мисија останува иста, верни на нашата слушателска публика, на нашите читатели, а во иднина и на гледачите, без кои нашата работа би била бесмислена.

 

МАРИЛИ: Можете ли за нашата читателска публика и за Вашите слушатели да ја откриете програмата што ќе ја направите по повод роденденот на Вашето радио и дали ќе има некакви изненадувања? 
ГАВРИЛОВ: 
Дваесет и петгодишнината како јубилеј ќе ѝ ја посветиме на нашата публика преку етерот, но имаме намера да направиме забава што никако нема да биде прием, туку тоа ќе биде дружба на која на едно место ќе ги собереме медиумската заедница, домашните и меѓународните организации, секакои политичарите, нашите клиенти и партнери, нашите вработени и соработници.
Ќе им бидат доделени признанија и награди на наистрајните и на најзаслужните за маратонот од 25 години. По ова почнува нов маратон од 25 години, па здравје да прославиме и 50 години.

 

 

 

 


 

Содржината е прочитана 3573 пати.