Култура

Дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо

Во рамките на долгогодишниот проект во Програмата на Владата на РМ и на Министерството за култура, „Дигитализација на аудиовизуелното наследство“, во 2016 година се пристапи кон дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо.

вторник, 27 септември 2016

Во рамките на долгогодишниот проект во Програмата на Владата на РМ и на Министерството за култура, „Дигитализација на аудиовизуелното наследство“, во 2016 година се пристапи кон дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо.

Дигитализацијата и дигиталната реставрација на играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“ се одвиваат во Загреб, Хрватска, а стручни соработници на Кинотеката на Македонија веќе отпатуваа во Загреб за да ги допрецизираат процесот и динамиката на работа со лабораторијата АЦДЦ (Центар за аналогна и дигитална конверзија) во која се изведува дигитализацијата. Во лабораторијата ќе се изведат ултрасонично чистење, скенирање во 2К, автоматска и рачна реставрација и колор корекција и ќе се изработат дигитална копија за архивирање на ЛТО-лента, како и ДЦП (дигитална копија за прикажување), ХД-верзија и ДВД-копија.

Процесот на дигитализација трае шест месеци, така што во првата половина од идната година овие шест нови дигитализирани наслови од опусот на филмскиот режисер Бранко Гапо ќе бидат издадени на ДВД.

Во рамките на овој долгогодишен проект, почнувајќи од 2011 година, беа дигитално реставрирани и дигитализирани филмовите на браќата Манаки, опусите на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски, како и филмовите „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Жед“ на Димитрие Османли (односно вкупно 15 играни филмови, 4 документарни и два краткометражни играни филма, како и колажот од филмови на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки).

 

 

Содржината е прочитана 359 пати.