Култура

Македонска премиера на „Соларис“ во МНТ

По светската премиера на „Соларис“ во јуни на фестивалот „Виенер фествохен“ во австриската престолнина, претставата во режија и драматизација на светски познатиот Андриј Жолдак вечер ќе има и македонска премиера на сцената на Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот.

понеделник, 26 септември 2016

По светската премиера на „Соларис“ во јуни на фестивалот „Виенер фествохен“ во австриската престолнина, претставата во режија и драматизација на светски познатиот Андриј Жолдак вечер ќе има и македонска премиера на сцената на Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот.

Претставата раскажува за човек кој се бори со своето минато, гревови и фантазии. Во еден момент од животот добива шанса наречена Соларис при што го доживува најстрашниот кошмар и има можност да се изгуби повторно.

- Тој преминува во алтернативно постоење, паралелна реалност, во која се соочува со различни значења во неговата психа: Реја, девојче, неговата свест, Соларис и нешто што не може да се именува. Верзијата на претставата „Соларис“ на Жолдак е визуелен театар, медитација на темата за човечката осуда и спасение. Таа е одење по јаже, на кое на едниот крај е реалноста, а на другиот фантазијата. Јажето – клопчето на Аријадна во лавиринтот – е составено од сеќавања за љубовта и загубата. Оваа претстава е оригинална и базирана на еден концепт кој во голема мерка се разликува од оној на Лем или на Тарковски, информира МНТ.

Во актерската екипа се: Дејан Лилиќ, Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Славиша Кајевски, Арна Шијак, Софиа Насевска-Трифуновска, Драгана Левенска и децата Дарио Ефтимовски и Калина Трипкова. Тие играат во простор кој е решен сценографски, со видеопроекција и камера во живо.

Сценографијата и дизајнот на светлото се на Моника Пормале и Андриј Жолдак, костимите и видеоконцептот на Даниел Жолдак, а автор на музиката е рускиот композитор Владимир Кликов.

Светската премиера на „Соларис“ во Виена беше на 10 јуни на „Виенер фествохен“ (Wiener Festwochen) – престижен фестивал кој е и копродуцент на нашиот театарски проект. Претставата пред виенската публика имаше уште две изведби, на 11-ти и 12 јуни во комплексот Музеумквартирс (MuseumsQuartiers-MQ).

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 332 пати.