Култура

Наградата „Љубе Цветановски 2016“ за Венцислав Ристов

Наградата „Љубе Цветановски 2016“ на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Европска филмска, театарска и танцова академија - Скопје му е доделена на младиот македонски синеаст Венцислав Ристов за филмот „Виа Македонија“ во продукција на Канал 5.

вторник, 20 септември 2016

Наградата „Љубе Цветановски 2016“ на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Европска филмска, театарска и танцова академија - Скопје му е доделена на младиот македонски синеаст Венцислав Ристов за филмот „Виа Македонија“ во продукција на Канал 5.

Одлуката за најдобар документарно-креативен филм ја донесе жирито во состав: Диме Ратајкоски, претседател, Мишо Нетков и Гоце Цветановски - членови, избирајќи го „Виа Македонија“ од 10 пријавени филмови.
- Наградата што го носи името на Љубе Цветановски, легендарен македонски документарист, оваа година ја понесе овој потресен филм, за мигрантската криза во Република Македонија, соопшти Универзитетот за аудиовизуелни уметности.

Наградата ќе му биде врачена на Ристов на првиот академски час на Универзитетот, утре во 11.30 часот во салата на Кинотека на Македонија. Истиот ден ќе биде прикажан и филмот „Европа мојот идентитет“ кој го работеа студенти на ЕСРА со нивни колеги од повеќе европски земји.

Како што соопшти Универзитетот, на академскиот час ќе биде доделена и специјалната награда на меѓународното жири на НЕТА (Нова европска театарска акција) од 24. Мегународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, на студентите на класата на проф. Мето Јовановски.

(Преземено од МИА)


 

Содржината е прочитана 317 пати.