Култура

Зијах Соколовиќ - лауреат на 24. ФКТ „Ристо Шишков“

Босанскиот актер Зијах Соколовиќ е годинашниот лауреат на 24.Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица кој заврши завчера. Актерот познат како „крал на монодрамата“ го доби медалјонот со ликот на Шишков и парична награда од 1.500 евра.

среда, 14 септември 2016

Босанскиот актер Зијах Соколовиќ е годинашниот лауреат на 24.Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица кој заврши завчера. Актерот познат како „крал на монодрамата“ го доби медалјонот со ликот на Шишков и парична награда од 1.500 евра.

Струмичката публика имаше можност да го види како дел од претставата „Мечка“ во десет сцени за џез трио работена по текст на Чехов. Претставата е подготвувана една година, а на штиците што живот значат во ист состав се игра 20 години наназад. Соколовиќ моментално работи на Факултетот за драмски уметности во Австрија, а за него оваа награда значи многу.

- Ова што го прави фестивалот во чест на големиот актер зборува за тоа дека актерството има своја бесконечност, а тоа што јас како актер ја добив оваа награда нема крај и ова за мене е почеток на еден нов актерски живот. Немав чест да го запознаам Шишков додека играв претстави во Македонија, но оваа награда од актер за актер е совршенство, рече Соколовиќ.

Смета дека за да биде успешен, денешниот актер треба пред се да посвети на театарот, да биде близок кон гледачите без разлика дали е на сцена или на телевизија.

- Се повеќе актери денес се посветуваат токму на таа комуникација со публиката. Денешниот актер треба да биде најнапред образован, не само да биде физички поготвен да пее да игра и да зборува повеќе јазици, туку и толку добро едуциран да своите лични способности ги претвара во различни средства кои се потребни за режијата на претставата. Неговата замисла и интелегенција требда да бидат средство за појава пред јавноста, додаде Соколовиќ.
Посебното жири на НЕТА додели и други награди. наградата за млад актер ја доби Милош Пејовиќ, за улога во претставата „Адам и Ева“, за современ сценски израз награден беше Димитар Ѓеорѓиевски, за улога во претставата „Обѕирни се во гнев“. Награда за машка улога беше доделена на Зоран Караиќ за улога во претставата „Перикле“, за женска улога се Ирмена Чичикова, за улогата во претставата „Нирвана“. Награда за колективна игра заврши во рацете на актерската екипа од претставата „Перикле“.

Режисерот Мартин Кочовски за претставата „Човекот кој не знаеше да каже не“, ја доби наградата за современа интерпретација. Наградата за режија и за претстава доби режисерот Слободан Унковски за претставата „Солун град на духови“ со која беше заокружено ова издание на фестивалот. И специјална награда за дебитантски настап им е доделена на студентите од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТТА Скопје, од класата на проф. Мето Јовановски.

На фестивалот за камерен театар, во конкуренција беа 14 театарски претстави со околу педесетина актерски остварувања од повеќе земји на Балканот.

(Преземено од МИА)


 

Содржината е прочитана 373 пати.