Интервјуа

Интервју со г-ѓа Елена Антоновска Едизер, генерална менаџерка на „Лукс Интегра“ - Скопје

Суштински личниот развој се сведува на тоа да се познавате себеси, да се прифатите такви какви што сте за да можете во крајна инстанција да се промените и да се трансформирате. Промената почнува од себе, па промената на околностите и на другите луѓе ќе следува како резултат на личната промена. Во целиот тој процес развиваме вештини, флексибилност и емпатија, а, всушност, тоа и ја прави разликата.

петок, 02 септември 2016

МАРИЛИ: Госпоѓа Антоновска Едизер, како генерална менаџерка како би ја претставиле„Лукс Интегра“?
АНТОНОВСКА ЕДИЗЕР:
Првенствено би рекла дека „Лукс Интегра“ е резултат на еден сон што се осмеливме да го реализираме во формата во која постои денес. Таа е плод на мојот пионерски дух, богатото животно искуство и постојаното вложување енергија, време и знаење од прекрасниот тим.
Инспирирана од луѓето, животот и од предизвиците што тој ги носи, дури и нејзиното име е сеопфатно, па го опишува животот како една целина, ја опишува „Лукс Интегра“ како место каде што личноста се враќа кон/на себеси и повторно станува потполна и цела. Идејата е да ги опфатиме сите аспекти на една личност (физичко, емоционално, ментално, духовно, енергетско) и на тој начин да ги инспирираме, мотивираме и да ги поддржиме сите оние што сакаат да работат на себе, на својата промена и на самоспознавањето.
Кај нас владее сфаќањето дека секоја личност е посебна и различна и треба индивидуално да ѝ се пристапи, такашто сметавме дека е потребно во работата да вклучиме многу различни вештини и методи, меѓу кои секој би си го нашол својот пат. Па,така, иако оригиналниот назив е „Lux Integra - Coaching & Self Development“, популарно нè нарекуваат „Лукс Интегра“ - Центар за личен развој, поради тоа што кај нас, од една страна, можете да сретнете нови, невообичаени и помалку познати вештини, а, од друга страна, веќе проверени и светски применувани вештини.
Притоа, ако ја погледнете дефиницијата за личен развој што вели:
„Личниот развој покрива активности што ги унапредуваат свесноста и идентитетот, ги развиваат талентите и потенцијалите, градат човеков капитал и го зголемуваат вработувањето, го подобруваат квалитетот на животот и придонесуваат за реализација на соништата и аспирациите. Личниот развој не е ограничен на самопомош, а концептот вклучува формални и неформални активности за раст и развој на другите, каде што во процесот може да биде вклучен предавач, водич, советник, менаџер, коуч или ментор, како и практика и истражување. Кога личниот развој се применува во контекст на некоја организација, тој се однесува на методи, програми, алатки, техники и системи за процена што го поддржуваат развојот на личноста на индивидуално ниво“. – извор „Википедија“
Ќе забележите декасекоја друга област што вклучува развој (на пример, професионален развој), всушност, е само гранка од личниот развој. Ова ни дава широчина во пристапот, опфаќа голема целна група од која не се исклучени ни бизнис-ориентираните. Развивањето на животните вештини има директно влијание и врз која било друга област од животот. На крајот на краиштата, сите ние сме првенствено луѓе, а потоа вработени, менаџери, сопственици итн.

МАРИЛИ: Со кои методи, едукации и вештини може да се здобијат Вашите клиенти и што би можеле да ни кажете за нив?
АНТОНОВСКА ЕДИЗЕР:
Тие вклучуваат групни и индивидуални активности, а се однесуваат на животни и на професионални вештини (оваа поделба е направена чисто терминолошки заради разбирањето и поделбата што е направена кај целните групи).
За оние што сакаат да направат исклучива поделба, сите методи и дисциплини што се работат во „Лукс Интегра“ се занимаваат со осветлување на несвесното, на различни начини и пристапи, но би ги поделиле на источни и западни, или холистички и бизнис- ориентирани.
Во работата на „Лукс Интегра“ се вклучени некои од следниве методи: коучинг по програмата на Ериксоновиот колеџ од Канада (Solution Focused Coaching), НЛП, коучинг по PCM (Process communication Model),психотерапија, анализа на соништа, нехипнотичка регресија, медитација, холотропско дишење, Бачови цветни есенции, Реики метод, Pranic Healing, ЕФТ (техника на емоционална слобода), Wingwave® - коучингитн. Овој разновиден микс од дисциплини овозможува директно и многу брзо да се допре до основата и до длабочината на личноста, а на процесот на промена да му се даде поддршка и дополнителен поттик. Читателите можат подетално да се информираат за секоја дисциплина на нашата интернет-страница.
Луѓето што доаѓаат сè уште преферираат индивидуални сесии поради дискретноста, вниманието што му се посветува на клиентот и специфичниот пристап, додека групните активности имаат исклучиво едукативен карактер и ги оспособуваат клиентите во свои раце да ја преземат одговорноста за својот живот и да работат на себе. Големо значење имаат предавањата што ги организираме за широката јавност што обработуваат широк спектар на теми, од состојбите на модерното време до древните знаења. Овие предавања имаат информативен карактер и нивна цел е да ја подигнат свесноста кај луѓето за една поинаква перспектива на животот од онаа што ни ја нуди денешницата.
И, секако, последна, но не и помалку важна, е бизнис-ориентацијата на „Лукс Интегра“ што опфаќа бизнис-ориентирани обуки и методи, исклучиво наменети за компании и за развивање професионални вештини од областа на комуникацијата, менаџментот, лидерството, емоционалната интелигенција, софтскилсот, коучингот, НЛП итн.,односно се опфаќаат околу 30 различни обуки. Секоја од овие обуки е уникатна во стилот, знаењето и во вештината што се предава поради нашиот интегриран пристап.

МАРИЛИ: Дали сметате дека современитезападни методи што и Вие ги применувате во Вашите обуки се базираат врз мудроста и знаењето на древните источни култури?
АНТОНОВСКА ЕДИЗЕР:
Сметам дека сè е поврзано и дека денешните и древните знаења носат заедничка порака и имаат заедничка суштина. И тоа, би го проширила прашањето, не само на древните источни култури туку на сите древни култури. Нивната мудрост допира длабоко и го објаснува функционирањето на самиот живот. Нè поттикнува да размислуваме за човековите вредности и за начините како навистина да ги живееме во секојдневието, на сите полиња.
Сите развојни вештини се засноваат врз себеспознавање и усовршување (self-awareness & self-management) за потоа да бидеме способни да ги спознаваме другите, а и да ги менаџираме односите со нив (others awareness & relationships management). Впрочем, успехот во бизнисот е категорија во која во најголем процент влијаат односите со луѓето и соработката со нив.
Без оглед од кој аспект пристапувате, кој метод го применувате или која терминологија ја употребувате, суштински личниот развој се сведува на тоа да се познавате себеси, да се прифатите такви какви што сте за да можете во крајна инстанција да се промените и да се трансформирате. Промената почнува од себе, па промената на околностите и на другите луѓе ќе следува како резултат на личната промена. Во целиот тој процес развиваме вештини, флексибилност и емпатија, а, всушност, тоа и ја прави разликата.

МАРИЛИ: Што е најсовремен тренд во Вашите едукации, секако, преземено од развиените центри во Европа и во светот, што ги поврзува духовноста, успехот и лидерството?
АНТОНОВСКА ЕДИЗЕР:
Како што напоменав, ние применуваме еден вид интегриран пристап во сè што работиме. Спојувањето на старото и новото, модерното и древното, на еден практичен и секојдневен начин, всушност, несакајќи се совпадна и со моменталните светски трендови на аплицирање на духовноста во компаниите.
Зборувајќи со јазикот на бизнисот, моментално е актуелно лидерството, особено женското и вештините што го развиваат. Ако направите споредба меѓу овие две категории – духовност и лидерство – ќе забележите дека ставките што ги карактеризираат, генерално, се исти. Се базираат врз вистински вредности, флексибилност, емпатија, прифаќање на различностите, автентичност, индивидуалност. Ја промовираат динамиката на еден систем, соработката, односите со другите, заедницата, постојаното учење и усовршување. Акцентот е ставен на човековиот капитал, внатрешната состојба на индивидуата, свесноста, интуицијата, холизмот. Како резултат на сето ова, неминовен е успехот.
Па, не можам да му се оттргнам на впечатокот дека, всушност, се враќаме назад на корените и на она што е суштински важно. Цивилизацијата и интелигенцијата веќе не се репер за човештвото, туку стануваат актуелни, посуптилни, подлабоки знаења. Од еден механички пристап преминуваме на почовечки помек пристап, по што веројатно ќе настане комбинација од овие две крајности. Тоа ни дава огромна предност и, веројатно, нашето време допрва доаѓа, иако ние веќе сметаму.
На јазикот на духовноста, умот му отстапува место на срцето за да можат да функционираат заедно, а и да придонесат за едно поголемо општо добро.

МАРИЛИ: Дали она што го промовирате како Ваша визија и мисија преку едукациите и тренинзитешто ги реализирате Вие го живеете и лично?
АНТОНОВСКА ЕДИЗЕР:
Јас сум обична девојка што живее необичен живот, но не само необичен туку и извонреден. Кога еднаш ќе навлезете во овој чудесен креативен свет на раст и развој, нема враќање назад. А и немате друг избор, освен да продолжите понатаму.
Моја карактеристика е тоа што јас мора прво нешто да пробам на своја кожа, да го изучам, а потоа да им го препорачам на другите, можете да замислите како изгледа тоа. Учењето и новите нешта ми се страст, а животот е постојано учење. Па, така, јас секојдневно се занимавам со тоа што го работам и постојано откривам нови нешта. Откривањето се однесува и на работата, на другите луѓе и,се разбира, на себеси.
За да ги разберете другите и да допрете до нив на каков било начин имате одговорност постојано да работите на себе, да се развивате и да се унапредувате. Да ги градите и да гиоткривате својата автентичност и индивидуалност. Постојано се менува начинот на којќе го направите тоа, а можам да кажам дека ми е достапенпоголем дел од тоа. А потоа да се тргнете себеси од нивниот пат како секој добар коуч и да им овозможите да се развиваат на свој начин.
Од друга страна, пак, длабоко верувам дека нема многу корист од прибирањето знаење што не го применувате во практиката, во секојдневниот живот. А бидејќи животот постојано се случува, имаме огромно поле за вежба и учење нови лекции, а една од најголемите е адекватна на слоганот на една наша кампања -„Слободата доаѓа однатре“ - како да се ослободиме од нашите внатрешни ограничувања, да бидеме тоа што сме, да ја пронајдеме смислата и да го живееме животот со страст. Класична приказна за патувањето на еден херој. 

МАРИЛИ: Какви планови иматеза блиска иднина, со кои новини планирате да ги запознаете своите постојанислушатели, но и да привлечете нови?

АНТОНОВСКА ЕДИЗЕР:Досегашната практика ни покажа дека соработката со професионалци од различни области како гости предавачи или практичари дава плод, такашто ќе го задржиме тој тренд и ќе го збогатиме со нови методи и личности што не се застапени на нашиот простор. Динамика ни е барем еднаш во месецот да имаме екстерни предавачи од различни области.
Сите планови водат кон експанзија во регионот и пошироко и веќе се реализираат според очекуваното. Тоа се однесува и на холистичката и на бизнис-гранката на „Лукс Интегра“, со присуство и одржување обуки во балкански рамки.
Во ноември нè очекува и втората регионална конференција за личен развој во Скопје, на која повторно ќе има интересни теми, предавачи и работилници. На нејзината организација ќе почнемеда работиме во следниот период.
Ссекако, планираме и да ја прошириме листата на дисциплини што се практикуваат во „Лукс Интегра“ со нови содржини на кои веќе се работи, но за тоа во некоја друга пригода.


 

Содржината е прочитана 2770 пати.