Култура

Премиера на „Пеги Пикит го гледа лицето на Бог“ на Турски театар на 2 и 3 септември

Претставата „Пеги Пикит го гледа лицето на Бог“ од Роланд Шимелфенинг на 2 и 3 септември на сцената на Театарот Комедија премиерно ќе ја изведат актери од НУ Турски театар. Претставата е во режија на Ивана Ангеловска.

четврток, 01 септември 2016

Претставата „Пеги Пикит го гледа лицето на Бог“ од Роланд Шимелфенинг на 2 и 3 септември на сцената на Театарот Комедија премиерно ќе ја изведат актери од НУ Турски театар. Претставата е во режија на Ивана Ангеловска.

Приходот од влезниците кои се продаваат по цена од 100 денари ќе биде наменет за поплавените подрачја во скопскиот регион.

Директорот на НУ Турскиот театар, Атила Клинче денеска на прес-конференција истакна дека и за оваа претстава ќе биде обезбеден превод на македонски јазик.

Ангеловска рече дека Шимелфенинг е германски современ автор чии претстави многу се играат во Европа, а Турскиот театар како и секогаш како репертоарски потег ги следи театарските случувања во Европа.

- На 2 и 3 септември ќе ја отвориме и сезоната, а воедно и премиерно ќе биде изведена претставата, посочи Клинче.
Режисерката Ангеловска рече дека текстот на авторот е дел од африканската триплогија, што значи напишан е по нарачка и е еден обид да се отвори еден глобален проблем односно проблемот на Африка.

Посочи дека претставата е длабоко интимна приказна за две брачни двојки кои во своите 30 години се разделуваат и избираат комплетно различни насоки во животот.

- По шест години се среќаваат и на таа нивна средба доаѓа до судир на целиот нивен поминат живот, на изборот кој го направиле...Пробавме да донесеме на сцена два света: светот на западното општество и светот на Африка. За мене Африка може да биде и тука кај нас, за мене Африка е секоја земја која се соочува со болести, со смрт, со војна и сметам дека текстот е многу денешен, истакна Ангеловска.

Појасни дека двете двојки во судир една со друга ги отвораат токму овие прашања. - Тие на крајот на денот се несреќни од она што го направиле во животот, посакуваат да го имаат животот на другиот пар и се соочуваат со невозможни дилеми и одлуки, додаде Ангеловска.

Драматург и асистент на режија е Ивана Нелковска, која рече дека идејата им била во Македонија и во Турскиот театар да донесат еден современ текст, кој Шимелфенинг го има напишано во 2013 година, да бидат во тек со она што се случува на светската драмска сцена и да ги донесат новитетите на светската драматургија.

Актерката Несрин Таир, која ќе настапи во улогата на Лиз во претставата, истакна дека претставата кажува многу и за дезориентираноста на самиот човек во светот и на дезориентираноста на актерите во театрите.

- Освен глобалниот проблем кој го има целиот свет со тоа што се случува во Африка, можете приказната која им се случува на двете двојки и тоа што тие си се бараат во нивните успеси или неуспеси, да си ја побарате секој сам интимно во себе, додаде Таир.

Во претставата настапуваат и Осман Али во улогата на Франк и Ерман Шабан во улогата на Мартин. Сценограф е Дарко Ристевски, а костимограф Марта Трендафилова.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 394 пати.