Култура

Промоција на „Но-уи“, нов роман на Лидија Димковска

„Но-уи“ е насловот на новиот роман на авторката Лидија Димковска, што ќе биде промовиран вечерва во клубот „Ла кања“ во Старата скопска чаршија.

вторник, 30 август 2016

„Но-уи“ е насловот на новиот роман на авторката Лидија Димковска, што ќе биде промовиран вечерва во клубот „Ла кања“ во Старата скопска чаршија.

Се работи за нејзино трето прозно издание, по „Скриена камера“д од 2004 година и наградуваниот „Резервен живот“ од 2012 година (Европска награда за литература, Стале Попов на ДПМ).

Промотори на новиот роман, во издание на „ИЛИ-ИЛИ“ ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Ристо Лазаров.
Лидија Димковска (1971, Скопје) завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија. Преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.

Досега објавила шест поетски збирки и два романа. За својата поезија ги има добиено германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“ и европската награда за поезија „Петру Крду. Била номинирана и за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“. За двата свои романа двапати ја добила наградата „Стале Попов“ на ДПМ, како и Наградата за книжевност на Европската унија.

Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на антологијата на современата словенечка поезија и на антологијата на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“.

Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот.
(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 343 пати.