Култура

Метални патеки за заштита на објектите во Хераклеа Линкестис

НУ Завод и Музеј-Битола, национална установа што стопанисува и се грижи за античкиот локалитет Хераклеа Линкестис почна со поставување метални патеки за движење на туристите при посета на објектите во тој локалитет.

четврток, 25 август 2016

НУ Завод и Музеј-Битола, национална установа што стопанисува и се грижи за античкиот локалитет Хераклеа Линкестис почна со поставување метални патеки за движење на туристите при посета на објектите во тој локалитет.
Според директорот на Битолскиот Музеј, Зоран Алтипармаковски, новите заштитни мерки се стандардни и се применуваат во многу локалитети низ Европа и затоа одлучиле во Битола да го применат тамошното искуство.

- Во Хераклеа досега на посетителите им беше овозможено да се движат по ѕидовите на откриени објекти бидејќи не се многу високи, а како практика се применувала долго време. Ние одлучивме тоа да го забраниме и го забранивме заради поголема безбедност на посетителите и пред се заштита на ѕиодвите и мозаиците. Сега сите посетители ќе се движат по јасно утврдени патеки, посочени со патоказна табла. Освен забраната за движење по ѕидовите, строго забрането е газње по мозаичните површини со што ќе се спречи нивното оштетување. Новопоставените патеки се метални и водат до сите мозаични површини, појасни Алтипармаковски.

Од НУ Завод и Музеј-Битола информираат дека од утре во Хераклеа Линкестис ќе почнат активности на Малата Базилика во која ќе бидат вградени посебни материјали за нејзина реставрација и заштита, набавени од Италија и Франција.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 386 пати.