Култура

Уреден изложбениот простор на Природонаучниот музеј, се реконструира амфитеатарот, ќе се обновуваат депоата

Целосно санирање и уредување на изложбениот простор е направено во Природонаучниот музеј на Македонија, во тек е уредување на амфитеатарот кое треба да заврши до крајот на септември, а идната година во рамки на проект од програмата на Владата ќе се реализира проект за обнова на депоата во таа институција.

среда, 24 август 2016

Целосно санирање и уредување на изложбениот простор е направено во Природонаучниот музеј на Македонија, во тек е уредување на амфитеатарот кое треба да заврши до крајот на септември, а идната година во рамки на проект од програмата на Владата ќе се реализира проект за обнова на депоата во таа институција.

Сите овие инвестициски зафати за техничко-технолошко осовременување на Природонаучниот музеј, кое се одвива во неколку фази, се реализираат со средства од Министерството за култура.

Природонаучниот музеј денеска го вчера министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која на средбата со директорот на таа институција, Ивица Заркадов, се запозна со активностите кои се одвиваат околу реализација на голем број проекти во рамки на одбележувањето на јубилејот 90 години од неговото основање на 26 октомври.

- Станува збор за една од најстарите институции од областа на културата која оваа година одбележува 90 години од основањето и функционирањето. Во рамките на одбележувањето на овој голем јубилеј кој се планира од страна на институцијата во периодот од 25 до 27 октомври ќе се преземат низа активности, изјави Канческа Милевска.

Природонаучниот музеј, посочи министерката, покрај својата музејска дејност има и научно-истражувачка дејност, има лаборатории, посебни одделенија каде ги обработуваат сите материјали и кои помагаат во таа научна-истражувачка и институцонална дејност.

Нагласи дека во рамки на институцијата има музејска поставка која се простира на 1.400 м2 на два спрата, каде може да се погледнат над 4.000 поставени експонати.

- Инаку, институцијата поседува над 300.000 експонати кои се наоѓаат во нејзиното депо. Тука се обработуваат посебни области од геологијата, флората, фауната, а посетителите можат сето тоа да го видат. Нешто што беше исклучително значајно за самата институција беа неколку проекти кои се наоѓаат во програмата на Министерството за култура. Првиот проект кој е целосно завршен е целосно санирање и уредување на изложбениот простор каде има тематски изложби, истакна Канческа Милевска.

Директорот на Природонаучниот музеј, Ивица Заркадов рече дека се една од најголемите установи кои имаат најголеми поставки на Балканот.

- Моментално ваков Природонаучен музеј со вакви музејски поставки нема на Балканот. Инаку, со средства од Министерството за култура успеавме да реновираме некои простории и нормално да функционираат некои тематски изложби кои сега ќе се реализираат. Очекуваме гости од странство. Нашите поставки се во повеќе одделенија и се поделени. Депоата ги одржуваме. Следната година со обновувањето ќе имаме современи депоа како сите светски музеи, додаде Заркадов.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 361 пати.