Интервјуа

Интервју со госпоѓа Рената Кутера Здравковска, менаџер на НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ - Скопје

Најважен настан со кој Спомен-куќата ќе ја обележи канонизацијата на нашата патронка ќе биде изложбата со наслов „Madre Teresa - Santa di Skopje, Santa del mondo“ што ќе биде отворена на денот на канонизацијата на 4.9.2016 година во црквата „Св. Станислав“ во центарот на Рим. На изложбата ќе бидат прикажани животниот пат и мисионерското дејствување на Мајка Тереза, преку фотографии, документи и наративен текст придружен со нејзини мисли.

понеделник, 22 август 2016

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Кутера Здравковска, главен мотив да го направиме ова интервју е големиот настан што ќе се случува на 4 септември во Ватикан, кога Мајка Тереза ќе биде прогласена за светица. Кажете ни како се подготвуваме ние во РМ за овој голем чин од аспект на историски, религиски и културни настани, значајни за нашата земја?
КУТЕРА ЗДРАВКОВСКА:
Јас би го нарекла 4.9.2016 година историски ден бидејќи првпат нашата сограѓанка Агнеза Гонџа Бојаџиу, позната во светот како Мајка Тереза од Калкута, ќе биде прогласена за светица. Во пресрет на овој историски чин Македонија подготвува цела програма на религиозни, културни, научни настани во организација на повеќе црковни, владини и државни институции, под наслов „Денови на света Мајка Тереза“. Деталите за оваа програма, во која секако е вклучена и Спомен-куќата, ќе дознаете на прес-конференцијата што е предвидено да се одржи на 26.8.2016 година (годишнина од раѓањето на Мајка Тереза), во организација на Скопската бискупија и Комисијата за односи со верските заедници. Најважен настан со кој Спомен-куќата ќе ја обележи канонизацијата на нашата патронка ќе биде изложбата со наслов „Madre Teresa - Santa di Skopje, Santa del mondo“ што ќе биде отворена на денот на канонизацијата на 4.9.2016 година во црквата „Св. Станислав“ во центарот на Рим. На изложбата ќе бидат прикажани животниот пат и мисионерското дејствување на Мајка Тереза, преку фотографии, документи и наративен текст придружен со нејзини мисли. На изложбата ќе биде прикажан и документарен филм од посетите на Мајка Тереза на Скопје во 1978 и во 1980 година. Изложбата ќе трае две недели, а финансиски е поддржана од Министерството за култура на РМ. Во рамките на програмата на „Денови на света Мајка Тереза“, Спомен-куќата ќе биде средиште на црковни чествувања во организација на Католичката црква во Скопје. Спомен-куќата ќе го организира и веќе познатиот т.н. „Круг на хуманост“, акција за собирање монети донирани од граѓаните, со кои ќе се оформи круг околу Спомен-куќата, а собраните средства ќе се донираат во хуманитарни цели. Исто така, за децата од основните училишта ќе биде организирана работилница на која децата ќе создаваат ликовни творби инспирирани од хуманитарната работа на нашата патронка.

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за читателите на нашиот портал, особено за помладата популација, која била Мајка Тереза? На што го посветила животот, колку била почитувана во светот, наградувана и врз база на што е прогласена за светица, односно како се направени беатификацијата и канонизацијата?
КУТЕРА ЗДРАВКОВСКА:
Како што повеќето знаат, Мајка Тереза е родена во 1910 година во Скопје, во угледното семејство Бојаџиу. Во родниот град ги поминала пресудните години за формирање на една личност, детството и младоста, активно учествувајќи во црковниот живот на црквата „Пресвето Срце Исусово“. Како млада девојка пишувала поезија, свирела на мандолина, пеела во црковниот хор, учествувала во театарски претстави подготвувани за верски празници и за други пригоди. На возраст од 18 години, кога решила својот живот да му го посвети на Бог и да им помага на сиромашните, го напуштила Скопје и ги оставила најблиските, не знаејќи дека никогаш повеќе во животот нема да се сретне со својата мајка и сестра. Од Скопје, преку Загреб и Даблин, заминала за Калкута, каде што го поминала животот. Поради ова во целиот свет е позната како Мајка Тереза од Калкута, но ние ја користиме секоја пригода за да потенцираме дека таа е родена во Скопје и како што рече нејзиниот биограф Лео Масбург - Скопје не претставува само биолошка, туку и духовна колепка на Мајка Тереза. По пристигнувањето во Калкута работела како учителка по веронаука и географија во училиштето „Лорето“, кое го посетувале млади девојки од повисоките касти, а подоцна станала и директорка на училиштето. Но при крајот на 40-тите години на минатиот век Мајка Тереза секојдневно на улиците на Калкута се соочувала со стравотни последици од војната: стотици илјади бездомници што умирале на улиците на Калкута и исто толку бегалци, сирачиња и болни лица. Во овие тешки моменти Мајка Тереза, повторно водена од Бог, одлучила да основа нов католички ред што ќе помага и ќе се грижи за „најсиромашните меѓу сиромашните“, наречен Мисионерки на милосрдието. Својата мисионерска работа ја почнала со една од своите поранешни ученички, Субашини Дас, а потоа и се придружиле и другите ученички. Со текот на времето редот се проширил и во другите градови во Индија, а потоа и надвор од земјата. 

Овој католички ред, основан од Мајка Тереза, денес е распространет на сите континенти, поточно во 132 држави во светот, а брои повеќе од 5.000 сестри и 1.500 браќа. Во текот на својот живот, а и постхумно Мајка Тереза добила околу 700 награди, одликувања, признанија, благодарници, а, секако, најважна е Нобеловата награда за мир што ѝ е доделена во 1979 година во Осло и засега е единствен нобеловец што е роден во Скопје. Меѓу другите поважни награди би ги издвоила: наградата „Темплетон“, наградата „Балзан“, Барат Ратна (Скапоцен камен) на Индија, Претседателски медал за слобода од САД, Медал на честа од кралицата Елизабета Втора и неколку титули Doctor Honoris Causa од повеќе престижни универзитети во светот. За почитта кон хуманитарните остварувања на Мајка Тереза сведочат и нејзините средби со многу познати личности од XX век: кралицата Елизабета Втора, принцезата Дајана, Жак Ширак, фамилијата Кенеди, Роналд Реган, Индира Ганди, Далај-лама, Јасер Арафат и други. Хуманитарните активности на Мајка Тереза секако биле почитувани и поддржувани од Католичката црква, а по нејзината смрт папата Јован Павле Втори го почна процесот за нејзина беатификација и канонизација. Во 2003 година заврши најкраткиот процес на беатификација во поновата историја на црквата и Мајка Тереза беше прогласена за блажена. Во декември 2015 година со одлука на папата Франциско беше завршен процесот за канонизација, со што на 4.9.2016 година Мајка Тереза официјално ќе биде прогласена за светица, иако таа беше нарекувана светица уште додека беше жива.

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за мисионерското дејствување на Мајка Тереза.
КУТЕРА ЗДРАВКОВСКА:
Како што кажав и претходно, Мајка Тереза го основала редот Мисионерки на милосрдието што се грижи за најсиромашните меѓу сиромашните. Првата куќа за згрижување на смртно болни бездомници што ја отворила во Калкута е наречена „Нирмал Хридај“ (Чисто срце). Во 1955 година го отворила и домот за деца без родители „Шишу Баван“.
Соочена со огромен број болни од лепра, кои се на маргините на општеството, а од кои се откажале дури и најблиските, Мајка Тереза го основала специјалното село Шанти Нагар, каде што се згрижувани лепрозните. Нејзината мисија постепено се ширела и во другите градови на Индија, а од 1965 година и надвор од границите на земјата, при што биле отворени центри во кои, исто така, се згрижувани смртно болни, бездомници, деца без родители, самохрани мајки итн. Со појавата на болеста СИДА, чумата на XX век, заедно со принцезата Дајана во 1985 година во Њујорк го отворила првиот хоспициум за згрижување на болни од СИДА.
Од ова произлегува дека Мајка Тереза спасила илјадници животи, служејќи им ним и на Бога.


МАРИЛИ: Во Скопје, родниот град на Мајка Тереза, во 2009 година е подигнат единствениот музеј што ѝ е посветен на оваа исклучителна жена. Како менаџер на музејот, кажете ни што може да се види во него и со што може да се запознаат посетителите?
КУТЕРА ЗДРАВКОВСКА:
Точно во 2009 година, во пресрет на 100-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, Македонија најде најсоодветен начин да ѝ се оддолжи на својата најпозната граѓанка, така што го отвори засега единствениот музеј што ѝ е посветен на нашата светица. Спомен-куќата не само што ги оправда, туку и ги надмина очекувањата во однос на посетителите на нашиот музеј, кои секојдневно доаѓаат од сите страни на светот и ѝ оддаваат почит на Мајка Тереза, без оглед на нивната национална и верска припадност. Во галерискиот простор на Спомен-куќата преку фотографии, документи и лични предмети е прикажан животот на Мајка Тереза од нејзиното детство и младост поминати во Скопје, мисионерската работа, посетите на Скопје, па до нејзиниот погреб и беатификацијата. Музејот е горд што меѓу експонатите се наоѓа и автентично сари на Мајка Тереза што, според црковните канони, се третира како реликвија од втор степен. На горниот кат се наоѓа капела од каде што посетителите можат да ги упатат своите молитви преку организирани свети миси или индивидуални молитви со присуство на светите миси организирани од Католичката црква во Скопје. Капелата во Спомен- куќата прераснува во своевиден санктуариум, односно задолжително место за посета во рамките на т.н. религиозен туризам.

МАРИЛИ: Дали имате информации колку туристи поминале во текот на изминативе години низ оваа Спомен-куќа, од каде доаѓаат туристите и какви се нивните предзнаења за големата хуманистка?
КУТЕРА ЗДРАВКОВСКА: По отворањето на Спомен-куќата, во просек, годишно ја посетуваа околу 60.000 лица, но со текот на годините бројот на посетители на Спомен-куќата се зголемуваше и, според нашата евиденција, досега во неа биле околу 800.000 туристи. Често имам навика да ја прегледам книгата на впечатоци и често си го поставувам прашањето како овие добронамерници од Костарика, Никарагва, далечниот Владивосток, Ерменија, Аргентина, Бразил, Перу и други стигнале во Македонија. Лично имам впечаток дека во седумте книги на впечатоци ќе најдеме импресии од посетители од сите држави во светот.

МАРИЛИ: Дали има сувенири што може да се купат и да останат како спомен за сите посетители на оваа куќа? Дали има и сувенири инспирирани од нашето археолошко и фолклорно богатство? Според Вас, колку оваа Спомен-куќа е важна за Скопје од туристички аспект?
КУТЕРА ЗДРАВКОВСКА:
На влезот во Спомен-куќата се наоѓа нашата музејска сувенирница каде што се продаваат сувенири, пред сè, инспирирани и посветени на нашата патронка. Исто така, може да се купат и сувенири од богатото културно наследство на Македонија. Во продавницата имаме и обемна голема понуда на печатени материјали: книги, монографии, разгледници, букмаркери од кои може многу повеќе да се дознае за животот и за делото на Мајка Тереза. Со оглед на бројот на посетители претпоставувам дека нивниот престој придонесува не само за развој на туризмот, туку и за трговијата и хотелиерството бидејќи зголемениот број на туристи налага зголемување на капацитетите и, секако, сопствениците на овие локали остваруваат профит од нивниот престој. Во оваа пригода би го потенцирала афирмативниот аспект за Македонија, бидејќи со престојот на луѓе од целиот свет во земјава информациите за културното и за духовното наследство пристигнуваат до најдалечните делови во светот.


МАРИЛИ: Вие сте Полјачка по потекло. Колку и од кој аспект менаџирањето на оваа Спомен-куќа Ви претставуваше предизвик, дали низ годините спознавте многу за духовниот и за хуманиот пат на Мајка Тереза? Според Вас, колку почитта и посветеноста кон големите духовни луѓе и големото културно и археолошко богатство на една земја се важни и во денешната современа цивилизација?
КУТЕРА ЗДРАВКОВСКА:
Во 1992 година кога почнав со работа во Музеј на Македонија, забележав дека Македонија има огромни можности за користење на своето големо културно и духовно наследство за сопствена афирмација. Оваа констатација ме поттикна да се обидам културното наследство, кое беше сместено во изложбените витрини или во музејските депоа, да се искористи за изработка на автентични сувенири, пред сè, од областа на археологијата и на етнологијата што ќе сведочат за богатото минато на оваа земја. Создавајќи ги новите сувенири се стремевме да користиме стари и автентични технологии за нивна изработка, а за тоа ни беа потребни контакти со ракотворци, чии занаети во тоа време, за жал, беа во изумирање. Сега, по околу 25 години, со задоволство може да истакнам дека понудата на сувенири во Македонија е многу богата, а повторно заживеа дел од занаетите што досега сигурно немаше да постојат. Сигурно забележувате експанзија на златари што изработуваат филигран, кои не нудат само традиционален туку и модерен дизајн на своите производи. Тука би ги споменала и керамичарите што покажуваат голема инвентивност во изработката на сувенирите од глина. Културното и духовното наследство е најдобар начин и „амбасадор“ за промоција на Македонија низ целиот свет.
 

Содржината е прочитана 1246 пати.