Култура

Промоција на стихозбирката „Македонијо љубов моја“ од Лилјана Стоилковска-Андовска

На 22 јули 2016 година во МНР промовирана е стихозбирката „Македонијо љубов моја“ од Лилјана Стоилковска-Андовска. Изданието е отпечатено од МНР како поддршка на културното творење на нашинците од дијаспората, а промотор на ова поетско дело беше писателот Мирче Нешовски.

петок, 22 јули 2016

Во најновата поетска книга од Лилјана Стоилковска-Андовска се бележат асоцијативни пластови со целосно, ориентирање и возвишение кон темата за Македонија, македонскиот опстанок и бурните бранувања врз македонската земја низ вековите до денешни дни. Сугестивниот поетски говор извира како надојден вруток по пороен дожд од суштината на поетската душа:

„ И таму ќе ја замолам ѕуницата
да те прекрие со разно боило
од злите клетнички очи
да не се дрочи лошото над тебе“
(Од песната „Македонијо љубов моја“)

Како што истакнува рецензентот на ова дело, Ферид Мухиќ, во стихозбирката - „Љубовта кон Македонија има вистинска смисла на зборот, добива планетарни пропорции. Читајќи ја оваа вдахновена поезија, импрегнирана со силна, страствена и гласно опеана љубов, би можело да се рече дека за Лилјана Стоилковска-Андовска постоењето на Македонија е космички значаен настан“, продолжува тој, „ со право може да се рече дека оваа збирка претставува вистинска поетска ода на љубовта кон Македонија“ .
 

Содржината е прочитана 626 пати.