Култура

СОКОМ-МАП: Вистински да се валоризира авторскиот труд

Градење нова позитивна и конструктивна клима на полето на заштитата на авторското право и вистинска валоризација на авторскиот труд, е целта на новоформираното Здружение за заштита на авторски музички права СОКОМ - МАП.

петок, 22 јули 2016

Градење нова позитивна и конструктивна клима на полето на заштитата на авторското право и вистинска валоризација на авторскиот труд, е целта на новоформираното Здружение за заштита на авторски музички права СОКОМ - МАП.

Од Здружението, кое е основано од Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), ги покануваат сите заинтересирани автори да им се придружат во нивната мисија за остварување на таа цел.

Претседателот на Управниот одбор на СОКОМ - МАП, Сони Петровски вчера на прес-конференција рече дека ќе делуваат врз основа на дозволата за колективно управување, која ја добиле од страна на Министерството за култура. Посочи дека објавиле предлог тарифник на нивната веб страница.

Од Здружението ги повикаа сите корисници на авторски музички дела да ги дадат своите мислења во определениот рок за да можат да ги земат предвид при изработка на конечната верзија на тарифникот.

- Предлог тарифникот на СОКОМ-МАП е направен да ги анулира аномалиите и ќе биде постојано ревидиран заедно со корисниците со надеж дека оваа клима на меѓусебна соработка на авторите и организациите кои ги штитат ќе се смени во позитивна насока и ќе се подигне на повисоко ниво, истакна Петровски.

Димитар Андоновски, автор изведувач, рече дека Здружението за заштита на авторски музички права СОКОМ - МАП ќе даде конструктивни решенија за едно од најголемите прашања кое се однесува на авторските права. Ги повика неговите колеги да ги видат условите кои ги нуди СОКОМ-МАП.

Одговарајќи на новинарско прашање, Петровски рече дека СОКОМ-МАП брои 150 членови, автори од сите области. - Не е интенцијата на еден начин да се валоризира трудот на класичните композитори, напротив целта е да се разговара реално за сите авторски прашања, истакна Петровски.

Најистакнатиот македонски композитор Александар Џамбазов рече дека не би сакал да се нарушат односите со ЗАМП, каде, како што истакна, е од нивниот почеток.

- Сакам да најдеме разбирање со колегите од ЗАМП, додаде Џамбазов.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 417 пати.