Интервјуа

Интервју со г-ѓа Јана Јанеска-Ристески, генерална менаџерка на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп

Колекциите на ЦСЛУ во Прилеп овозможуваат да се направи избор на најразновидни експозиции од делот на сликарските и вајарските дисциплини. Творци од различни ликовни средини од земјава, од Европа и од другите континенти во летните сеанси низ текот на годините создаваат творби со кои ги збогатуваат ликовната уметност и ризница во Прилеп.

петок, 22 јули 2016

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Јанеска-Ристески, што претставува ЦСЛУ со кој денес менаџирате, кои се неговите почетоци и како Центарот се поврзува со семејната традиција?
ЈАНЕСКА-РИСТЕСКИ:
Главни виновници за нашето денешно постоење се проф. д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар проф. Ристо Лозановски и нивната идеја и желба ликовната уметност да се внесе во средината во која живееме. Во суштина тоа настојување значело и давање прилог во извлекувањето на нашиот град од затвореност и анонимност. Идејата е родена во есента 1956 година, а конечно е реализирана во 1957 година, со формирањето на Центарот за современа ликовна уметност и во негови рамки на првата ликовна манифестација во Прилеп, сега веќе една од најстарите ликовни колонии на Балканот и во Југоисточна Европа.
Колекциите на ЦСЛУ во Прилеп овозможуваат да се направи избор на најразновидни експозиции од делот на сликарските и вајарските дисциплини. Творци од различни ликовни средини од земјава, од Европа и од другите континенти во летните сеанси низ текот на годините создаваат творби со кои ги збогатуваат ликовната уметност и ризница во Прилеп.
Во однос на семејната традиција, па сè почна од мојот дедо д-р Бошко Бабиќ (историчар на уметност и археолог) како основач на организацијата. По неговото пензионирање, колонијата премина на мајка ми и татко ми, Гордана Бабиќ-Јанеска (историчар на уметност, археолог и ликовен критичар) и Диме Јанески (нејзин организатор и секретар по дедо ми). Интересно е што наследувањето, некако природно, премина од мајка на ќерка, а во заедништво со сопрузите ги наследивме и силната желба и љубов за продолжување на традицијата и за збогатување на македонското културно наследство. И јас, исто како мајка ми, сум историчар на уметност и археолог, нормален и очекуван избор на професија. Па, моето животно опкружување е виновно за мојот избор, а за изборот на мојот сопруг Горан Ристески (сегашен раководител на ЦСЛУ) сме виновни јас и неговата љубов кон современата ликовна уметност.

МАРИЛИ: Кои се најзначајните работилници што егзистираат во рамките на Ликовната колонија, а посебно објаснете ни ја најновата, Интернационално ателје за меил-арт, основана во 2015 година?
ЈАНЕСКА-РИСТЕСКИ:
Работилници што имаат долгогодишни традиции и кои редовно се одржуваат се:
- основана во 1957 г. - Интернационална сликарска колонија (иницијатива на д-р Бошко Бабиќ)
- основан во1963 г. - Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“ (иницијатива на д-р Бошко Бабиќ)
- основано во 1971 г. - Интернационално студио за пластика во дрво (иницијатива на д-р Бошко Бабиќ)
- основано во 1984 г. - Интернационално ателје за скулптура во метал (иницијатива на Диме Јанески). Од другите што повремено се одржуваат, како што се интернационалните работилници за керамика, мозаик, витраж, графика и уметничка фотографија, особено сме горди на две работилници, кои се репрезент сами за себе, како поуникатни дополнувања на традиционалните, а и единствени на пошироките простори, а тоа се:
- основано во 2004 г. - Интернационално студио за пластика во пластика (иницијатива на Диме Јанески) и
- основано во 2015 г. - Интернационално ателје за меил-арт (иницијатива на Горан Ристески)
Идејата за реализација на Интернационалното ателје за маил-арт во Прилеп секако произлегува од нераскинливата поврзаност на уметноста и начинот за нејзино презентирање преку поштенски марки. Уметничките дела што настануваат преку творење на уметниците во ликовните работилници, кои ги организира Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп, се одлична можност за создавање нови ликови на поштенските марки, творени од уметничката инспирација, а создадени во нашата држава. Преку оваа инспирација, но и преку претставувањето на поштенските марки ќе успееме да ја промовираме нашата држава во светски рамки.

МАРИЛИ: Колку светски познати ликовни уметници биле дел од оваа колонија и каде би гостувале во Европа и во светот во блиска иднина?
ЈАНЕСКА-РИСТЕСКИ:
Центарот за современа ликовна уметност во своето повеќедецениско постоење - идната година одбележува 60 години - може да се пофали со уметници што го знаат Прилеп како малиот прст, а дошле од сите континенти - од Нов Зеланд, преку Јапонија, до Чиле и Канада, од Египет до сите европски држави... 

Сме ја имале честа во македонската ликовна историја да се врежат позначајни уметнички имиња што биле наши учесници: Ристо Лозаноски, Кирил Гегоски, Кирил Ефремов, Илија Миноски, Борко Лазески, Петар Хаџи-Бошков, Димитар Манев, Спасе Куновски, Боро Митриќески, Драгутин Аврамоски-Гуте, Мирослав Масин, Драган Попоски-Дада, Јордан Грабулоски, Атанасовски Тане-Гарски, Беди Ибрахим, Башески Жарко, Жани Гелевска, Касиопеја Наумовска, Рубенс Корубин, Миле Корубин, Богдан Грабулоски-Бонач, Ана Темкова, Бранислав Зенделски.
Ова правило важи и за имињата од светската ликовна сцена и секое од нив има свое место кај нас. Иако сите имаат иста важност и значење за нашата институција, сепак, вреди да се споменат Yannis Gaitis - Грција, Alfredo Pecile - Аргентина, Philippe Pengrechi - Франција, Pasima Dimitru - Романија, Sakai Shinji - Јапонија, Desiderio Svara - Италија, Moore David - Шкотска, Davide Baffeti - Италија, Frederik-Ross Robert - САД, Oton Polak - Словенија, Ritchie James - Шкотска, Feridun Isiman - Кипар, Seiko Hata - Јапонија, Борис Окороков - Русија.
Во однос на нашите гостувања во рамките на Европа и на светот важно е да наведам дека работиме на тоа кон крајот на годината да се реализира изложба на делата на ЦСЛУ во Њујорк, а во текот на следната година, за што веќе е остварена соработка, Ликовната колонија ќе има можност да ја претстави својата работа на Саемот за скулптура во Дубаи, OAE, но и на саемите за култура во Португалија и во Австрија, за што сме во процес на преговори.

 

МАРИЛИ: Што значи денес приватно да се менаџира ваква институција од уметноста и културата, колку знаење, вештини, контакти треба да се поседуваат за да се опстане во Р. Македонија?
ЈАНЕСКА-РИСТЕСКИ: 

Новите времиња на менаџирање побаруваат и многу поактивно вклучување, особено кога сте одлучиле да бидете самоодржливи и притоа да не зависите од државните пари на ресорното министерство и на локалната самоуправа. За да бидете самоодржливи, денес треба да имате познавања, сертификати и контакти преку кои ќе успеете да ја менаџирате својата работа, соработувајќи со приватни компании, странски фондови, бизнисмени што ја ценат уметноста. Потребно е да најдете мецени, како што отсекогаш имала историјата. 
Да се биде жена менаџер во областа на уметноста и културата, со образование од историја на уметност и археологија, а со практично искуство во телекомуникацискиот сектор во Македонија, е прилично инспиративна работа, особено кога се зафаќате да работите семејно наследена организација што истовремено претставува стожер на македонското културно ликовно наследство.

МАРИЛИ: Какви планови имате за блиска иднина, дали планирате зголемување на бројот и проширување на видот на активностите, како и во однос на просторот? Дали се подготвувате за 60-годишниот јубилеј што ЦСЛУ ќе го одбележи следната година?
ЈАНЕСКА-РИСТЕСКИ:
 
Плановите за иднината на ЦСЛУ се поврзани со идеи за чија реализација се потребни сериозна посветеност, време, но, се разбира, и финансиски средства, а постојано и многу ажурно се работи на овие услови. Планирано е да се создаде локација што ќе биде направена исклучиво само за уметноста и ликовната уметност. Едно поголемо катче каде што секој ќе се чувствува како да влегол во паралелен универзум на бои, мермер, дрво, метал, пластика...
За оваа година планираме да продолжиме со новите работилници, на кои сме особено горди, затоа што Интернационалното ателје за меил-арт е нешто што има одлична прифатеност, но и побарувачка, особено во Соединетите Американски Држави и во Европа, па минатата година оттаму и потекна идејата. Дополнително, во услови во општеството каде што секој, секаде и во секое време може да фотографира и тоа да им го објави на корисниците на социјалните мрежи, ние сакаме да ѝ оддадеме почит на уметничката фотографија што треба да биде зачувана од можноста да се изгуби како вредност поради сè поголемото присуство на инстант-фотографи што се појавуваат секојдневно. Планот е оваа работилница да стане традиционална - годишна, а не повремена како што беше досега. Во тек е и подготовката за отворање на две нови интернационални работилници - работилница за илустрација и стрит арт што многу се актуелни во поновиот период на светската ликовна уметност.
Во тек се подготовките за објавување монографија по повод 60-годишнината од формирањето на Ликовната колонија.
Заклучивме дека во Прилеп (оттука потекнале стожерни ликовни имиња) треба да се направи школа за ликовни уметности за талентирани ученици од најрана возраст, кои би добиле можност да учат од најдобрите и да го развиваат својот талент. Нашите планови се насочени кон создавање услови за работа токму на таква школа во рамките на Центарот.
Исто така, работиме и на обновувањето на списанието за ликовна уметност „ПАЛЕТА“ (планираме да биде достапно во Македонија, но и надвор од нашите граници), кое функционирало во одреден период од постоењето на колонијата, а згаснато е поради финансиски проблеми. Искрено се надевам дека со „ПАЛЕТА“ ќе успееме да ја пополниме таа празнина и конечно македонскиот ликовен свет ќе добие свое место за презентација.

 

 

 

 

 

 

 


 

Содржината е прочитана 19190 пати.