Интервјуа

Интервју со господин Алпер Ерсој, Заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија

Продолжуваме со ширење на мрежата на нови линии од скопскиот и охридскиот аеродром

вторник, 12 јули 2016

МАРИЛИ: Половина од оваа 2016 година помина. Медиумите пренесоа отворање на многу нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром во изминатите неколку месеци. Колку нови линии се воведоа, кои нови авиокомпании почнаа да работат и какви се првите впечатоци за интересот на патниците?
ЕРСОЈ
: Изминатиот период навистина беше исполнет со многу активности кои се резултат на нашите маркетинг-студии. Имено, во март од скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’се отворија трите нови линии до Берлин, Братислава и Копенхаген, со авиокомпанијата Визер, додека во мај како резултат на соработката со Чех ерлајнс ја вознобновивме линијата Скопје-Прага. Во меѓувреме, на охридскиот аеродром отворивме две нови чартер-линии, првата Охрид-ТелАвив со израелската авиокомпанија Аркиа, и втората Охрид-Брисел со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук, како и новата директна авиолинија Охрид-Белград со Ер Србија. 

Се разбира дека има голем интерес кај патниците за сите нови дестинации, , што очекуваме да резултира преку зголемен сообраќај во следниот период, особено ако се има предвид фактот што сите овие градови се многу популарни туристички дестинации кои се интересни за посета преку целата година, или пак се важна конекција на нашите иселеници во дијаспората. Се надеваме дека сите нови линии ќе бидат подеднакво искористени и од нашите граѓани и од граѓаните од соседните држави за патувања во странство, но и од страна на странските туристи и бизнисмени за посета на Македонија.

МАРИЛИ: Што покажуваат статистичките податоци за сообраќајот на двата македонски аеродроми од почетокот на годинава досега?
ЕРСОЈ: Не само од почетокот на годинава, туку во континуитет во последните 6 години сообраќајот на двата македонски аеродроми постојано расте. Минатата 2015 година, ТАВ Македонија ја заврши со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле’’ достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на летови порасна 11%, достигнувајќи 15.510.

 Трендот на зголемен сообраќај и натаму продолжува и годинава. Во првите пет месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми се превезени 648.745 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 16%.

Дополнително, охридскиот аеродром Св. Апостол Павле од страна на ACI Europe (Airports Council International – Europe) беше прогласен за втор најбрзорастечки мал аеродром во Европа во првиот квартал од 2016 година, со пораст на бројот на патници од 174%.

МАРИЛИ: Покрај отворањето на нови авиолинии, изминатиот период за ТАВ Македонија го одбележаа и признанието што го доби скопскиот аеродромза најдобар мал аеродром во Европа, како иона што го споменувате - охридскиот аеродром влезе во листата на најбрзорастечки аеродроми во Европа. Што покажуваат овие признанија и награди?
ЕРСОЈ:
Да, во март годинава скопскиот аеродром ја доби ASQ(Airport Service Quality) наградата за најдобар аеродром во Европа во 2015 година за квалитетот на услугите, во категоријата на аеродроми под два милиони патници, што е трет пат како го добиваме ова признание од страна на престижната авијациска организација ACI (Airports Council International), по добивањето на наградата во истата категорија во 2012 и 2013 година.
ASQ анкетите наACI всушност ги анализираат услугите кои на патниците им ги нудат аеродромите, преку обработка на 550.000 длабински направени анкети на над 300 аеродроми, во повеќе од 80 земји во светот во текот на минатата година.
Резултатите од 2015 година ги претставуваат најдобрите аеродроми во светот, кадешто е забележано подобрување на патничкото искуство токму од страна на патниците кои се анкетираат додека патуваат и додека нивните искуства и впечатоци се свежи.
Што се однесува пак до охридскиот аеродром, тој е втор најбрзорастечки аеродром во Европа во првите три месеци годинава во категоријата под пет милиони патници годишно. Ова признание за аеродромот со кој раководиме ние - „ТАВ Македонија“, доаѓа од ACI Europe (Меѓународниот Совет на Аеродроми за европскиот регион), кое во својот последен извештај бележи раст на бројот на патници на „Св. Апостол Павле“ во првиот квартал од 2016 година од 174%.

Ваквиот значителен порастод 174% на бројот на патници на ,,Св. АпостолПавле’’ во првиот квартал, измерен од страна на ACI, надвор од туристичката сезона во Охрид, се должи пред сè на воведените нови линии минатата година од охридскиот аеродром за Базел, Цирих и Лондон. Очекуваме порастот да продолжи до крајот на годината, со оглед на постоечките чартер-летови во главната туристичка сезона каде што најбројни се патниците од Холандија, но и на новата директна редовна линија Охрид-Белград која ја воведовме со Ер Србија, како и новите чартер-летови - Охрид-Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа и Охрид-Брисел, со најголемиот европски тур-операторТомас Кук, кои исто така ги воведовме во јуни.

 

МАРИЛИ: Покрај ширењето на мрежата на авиолинии, постојано иновирате и во поглед на услугите кои им се нудат на патниците во терминалната зграда на скопскиот аеродром. Последни новини во оваа насока беа воведувањето на безжичниот интернет и автоматизираното плаќање паркинг. Што друго од овој аспект може да се воведе и би било корисно и интересно за патниците? 
ЕРСОЈ: ТАВ Македонија со своите сестрински фирми BTA (храна и пијалаци), ATU (безцарински продавници), TAV MOS (оперативни услуги) и TAV IT (информациско-комуникациски технологии) постојано работи на воведување на нови и модерни услуги, од кои корист и задоволство ќе имаат нашите ценети патници додека поминуваат квалитетно време во терминалната зграда. Едни од најкрупните последни новини се токму овие кои ги споменувате – воведувањето на бесплатниот безжичен интернет во терминалната зграда, што е топло прифатен од нашите патници, како и автоматизираното плаќање паркинг со што го модернизиравме и поедноставивме плаќањето на паркинг-услугата. Покрај ова, на патниците веќе подолго време на располагање им се другите можности од аспект на угостителски услуги, продавниците, редовниот автобуски превоз до градот, рент-а-кар услугите, банка, пошта, менувачници, аптека, фризерски салон.
Постојано размислуваме и за други новини кои би им биле од корист на патниците и со кои квалитетно би го поминале времето на аеродромот.

МАРИЛИ: Кои се следните чекори на ТАВ Македонија во рамки на плановите за раст и развој на двата македонски аеродроми?
ЕРСОЈ:
ТАВ Македонија со силна поддршка од седиштето во Истанбул, односно од Маркетинг одделот во ТАВ Аеродроми, постојано работи на ширење на мрежата на нови директни рути од двата македонски аеродроми и зголемување на фрекфенцијата на постоечките. Основата за раст и развој и на скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ и охридскиот аеродром ,,Свети Апостол Павле’’, е отворање на што поголем број линии до што повеќе дестинации во различни делови на Европа и светот, со што би се зголемила фрекфенцијата на операции и со тоа на вкупниот број на патници. Се разбира влегувањето и на нови авиокомпании на македонскиот авијациски пазар е особено значајно, не само од аспект на ширење на мрежата, туку и од аспект на зголемување на конкуренцијата, затоа што по иновациите, конкурентните производи и услуги - се тие што го движат напредокот. Сепак, ние исто така ги слушаме потребите на нашите постоечки авиокомпании, како наши клиенти, како и нивните барања, со цел да обезбедиме високо-квалитетни услуги и да ги поттикнеме да ги зголемат нивните постоечки фрекфенции.


 

Содржината е прочитана 2451 пати.