МАКЕДОНИЈА

Македонија да развива апитуризам, порачуваат пчеларите

Задоволство кое ќе ве научи што е вистински мед, како се произведува и каде можете да го купите, е накратко идејата на апитуризмот за чиe развивање се залагаат македонските пчелари.

понеделник, 11 јули 2016

Задоволство кое ќе ве научи што е вистински мед, како се произведува и каде можете да го купите, е накратко идејата на апитуризмот за чиe развивање се залагаат македонските пчелари.

Тие порано велеа – „вистинскиот мед брзо кристализира, по тоа ќе го препознаете“. Но, денес предупредуваат дека веќе и фалсификуваниот ја има сосема истата особина. Толку е изверзирано неговото производство, што потрошувачите во никој случај не можат да направат разлика, ниту да забележат дека купуваат тегла полна гликозен сируп, освен ако не консултираат експерт.

Од една страна, тие се измамени, а од друга, се создава нелојална конкуренција која практично ги уништува сертифицираните, вистински производители.

- Во Македонија има многу квалитетни производители. Тие треба да имаат шанса да дојдат поблиску до своите купувачи, кои, пак, имаат право да знаат што консумираат, вели Нацо Јовчевски, пчелар од битолско Дихово.
Според него, пазарот е полн со фалсификувани пчелни производи.

- Органските производители кои поседуваат сертификати за квалитет на медот се неконкурентни на пазарот, бидејќи фалсификаторите го нудат лажниот мед по многу ниски цени. Наместо корисни состојки, лажниот мед содржи само шеќер и нема никакви лековити својства. Сметаме дека нашите производи не се доволно заштитени од измами, нагласува Јовчевски.

Тој порачува, мед да се купува само од проверени производители кои пчелините семејства ги чуваат во чиста околина и не користат додатоци во нивната исхрана, а не од зелените пазари или по патиштата.

- Македонија треба да развива апитуризам, нешто што западните земји го негуваат подолго време. Преку апитуризмот, купувачите ќе се едуцираат каде да најдат вистински и квалитетен мед. Нашите села се идеални за рурален туризам, подвлекува Јовчевски кој се подготвува да почне туристички тури во неговиот пчеларник во Дихово и да го воведе словенечкото искуство - пчеларниците лоцирани во најчистите предели да бидат дел и од медицински туристички тури, за болни од астма.

Јовчевски има 150 пчелни семејства, а производството на мед, матичен млеч и полен веќе прераснал во фамилијарен бизнис. – Сепак е потребна поголема промоција, по примерот на многу од државите каде се развива апитуризмот. Сите кои ја сакаат природата да можат да дојдат во пчеларникот, да посетат работилници, да дегустираат вистински мед, да научат за производството, а ако сакаат и да учествуваат во дел од процесот, потенцира Јовчевски.

Произведува два до три тони мед годишно, но не може да извезува бидејќи се бараат најмалку над 20 тони. Ако се надмине проблемот со фалсификаторите на мед, пчеларството, вели, може да биде многу профитабилна дејност. За таа цел треба да се форсираат земјоделските задруги, бидејќи здружени, пчеларите ќе бидат поконкурентни на пазарот, а ќе можат да обезбедат и доволни количини за извоз.

- Пчеларството е добар бизнис за младите, може да се живее и да се заработи, но најважно е да се стави крај на нелојалната конкуренција. Најважно е што пчеларите секој ден се во природа, зашто пчели се одгледуваат во најчистите предели. Пчеларењето и консумацијата на чист мед го подобруваат здравјето, заклучува Јовчевски.
Јовчевски е член на Здружението за заштита на македонската медоносна пчела и член на президиумот „Макби“ поддржан од Слоу фуд.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 744 пати.