Култура

Шест македонски филмови на 39. Филмски фестивал во Гренобл

Македонската кинематографија под наслов „Macedonian Shorts“ со три анимирани и три краткометражни играни филмови од утре до 10 јули ќе се претстави на 39. Меѓународен фестивал на краткометражен филм на отворено во Гренобл, Франција.

понеделник, 04 јули 2016

Македонската кинематографија под наслов „Macedonian Shorts“ со три анимирани и три краткометражни играни филмови од утре до 10 јули ќе се претстави на 39. Меѓународен фестивал на краткометражен филм на отворено во Гренобл, Франција.

На фестивалот Македонија ќе се претстави со анимираните филмови „Внатре“ на режисерот Иван Ивановски, „Алерик“ на режисерот Вук Митевски и режисерот „Кружно патување на Марето“ на Жарко Иванов. Од играните краткометражни филмови ќе бидат прикажани „Бардо“ на Марија Апчевска, „Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава“ на Вардан Тозија и „Шумарот“ на Изер Алиу.

Програмскиот селектор Атанас Чупоски, претходно на прес конференција посветена на фестивалот рече дека француската публика и меѓународната кинематографска јавност со понудената селекција, која претставува пресек на филмското творештво во доменот на краткометражниот филм во Македонија во последните 7-8 години ќе можат да се стекнат со солиден увид во состојбата и квалитетот на македонскиот филм денес.

Македонија годинава ќе биде во фокусот и ќе добие посебно место и простор на фестивалот. Ќе бидат претставени шест филмови и ќе има гостување на режисерите Вардан Тозија и Жарко Иванов. Во вториот дел од проектот, преку Кинотеката на Македонија, во есенската програма во организација на Кинотеката на Гренобл, ќе бидат прикажани четири долгометражни македонски филмови, а ќе се направи и видео презентација на дел од дигитализираното фимско наследство на браќата Манаки.

Проектот е реализиран во соработка со Министерството за култура и Агенцијата за филм.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 403 пати.