Интервјуа

Интервју со госпоѓа Марија Томеска, Претседател на Управен одбор на Еуролинк осигурување

Со приватното здравствено осигурување се овозможува покривање на трошоците за лекување во сите приватни здравствени установи во Македонија, вклучувајќи ги приватните болници, клиники, поликлиники и други специјализирани приватни здравствени установи. Тоа значи дека нашите клиенти имаат покритие за сите трошоци што произлегуваат од амбулантното и од болничкото лекување во приватните здравствени установи во Македонија, исклучиво по нивни избор.

четврток, 30 јуни 2016

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Томеска, приближно три години сте на позицијата генерален менаџер на „Еуролинк осигурување“. Кои потреби ги детектиравте како најважни на осигурителниот пазар во Р. Македонија и какви новини воведовте во Вашето работење според што станавте единствени и препознатливи во осигурителниот бизнис?
ТОМЕСКА:
Веќе 14 години компанијата „Еуролинк осигурување“ работи на пазарот за осигурување и од година во година непоколебливо се движи по нагорна линија во однос на резултатите и пазарното учество.
На позицијата претседател на Управниот одбор сум од 2013 година и веднаш по стапувањето на оваа функција почувствував дека е вистинско време за редефинирање на стратегијата на друштвото, како во однос на понудата и начинот на продажба, така и во поставеноста на внатрешните процеси и каналите на комуникација во рамките на друштвото.
Нашите анализи потврдија дека потребите на осигурителниот пазар не се доволно развиени, па оттука ја утврдивме и нашата примарна цел - активно да работиме на негово промовирање кај широката популација. Во таа насока целиот тим на „Еуролинк осигурување“ почна да презема конкретни чекори за развој на основните продукти за осигурување во секое модерно општество. Стартувавме со редизајн на продуктите за станбено осигурување, кои ја заштитуваат најголемата инвестиција на секој поединец - неговиот дом за да продолжиме со нови пакети за професионална одговорност на сите бизниси, како и со пакети за целокупно осигурување на имотот на малите бизниси. Успеавме да креираме уникатни пакети за осигурување на индивидуи и на бизниси, препознатливи на пазарот по сеопфатниот опсег на покритија, како и по нивната едноставност и достапност. Секако, клучно за имплементацијата на овој процес е широката и квалитетна дистрибуција/продажба на продуктите за која, освен маркетиншката стратегија, најголемата улога ја преземаат вработените во „Еуролинк осигурување“. 
Сметам дека ентузијазмот и трудот на секој поединец е важен и работиме во насока секому во друштвото да му се јасни целите на компанијата и како неговиот труд влијае врз крајните резултати и успехот на компанијата. Конкретно, јасно и транспарентно се дефинираа целите и улогата на секој вработен во компанијата.
Со ваков систем во компанијата, со транспарентен и отворен пристап, вработените се високо мотивирани и истапуваат со свои идеи за подобрување на постојните и за креирање нови продукти, со што „Еуролинк осигурување“ продолжува да ја реализира својата амбиција да остане лидер во промоцијата на иновативни решенија во сегментите што не се доволно развиени, односно едноставно се занемарени од конкуренцијата.


МАРИЛИ: Колку Вашето образование од англискиот високообразовен систем Ви помогна полесно да најдете уникатни алатки за остварување на целите, особено при постојано следење на новите трендови во осигурувањето? Како го постигнувате тоа?
ТОМЕСКА:
Англискиот високообразовен систем има свој уникатен ројалистички, но истовремено и максимално либерален стил на едукација. Посебно се развиваат и се ценат индивидуалното мислење и неговата целосна експресија. Едукацијата во една навистина инспиративна средина ја поттикнува креативноста и нуди многу можности за индивидуален развој.
Таму научив дека за да се биде најдобар не е доволно само да се учи од најдобрите туку и да се работи на својот уникатен начин на размислување и на креирањето нови идеи, како и на квалитетите на тимот што те опкружува. Оттаму и инспирацијата и храброста не само да се следат светските трендови во осигурувањето туку тие да се приспособат на уникатните локални услови и ниво на развој, давајќи им целосно нов локален карактер. Креативноста, слободата во размислувањето и длабоката аналитичност ни се водилки во нашата стратегија за континуирано и неуморно иновирање на пазарот за осигурување. Кога ве води визијата за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните преку обезбедување заштита за нивните најбитни нешта и кога имате цел тим што верува во неа и работи на нејзиното остварување, навистина сè се постигнува.

МАРИЛИ: Сметате ли дека едукациите на клиентите се важни за имплементирање на нови форми на осигурување, како што е приватното здравствено осигурување? Колкав ефект постигнавте со постојаната едукација и објаснете ни уште еднаш што претставува овој вид осигурување?
ТОМЕСКА:
За имплементација на нашата стратегија за широка застапеност на осигурувањето во сите сегменти од живеењето користиме алатки со кои директно допираме до потенцијалните клиенти и ги едуцираме. Тоа бара многу теренска активност и посветеност, но тоа е единствен начин да се објаснат потребата и бенефитот од осигурувањето. Посебно е важна едукацијата кога станува збор за целосно нови продукти, како што е нашиот нов пакет за приватно здравствено осигурување.
Идејата, но и потребата за приватно здравствено осигурување постои од многу одамна. Голем дел од нашите потенцијални клиенти користеа приватни здравствени услуги на свој трошок и се интересираа за ова покритие, но законската регулатива во овој домен не ни дозволуваше да издаваме полиси за приватно здравствено осигурување. Откако се смени тоа, се појави предизвикот да се креира производ што ќе им го подобри квалитетот на живеење на нашите клиенти и ќе ги покрие нивните приватни здравствени трошоци. Недостигот на искуство и Knowhow во овој домен најпрво нè наведе на соработка со реномиран осигурувач со глобално искуство во делот на приватното здравствено осигурување. Така почна соработката со GBG (global benefit group) - глобално присутен осигурител од САД, кој тесно е специјализиран и за приватно здравствено осигурување, чиј производ за приватно здравствено осигурување најпрво го понудивме.
Соработката со ГБГ и искуството на нашите партнери во регионот ни беа од огромно значење при креирањето на нашиот најнов производ - приватното колективно здравствено осигурување што го понудивме на почетокот на оваа година. Нашето приватно здравствено осигурување е приспособено на платежната моќ на македонските компании и на реалните состојби во приватниот здравствен систем во Република Македонија.

Со приватното здравствено осигурување се овозможува покривање на трошоците за лекување во сите приватни здравствени установи во Македонија, вклучувајќи ги приватните болници, клиники, поликлиники и други специјализирани приватни здравствени установи. Тоа значи дека нашите клиенти имаат покритие за сите трошоци што произлегуваат од амбулантното и од болничкото лекување во приватните здравствени установи во Македонија, исклучиво по нивни избор.
Приватното здравствено осигурување е наменето за сите што преферираат да користат приватни здравствени установи тогаш кога им е најпотребно.

Во современата корпоративна култура здравјето и благосостојбата на вработените се приоритет на одговорните компании. Тоа најмногу се должи на фактот дека вработените се највредниот ресурс на компаниите, како и на фактот дека најдобрите кадри се задржуваат со континуирано овозможување на дополнителни бенефити.

Секој успешен менаџер и сопственик знае дека тајната на успехот во најголема мера е заслуга на вработените, односно богатството на секоја компанија е човековиот капитал. Оттука произлегува мотивот на секој работодавец што се грижи за своите вработени да склучи договор за осигурување со кој ќе им овозможи најдобра здравствена заштита.
Клиентите од поголемите градови во Македонија имаа можност преку нашите бизнис-карвани да се информираат за карактеристиките на овој нов атрактивен производ, а многумина веќе склучија договори за осигурување.


МАРИЛИ: Во овој период од годината луѓето често патуваат, актуелни се летните одмори. Што би им препорачале на потенцијалните осигуреници да користат од современите форми за осигурување на својот движен и недвижен имот што ги нуди Вашата компанија?
ТОМЕСКА:
Летниот период е исполнет со релаксација и патувања, при што нашите клиенти би требало да бидат безгрижни и заштитени од најчестите ризици на кои се изложени. Затоа во овој период се фокусираме на безбедноста на нашите клиенти во текот на патување и додека се на летен одмор, како и заштита на нивните домови.
Во 2015 година ги поврзавме овие две цели во одличен пакет и овозможивме со секое купено патничко осигурување граѓаните да добијат и осигурување за својот дом - ДОМИ КОМПЛЕТ - по исклучително атрактивна цена. И годинава го препорачуваме овој пакет што овозможува безгрижно и комплетно обезбедено летно патување. Тоа е особено поради фактот дека, покрај немилите настани што може да се случат во текот на патувањето, нашите клиенти најмногу се грижат за своите домови што во време на летните одмори се најизложени на оштетување и на кражби.
Оваа година фокусот е ставен на промоцијата на онлајн патничкото осигурување што може да се купи од нашата веб-продавница. Сакаме да потенцираме дека тогаш кога клиентите се во најголемо брзање, пред поаѓање на летен одмор, ние мислиме на нив и го штедиме нивното време овозможувајќи им на брз и едноставен начин да обезбедат патничко осигурување.

МАРИЛИ: Од деловен аспект, колку е важна имплементацијата на осигурителните производи за осигурување на малите и на средните бизниси, а ова особено нè интересира бидејќи работиме со жени менаџери, жени претприемачи што поседуваат помали бизниси. Што би требало да знаат за целосната заштита на нивниот бизнис?
ТОМЕСКА:
„Еуролинк осигурување“ им ја посвети 2016 година на заштитата и на поддршката на микропретпријатијата и на малите претпријатија преку промоција на нов сеопфатен и уникатен продукт бизнис-комплет. Станува збор за пакет од различни осигурувања, како што се осигурување од пожар и други опасности, кражба и разбојништво, кршење стакло, прекин на работа, одговорност и незгода за вработените. Пакетот е предвиден како целосно осигурување за микробизнисите и за малите бизниси што имаат деловни и продажни објекти, како што се колонијални продавници, минимаркети, аптеки, парфимерии, козметички салони, кафулиња, канцеларии и др. Идејата е да се овозможи комплетно покритие за имотот и за вработените, со цел сопствениците на малите бизниси да бидат растоварени од ваквите грижи и да можат да ѝ се посветат исклучиво на својата работа.
Сметаме дека бизнис-комплет осигурувањето е од исклучителна важност за секој менаџер и за успешноста на самиот бизнис затоа што обезбедува комплетна сигурност и ги префрла основните ризици од работењето.
Во оваа промотивна година треба посебно да се истакне атрактивната понуда, со која „Еуролинк осигурување“ им овозможува на бизнисите со кои остварува договор за лојалност од три години да го добијат овој пакет за само еден денар за првата година.
Покрај атрактивната цена, организиравме и серија настани во Скопје и во другите градови во Македонија, со цел да ја доближиме приказната за нашето осигурително решение, со кое му даваме поддршка на остварувањето долгорочен и успешен бизнис, до сите сопственици на микро и на мали претпријатија.

МАРИЛИ: Што Ви претставува најголем предизвик во воспоставувањето баланс меѓу деловните и домашните обврски, бидејќи истовремено сте менаџер и семејна жена?
ТОМЕСКА: Балансот во животот е основа за среќен живот.
Балансот меѓу професионалното и личното е исклучително важен за здравјето на секоја индивидуа, ве прави попродуктивен и помалку склон кон исцрпување и согорување. Затоа навистина се трудам секојдневно да го одржам. Неоспорно е дека на моменти предизвиците се преголеми и приоритетите се совпаѓаат. Потребни се големо трпение и разбирање од семејството. Но сè е можно со добра организација, така што земајќи го предвид фактот дека сум семејна жена, секојдневно балансирам меѓу деловните и домашните обврски. Тука, несомнено, клучна е поддршката од мојот сопруг, како и од потесното семејство.
Работата и кариерата се важни и придонесуваат за семејната среќа и успех. А семејството и најблиските се тие што ве дефинираат во животот и преку нив се мери финалниот успех.
 

Содржината е прочитана 1274 пати.