Култура

Монодрамата „Лебедова песна“ утре премиерно на сцената на „Антон Панов“ во Струмица

На сцената на театарот „Антон Панов“ во Струмица вечерва со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведена монодрамата „Лебедова песна“ во чест на јубилејот 30 години актерство на струмичанецот Ванчо Мелев. Претставата е работена по мотиви и текст на Антон Чехов и од академик Митко Маџунков, во превод и адаптација на Бранко Ставрев.

четврток, 30 јуни 2016

На сцената на театарот „Антон Панов“ во Струмица вечерва со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведена монодрамата „Лебедова песна“ во чест на јубилејот 30 години актерство на струмичанецот Ванчо Мелев. Претставата е работена по мотиви и текст на Антон Чехов и од академик Митко Маџунков, во превод и адаптација на Бранко Ставрев.

- За мене одбележување на 30-годишниот јубилеј значи многу. Идејата за ова да се реализира му ја кажав на Бранко Ставрев кој ја надополни со расказот на Чехов. Ја прифатив неговата сугестија и воодушевен сум од неговата адаптација сето тоа да го ставиме на едно место, да го покажам она што сум го играл досега на матичната сцена. Се надевам дека успеав, рече Мелев.

Во оваа претстава на сцената првпат по 40 години работа ќе се појави суфлерот Ѓорги Василев со што ќе стави крај на неговиот работен век.

- Голема благодарност за ова што ми го овозможи Ванчо Мелев - суфлерот да излезе од анонимност и да суфлира пред публика. Јас ќе се играм самиот себе. Ова е шанса и јас да ја почувствувам магијата на сцената, на „штиците што живот значат“, а публиката ќе види колку е тежок актерскиот живот, вели Василев.

Директорот на народниот театар „Антон Панов“, Драган Маџиров, вели дека огромно е задоволството преку колажна претстава да се одбележат два јубилеја на луѓето од театарскиот свет, в очи на 70-годишниот јубилеј од посетоењето на театарот во Струмица.

- За Ванчо Мелев може да кажам дека има огромно признание бидејќи и неговите и наши пријатели ќе дојдат од Бугарија, од Пловдив, Смолен, Пазарџик... И самиот негов опус како актер кој има одиграно 70 улоги и своевремено и како директор на самата институција, има оставено голем белег за развојот на 70-годишниот јубилеј на Н.Т „Антон Панов“. Ова е невообичаен проект зошто на сцената ќе се појави и најдобриот пријател на актерот-суфлерот, со што ќе ги прославиме двата јубилеја, вели Маџиров.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 446 пати.