Култура

Филмот „Ослободување на Скопје“ премиерно на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“

Македонскиот филм „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија премиерно ќе биде прикажан на отворањето на 37.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на 10 септември во Битола.

среда, 29 јуни 2016

Македонскиот филм „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија премиерно ќе биде прикажан на отворањето на 37.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на 10 септември во Битола.

Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија и продуцент на „Ослободување на Скопје“, денеска на прес-конференција истакна дека филмот е македонско-хрватско-финска копродукција и е поддржан од Европскиот филмски фонд за копродукции „Еуроимаж“.

- Филмот е екранизација на познатиот драмски текст на Душан Јовановиќ кој заедно со Раде Шербеџија се негови сценаристи, рече Насков.

Посочи дека главната улога во филмот на игра 11-годишниот Давид Тодосовски (како Зоран), кој дебитира во филмот, а покрај него настапуваат актерите: Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Луција Шербеџија, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула и Аксел Мехмед.
- Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на РМ, од Хрватскиот аудиовизуелен центар, од Филмскиот фонд на Финска и од нивната национална телевизија. За мене и за екипата ова е исклучително важен проект бидејќи се работи повторно за една тема која обработува период од Втората светска војна, додаде Насков.

Освен Насков, продуценти на филмот кој се снимал на локации во Велес, Битола и Скопје, се Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола.

Директорот на Агенцијата за филм, Мими Ѓорговска Илиевска рече дека отворањето на Фестивалот со македонски филм говори за она што го творат и создаваат македонските филмски работници и за заложбите на Агенцијата за континуирана поддршка на филмската дејност во Република Македонија.

- „Oслободување на Скопје“ е филмски проект кој е одобрен за финасирање од страна на Агенцијата за филм во 2013 година и е поддржан со 76.456.000 денари, додаде Ѓорговска Илиевска.

На прес-конференцијата беше соопштен вториот добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ за 2016 година на ИФФК „Браќа Манаки“, а тоа е австралискиот и светски кинематографер Џон Сил.

Според директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ Благоја Куновски, станува збор за уште еден великан на светскиот филм.

Уметничкиот директор на Фестивалот, Гена Теодосиевска рече дека новиот фестивалски слоган е „Movie on, feel the light“.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 375 пати.