Култура

Нови 12 дела од македонски автори ќе се преведуваат во странство

Уште 12 дела на македонски автори ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи. Ова го одлучи стручната комисија по разгледувањето на 18 апликации кои пристигнале на конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи, една од стимулативните мерки предвидени во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година.

среда, 29 јуни 2016

Уште 12 дела на македонски автори ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи. Ова го одлучи стручната комисија по разгледувањето на 18 апликации кои пристигнале на конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи, една од стимулативните мерки предвидени во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година.

Резултатите од конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи денеска на прес-конференција ги презентираше министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која рече дека за овие три години откако го објавиле првиот конкурс за странските издавачи обезбедиле поддршка за превод на 90 дела на 53 македонски автори, на 21 странски јазик (германски, француски, руски, полски, српски, словачки, словенечки, украински, хрватски, црногорски, албански, бугарски, турски, италијански, ерменски, шпански, дански, амхарски, арапски, англиски и чешки јазик).

- За поддршката на сите преведени дела досега, Министерството за култура издвои 9.667.102 денари што доволно говори за нашите заложби за што поголема промоција и видливост на македонските автори и нивното творештво во меѓународен контекст, посочи Канческа Милевска.

Информираше дека согласно поддржаните апликации од страна на Стручната комисија во состав Нове Цветаноски, претседател и Виолета Димова и Енвер Беќири, членови, Издавачката куќа „Арка“ од Смедерево, Србија, на српски јазик ќе ги објави делата „Одбрани драми“ на Јордан Плевнеш и романот „Проверка на слободата“ на Јован Павловски награден со наградата „Стале Попов“ на ДПМ за 1997 година, Издавачката куќа „Твердинија“ од Луцк, на украински јазик ќе ги објави книгата пиеси „Чалик Чамак“ на Трајче Кацаров и романот „И чоек и пес“ на Владо Димовски.

Форумот за алтернативна култура и образование-ФАЦЕ од Финтис, од Словачка, ќе ги издаде поетските книги „Избор поезија“ на Звонко Танески и „Избор Поезија “ на Богомил Ѓузел, на словачки јазик, на бугарски јазик, издавачката куќа „ЕРГО“ од Софија, ќе го издаде првиот роман на Јулијана Величковска „Годишни времиња“, а издавачката куќа „Изида“ ќе го издаде романот „Враќањето на козите“ на Луан Старова, Издавачката куќа „Нова Поетика“ од Белград на српски јазик ќе ја издаде книгата „Шешири“ на Трајче Кацаров, поетската книга „Кога ни гореше под нозете“ на академик Катица Ќулавкова ќе биде издадена на албански јазик од страна на издавачката куќа „Албас“ од Тирана, Книжевниот клуб „Брчко Дистрикт Б и Х“ од Брчко на српски јазик ќе го издаде романот „Синот на Кралот“ на Славчо Ковилоски, а романот „Азбука на непослушните“ на Венко Андоновски на руски јазик ќе го издаде издавачката куќа „Рудомино“ од Москва.

Министерката Канческа Милевска потенцира дека оваа значајна мерка од областа на издавачката дејност досега дала исклучителни резултати и ефекти во афирмацијата на македонските автори и нивните дела во меѓународни рамки. Особено, нагласи таа, важно е дека Конкурсот силно ја трасираше промоцијата на творештвото на етаблираните, но и на младите автори, кои на овој начин добија можност првпат да се презентираат надвор од нашата држава, на еминентите европски книжевни пазари.

Според министерката, овие дела направиле значителен пробив на македонската литература во различни јазични подрачја, тие денеска се достапни на мајчините јазици на околу 1 милијарда и 600 милиони жители, а истовремено во овие дела може да уживаат и преку 3 милијарди граѓани во светот кои ги користат јазиците на кои овие вредни книжевни остварувања се преведени.

Изрази уверување дека бројот на апликациите за конкурсот за странски издавачи континуирано ќе се зголемува.
- Ова е навистина еден од најзначајните проекти кои ги спроведовме во изминатиот период и во таа насока Министерството за култура ќе продолжи со поддршката на оваа стимулативна мерка која овозможи ефективна промоција на нашата литература и култура во светот, додаде Канческа Милевска.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 366 пати.