Интервјуа

Интервју со госпоѓа Милица Паулус, уметник, сонародничка од дијаспората која го негува македонскиот литературен јазик и творештво низ поезија и проза

Секој труд се наградува, па зошто не и тој на творците. Кога делото ќе биде пофалено, кога ќе му се посвети доволно внимание и кога ќе се согледаат дарбата и успехот, мислам дека тоа ќе биде голема мотивација и поттик за творците да творат уште повеќе и поубаво. Особено многу е важна поддршката на младите и талентирани пишувачи, а на секој нов почеток треба да му се даде шанса.

понеделник, 20 јуни 2016

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Паулус, Вие сте Македонка што живее и работи во Германија, која во себе носи богат уметнички порив. Од кога потекнува овој нагон и колку време пишувате, сликате? Кои се Вашите најзначајни дела?
ПАУЛУС:
Уметноста е моја вродена аномалија што позитивно ми ја разгранува креативноста, како и способноста за творење и за интерпретирање на душата, во која лежи и целото мое срце, преполно со чувства од секојдневјето, а него го празнам со изливи на духовно и ментално шаренило од внатрешни и надворешни дејствувања. Музиката и ликовната уметност се мои постојани пратеници, а ме исполнува литературното поле. Тоа е мојата најубава цветна градина што секој ден ми подарува еден нов цвет и секој ден тој е сè поубав и помирислив, а секое вдишување од него ми го разубавува животот. Со неколку мои прекрасни илустрации си ги збогатив страниците на неколку мои детски книги напишани на германски јазик. Тоа е тој уметнички порив што постојано е во движење и секогаш е од восхитен и витален карактер, со цел да се твори и да се ужива во убавините на разновидните прекрасни, понекогаш и вредни дела. Всушност, творам откако научив да ги пишувам буквите, така, по неколку стиха, а првата песна и првиот расказ ги напишав кога бев во трето одделение. За мене најзначајни дела се „Парче љубов“, „Душата зборува“ и „Животот е поезија“.

МАРИЛИ: Присутна сте и во голем број антологии, како во дела за возрасни, така и за деца. Наведете ги насловите на најзначајните антологии за кои сте работеле?
ПАУЛУС:
Учесник сум во 20 антологии за возрасни напишани на македонски јазик, а уредник сум на 14 од нив : „Љубовен чардак“, „Балканска антологија“, „Интернационална антологија“, „Лирска антологија“, „Поетска гала“ и други, во кои сум застапена со неколку прозни и поетски дела. Мои дела има и во детски антологии напишани на македонски јазик, исто така, и во антологии за возрасни и за деца на германски јазик. И покрај тоа што пишувам книги за возрасни и за деца и на германски јазик, си дозволувам да истакнам дека најсилните чувства не губат во ефект само кога се напишани на мајчин јазик и само тогаш се пренесуваат со иста јачина и токму така како што се чувствуваат.

МАРИЛИ: Како дојдовте на идеја да формирате литературни групи што се активни на интернет и на таков начин да ги поврзете сите, односно писателите со новинарите, но и со другите уметници?
ПАУЛУС:
Нашето литературно поле беше многу тивко, да не речам речиси заспано. Со многу љубов, труд и време успеав да го размрдав македонското литературно катче и да го ставам во турбодвижење. Интересот беше сè поголем, а творењето сè пораскошно и опојно. Преку моите седум литературни групи се сплотивме не само ние македонските писатели и поети туку и балканските, па полека и од цел свет. Со поетските читања во придружба на убави и нежни музички звуци станавме поблиски со музичките уметници, а нашите убави корици на книгите беа украсени со прекрасните дела на наши ликовни уметници. Интересот за нашето инспиративно творење беше сè поголем кај новинарите. Така, сите уметнички и новинарски алки на ѓерданот се спојуваа сами по себе. Сите сме исти во едно. Твориме и дејствуваме со љубов! Секој со својот творечки пат и на своето културно и уметничко или новинарско поле, но, сепак, сите духовно поврзани.

МАРИЛИ: Честопати ја посетувате родната Македонија и организирате големи поетски манифестации. Кои се тие манифестации и какви награди се доделуваат?
ПАУЛУС:
Неколкупати во годината доаѓам во Македонија и останувам подолго време.
Тогаш ја користам можноста да се дружам со писатели и поети на поетските средби и на манифестациите што ги организирам, а се одржуваат насекаде во Македонија. Досега се одржани манифестациите: „Поетска гала“, „Македонска лирска поезија“, „Прозно перо“, „Млади творци - поезија“ и „Млади творци - проза“. Најпознатите награди што се доделуваат на овие пет манифестации се: писател на годината, поет на годината, лирски цвет, награда за најубава прозна книга, награда за најубава поетска книга, „виктор“ (познат како „оскар“) и уште многу други.

МАРИЛИ: Сметате ли дека со овие манифестации, во кои и вие донирате награди, особено се поттикнуваат младите творци, поети и прозаисти?
ПАУЛУС:
Секој труд се наградува, па зошто не и тој на творците. Кога делото ќе биде пофалено, кога ќе му се посвети доволно внимание и кога ќе се согледаат дарбата и успехот, мислам дека тоа ќе биде голема мотивација и поттик за творците да творат уште повеќе и поубаво. Особено многу е важна поддршката на младите и талентирани пишувачи, а на секој нов почеток треба да му се даде шанса.

МАРИЛИ: Можете ли да направите споредба меѓу творештвото во Германија и овде, што претставува предност во издавачката дејност таму и колку ние како земја и народ сме плодна основа за творештво?
ПАУЛУС:
Под македонското поднебје има голема литературната плодност, само треба малку да се предизвикаат читателите, да се мотивираат и да се инспирираат. Моменталните финансиски услови, исто така, претставуваат пречка за интензивирање на интересот за читање затоа што многумина читатели не се во можност да купат книги. Во Германија се чита многу, секој може да се види со книга в рака и во метро и во автобус, во чекалници, во паркови, буквално секаде. Инаку, издавачките куќи се грижат во однос на издавањето на книгата, за рекламата, саемот и за пазарот за неа.

МАРИЛИ: На кои нови проекти работите годинава и дали сте преокупирана со пишување на некое уметничко дело со кое ќе ја израдувате читателската публика?
ПАУЛУС:
Во моментов подготвувам две поетски средби, а во план ми е еден голем проект што ќе ги сплоти не само пишувачите туку и сите други уметници и уметнички убавини од сите полиња. Најголем дел од времето го користам за организации, читање и пишување. Во моментов работам на едно прозно дело за возрасни на македонски јазик.

- Благодарам за прекрасниот разговор и за големата чест што ми ја приреди агенцијата „Марили“.

 

 

Содржината е прочитана 1656 пати.