Култура
Претставата „Мурлин Мурло“ на Кољада во режија на Ана Батева премиерно во Струмица
Претставата „Мурлин Мурло“, по текст на Николај Кољада, а во режија на Ана Батева, вечерва премиерно ќе биде изведена во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица.

петок, 17 јуни 2016
Претставата „Мурлин Мурло“, по текст на Николај Кољада, а во режија на Ана Батева, вечерва премиерно ќе биде изведена во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица.
Простувањето пред себе, но и на другите е главната порака која треба четворицата актери да ја пренесат на сцената, вели режисерката Батева, на која ова и е прв проект во Македонија.
- Претставата дава една поголема експресивност, а текстот носи актуелни теми кои верувам дека ќе допрат до луѓето. Станува збор за луѓе затворени во провинција кои го чекаат крајот на светот, дека тоа ќе донесе нова промена и нов почеток. Претставата не учи дека најважно е простувањето, на нас самите и на луето околу нас. Во еден момент кога треба да се простиш со своето минато. На сцената е претставен копнежот за големиот град, големите желби, рече режисерката Батева.
Според актерот Стојан Велков кој ја игра улогата на Алексеј, подготовката на претставата за него е прекрасно професионално и лично искуство.
- Да го погледнам животот отстрана, е една од репликите на ликот што го толкувам Алексеј. При подготовката на претстават јас и како актер, но и приватно го направив тоа, погледнав на животот отстрана, што во секој случај води кон подобрување, кон промени кои ги постигнавме преку секојдневна комуникација со режисерката и екипата. Музиката го доловува амбиентот и атмосферата во кој функционира пиесата. Претставата изобилува со многу моменти, и комични, и трагични и гротескни, објаснува Велков.
Директорот на институцијата Драган Маџиров рече дека за народниот театар „Антон Панов“ текстот на современиот автор Николај Кољада бил поодамнешен план кој го реализирале токму сега.
- Имавме огромна желба овој текст да го поставиме на струмичката сцена. Поминаа неколку години за да го најдеме вистинскиот режисер. Тоа е режисерката која има струмичко потекло. Ние како театар и досега ги поддржуваме младите режисери кои студирале надвор од Македонија, да постават претстава тука. Струмичкиот театар им е отскочна штица за понатамошни успеси во Македонија, вели директорот Маџиров.
Сценографијата и костумографијата се на гостинката од Бугарија, Мартина Варијска, која посочи дека претставата „Мурлин Мурло“ била интересен и комплексен проект.
- За мене не беше проблем истовремено да бидам и сценограф и костумограф. Ако правилно ги поставите двете концепции, нема никоков проблем. Ова беше навистина интересен проект, кој бараше внимателно осмислување и реализација на концептот, рече Варијска.
Третатa премиера за оваа сезона на струмичкиот театар ќе биде изведена в сабота во 20 часот на сцената на НУКЦ „Антон Панов“ Струмица.
(Преземено од МИА)