Бизнис вести

Повторно воспоставена редовна авионска линија Охрид - Белград

Со слетувањето на авион на „Ер Србија“ на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денеска повторно е воспоставена директна сезонска авионска линија меѓу Белград и Охрид.

четврток, 16 јуни 2016

Со слетувањето на авион на „Ер Србија“ на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денеска повторно е воспоставена директна сезонска авионска линија меѓу Белград и Охрид.

Авионите на „Ер Србија“ за Охрид ќе летаат трипати седмично, во понеделник, среда и петок, а авикомпанијата ќе оперира со „АТР-72“ летала со капацитет од 66 патници. Тоа значи дека приближно 400 патници од Белград седмично ќе можат авионски да патуваат кон Охрид.

Мајкл Јултен, менаџер во „Ер Србија“ изрази уверување дека Охрид ќе биде популарна дестинација за одмор, како за српските гости, така и за туристи насекаде од Европа.

- Туризмот е фундаментален за развој на нас како авиокомпанија, а сметам дека истото се однесува и на Охрид и Македонија. Нашата амбиција да станеме водечка авиокомпанија во регионот, а Охрид значи ново поглавје во таа насока. Македонија е важен пазар за „Ер Србија“ и ние ќе продолжиме да бараме начини на кои ќе можеме да ја подобриме нашата понуда, рече тој.

Зоран Крстевски, директор на „ТАВ“, изрази задоволство што после двегодишна пауза повторно се воспоставува директна авионска линија од Охрид до Белград.

- Оценка на охриѓани е дека српските туристи се добри гости, добри потрошувачи така што на овој начин им е овозможено тие повторно да доаѓаат тука, покрај оние што доаѓаат со автомобили...Во секој случај, оваа е уште една понуда преку компанијата „Ер Србија“ во Охрид да дојдат туристи и од дестинациите каде таа оперира со свои летови, рече Крстевски.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески со оценка дека повторното воспоставување на директна авионска линија на релација Белград – Охрид – Белград секако во значајна мера ќе придонесе за развојот на туризмот во Охрид, а ќе придонесе и за олеснување на патувањето за туристите од прекуокеанските земји и нашите иселеници во светот.

Српските туристи задоволни што повторно можат авионски да доаѓаат во Охрид.

- Десет години како доаѓам во Охрид. Оваа авионска линија многу значи за нас, а уште повеќе што сметам дека ова е еден од начините како да се развиваат туристичките врски меѓу Белград и Охрид. Цената на билетите не е висока, мислам дека тоа може да го поднесе секој просечен турист, рече Радиша Куванџиќ, турист од Белград.

Со авионската линија за Белград, воспоставените чартер летови од Тел Авив и со новиот чартер-лет Брисел-Охрид што наскоро ќе почне да лета кон Охрид, како и со веќе воспоставените летни чартер врски од Амстердам и трите редовни линии кон Лондон, Базел и Цирих, се очекува заживување на охридскиот аеродром, односно зголемен сообраќај што ќе придонесе и повеќе туристи да го посетуваат Охрид, но и повеќе граѓани од охридско-струшкиот регион и пошироката околина на југозападна Македонија да летаат во странство.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 484 пати.