Интервјуа

Интервју сo госпоѓа Васка Мојсовска, генерална менаџерка на „Агро-Калем“ - Тимјаник - Неготино

Мислам дека кај нас младите сè уште не сфатиле дека Македонија е земјоделска земја и дека производството на храна или на земјоделски производи е нешто најнеопходно за секој поединец. Кога ќе се спомене земјоделство,нашите млади веднаш тоа го поврзуваат со нешто многу тешко и физички мачно и не сакаат да се зафатат со таа работа, но денешната напредна технологија и многуте погодности што се нудат од државата многу ја олеснуваат работата.

среда, 08 јуни 2016

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Мојсовска, со што се занимава „Агро-Калем“ - Тимјаник и од кога постои Вашиот семеен бизнис?
  МОЈСОВСКА: „Агро-Калем“ - Тимјаник е компанија што се занимава со производство на лозови и на овошни садници за трпезно и за винско грозје. Со сопругот Гоце Мојсовски почнавме да ја градиме компанијата во 1998 година. Како деца на транзицијата, соочени со реалноста дека немаме соодветна можност за егзистенција и за опстанок, решивме да се занимаваме со тоа што знаеме да го работиме од деца - со земјоделство или со производство на грозје. Почнавме со 1,5 хектари лозов насад што беше наследство од родителите на сопругот.Чекор по чекор ја градевме нашата компанија и почнавме да произведуваме лозови садници за нашите ниви. Откако го усовршивме калемењето на лозови садници, почнавме да ги произведуваме и за продажба. Земјоделците, кои беа навикнати да купуваат садници од увоз бидејќи немаше домашно производство, почнаа да го препознаваат нашиот квалитет и да купуваат домашни садници. Секоја година го зголемуваме производството на домашни садници, така што со гордост можам да кажам дека денес „Агро-Калем“ е најголем производител на домашни лозови и овошни садници во Македонија.

МАРИЛИ: Според Вас, колку е важна помошта од државата за стимулирање на земјоделското производство и дали Вашата компанија користи некои други средства, европски грантови и слично?
МОЈСОВСКА:
Обработката на земјата и производството на земјоделски производи спаѓаат во потешките и поризичните бизниси за секој што сака да заплива во овие води. Освен многу работа, овде се бара и многу знаење и добра технологија, со цел поефикасно да се добијат и квалитет и квантитет на земјоделскиот производ. Кога почнувавме со нашиот бизнис се најдовме на пат на кој од никаде немаше никаква помош за чекорење на тој пат. Никакви субвенции, никакво земјоделско земјиште и никакви фондови за апликација за добивање на некој проект, но, сепак, бевме упорни и покрај големите препреки на кои наидувавме не се откажавме и со многу упорност и трпение продолживме да работиме. Последниве неколку години помошта од државата преку субвенции, преку програмата за рурален развој и преку ипард фондовите каде што може да се аплицира и да се добие нова механизација за обработка на земјата и давањето државна земја под концесија многу придонесоа за развојот на нашиот бизнис. Така што секој што сака да се занимава и да почне сега со работа во земјоделството може да почне да ги искористува овие државни погодности и почетокот ќе му биде многу полесен од нашиот.

МАРИЛИ: Која е основната причина поради која младите луѓе од Р. Македонија недоволно се вклучени во агробизнисот како претприемачи?
МОЈСОВСКА:
Мислам дека на повеќето денешни млади луѓе им недостигаат храброст, упорност и трпение за почеток на кој било бизнис, па и на земјоделскиот. Денес младите сакаатда имаат стабилна работа и високи примања веднаш по школувањето. Мислам дека за да се промени ваквиот став треба подлабоко да се навлезе во менувањето на свеста уште од воспитувањето во семејството и во образованието. Секое дете треба од најмали нозе да се насочува во животот за да биде корисно за ова општество кога ќе порасне, а потоа само да почне да размислува за отворање нови работни места.
Мислам дека кај нас младите сè уште не сфатиле дека Македонија е земјоделска земја и дека производството на храна или на земјоделски производи е нешто најнеопходно за секој поединец. Колку и да има човекот финансии, ако нема кој да произведува храна, ќе му бидат залудни бидејќи ќе нема што да купи. Пари може да се заработат, но што кога ќе нема земјоделски производи за да се купат затоа што никој не ги произведува. Кога ќе се спомене земјоделство, нашите млади веднаш тоа го поврзуваат со нешто многу тешко и физички мачно и не сакаат да се зафатат со таа работа, но денешната напредна технологија и многуте погодности што се нудат од државата многу ја олеснуваат работата.

МАРИЛИ: Постојат ли посебни стимулации од домашни и од странски фондови за жените претприемачи во земјоделството?
МОЈСОВСКА:
Секоја жена што сака да почне свој бизнис во земјоделството денес може да добие неколку погодности што ќе ѝ го олеснат почетокот на работата, односно може да добие грант од државата во износ од 10.000 евра, да се набави механизација, да се изградат преработувачки капацитети и друго со 50% учество, да се добиве државно земјиште и многу други мерки преку странските фондови, како што е ИПАРД. Жената фармер, исто така, зема и повисоки државни субвенции. Мислам дека другите бизниси се опфатени со други погодности и грантови што се добиваат од Агенцијата за вработување на Р.Македонија, но сите се наменети за оние што сакаат да почнат бизнис, а, според моето мислење, нема доволно посебни фондови или стимулации само за жена претприемач.Финансиите се најголем проблем на секоја жена што сака да почне свој бизнис, многу е тешко да се дојде до пари, бидејќи банките не даваат одредени погодности за жените што немаат свој имот што ќе го стават под залог за да добијат кредит, односно верувам дека 90% од жените спаѓаат во оваа категорија.

МАРИЛИ: Вие сте прогласена за една од најуспешните жени менаџери за 2015 година. Кажете ни што Ви значи оваа награда, односно добиеното признание?
МОЈСОВСКА:
Еднакво драга ми е секоја награда што сум ја добила јас лично или нашата компанија, но признанието од агенцијата„Марили“ што гласи „Најуспешна жена менаџер за 2015“ ми е посебно, бидејќи за секоја жена што се занимава со приватен бизнис претставува огромно задоволство да стане негова добитничка. Ова признание ми претставува голема сатисфакција и уште поголем мотив за уште повеќе работа во иднина и остварување на други повисоки цели и проширување на нашиот бизнис. Наградата е особено значајна и затоа што меѓу 20 жени што го добија оваа признание за 2015 година само јас сум жена претприемач од областа земјоделство и тоа е особено важно, но не само за мене како личност туку сигурно ќе претставува и поттик за другите жени што се занимаваат со земјоделство да работат уште повеќе со надеж дека еден ден и тие ќе добијат вакво или слично признание.


 

Содржината е прочитана 2781 пати.