Култура

Градиме мост на културата на македонската диаспора во светот

На почеток на месец мај годинава во организација на нашата иселеничка од Република Македонија, госпоѓа Лилјана Стоилковска Андовска, која живее повеќе од 10 години во Кралството Шведска, се одржа претстава „Марко Цепенко„ на која гостуваа артисти од МНТ, а во драматизација и режија на Снежана Коневска –Руси.

петок, 20 мај 2016

На почеток на месец мај годинава во организација на нашата иселеничка од Република Македонија, госпоѓа Лилјана Стоилковска Андовска, која живее повеќе од 10 години во Кралството Шведска, се одржа претстава „Марко Цепенко„ на која гостуваа артисти од МНТ, а во драматизација и режија на Снежана Коневска –Руси.

Големото собирачко дело на Цепенков, најголемо од минатиот век, кое изнесува над 5000 народни умотворби , од пребогатото македонско богатство, совршено го претставија низ ова драмско дело, кое 70- ина минути го задржа вниманието на публиката присутна на изведбата на оваа драма.

Автобиографските податоци за големиот собирач Марко Цепенков , најавтенично и на архаичен јазик беа презентирани низ песната и прекрасната артистичка игра, дел од народните приказни, гатанки, пословици, обичаи и традиција...од животот на Македонците во минатиот век ,кои и ден денес се познати и актуелни .

Пред почетокот на претставата во фоајето на еден од најстарите градски театри во Малме,Шведска „Бастионен“ беа промовирани и три македонски сликарки: Силвана Миленковска од Данска , Гордана Винчиќ од Шведска. и Јасминка Новковска од Р.Македонија . Со овој настан ја продолжуваме мислата за градба на „Мостот на македонската култура на македонската диаспора во светот. Оваа идеја ја започнавме пред три години и еве веќе полека но сигурно тој мост го надградуваме, така што се надеваме на една посета и на Македонскиот театар од Сиднеј, Австралија и поетското друштво „Григор Прличев„ со кои минатата година ја реализиравме манифестацијата „Илинденски поетски мегдан“.

Овој настан беше поздравен и од македонскиот амбасадор од Стокхолм Н.Е Александра Наќева - Ружин, која ја отвори ликовната изложба, а потоа ги поздрави и гостите како и присутната публика со еден пригоден текст за значењето и улогата на авторот и големиот собирач на македонските народни умотворби Марко Цепенков.

По извонредната игра на артистите Трајче Георгиев, Магдалена Ризова – Черних ,Дарко Спасов, Драгана Босниќ Борче Начев, Мирјана Трпковска, Лилјана Стоилковска-Андовска и Снежана Коневска – Руси и како режисер на ова дело со асистенција на Трајче Георгиев, публиката и еминентните гости: професор Виолета Ачковска - историчар , госпоѓа Елена Мисиркова Амбасадорот за култура на Р.Македонија во Австрија, госпоѓа Билјана Костовска од Агенцијата за иселеништвото на Р.Македонија, Н.Е. Александра Наќева – Ружин, амбасадор на Р. Македонија во Шведска, гости од Данска, од Франција, во организација на најстарото друштво од Малме КСД „Македонија„ се одржа пригоден коктел за сите присутни гости. На нашата амбасадорка Н.Е А.Наќева – Ружин ѝ беше доделена благодарница за нејзината несебична поддршка на културните активности на македонската диаспора во Шведска.

Драмата „Марко Цепенко“ беше изведена и во градот Трелеборг и на фестивалот на Македонскиот Сојуз „Денови на македонската култура“. Театарската група ги посети и градот Хелсинборг како и тврдината и музеј Кромборг во градот Хелсинјор, Данска. Уметниците напрвија посета и на МПЦО „Св. Наум Охридски“ и ја заокружија посетата со желби за повторни успешни средби и соработка на повисоко ниво со Шведските културни институции.

Госпоѓа Лилјана Стоилковска Андовска е посебно благодарна на Институцијата за култура на општината Малме, Министерствоото за култура на Р.М., до Македонската амбасада во Шведска , Универзитетот за образование на возрасните во Малме и Македонското спортско, културно - уметничко друштво „Македонија“ од Малме.

Овие средби и настани се повеќе од потребни и неопходни за презентација и промоција на македонската култура , за која треба да се вложи повеќе сенс и љубов , од сите нас Македонци , и од надвор и од Р.Македонија .

 

 

Содржината е прочитана 1236 пати.