Бизнис вести

Конференција за влијанието на виното врз здравјето

Умерената консумација на квалитетни вина има благотворно влијание врз човековото здравје, ова е главниот заклучок од научната конференција „Влијание на умерената консумација на вино врз здравјето - истражувања и докази“ што вчера се одржува во Скопје во организација на винарската визба Тиквеш од Кавадарци.

петок, 20 мај 2016

Умерената консумација на квалитетни вина има благотворно влијание врз човековото здравје, ова е главниот заклучок од научната конференција „Влијание на умерената консумација на вино врз здравјето - истражувања и докази“ што вчера се одржува во Скопје во организација на винарската визба Тиквеш од Кавадарци.

Како што истакна Сабина Псамонти, експерт за молекуларна исхрана од Универзитетот во Трст, Италија, виното е богато со биоактивни соединенија кои имаат улога на природни фармаколошки ентитети, односно се однесуваат како лекови.

- Умереното консумирање на виното, што според светската пракса подразбира до две чаши дневно, овозможува намалување на ризикот од кардиоваскуларен морбидитет и смртност, рече Псамонти.

Клемент Лисјак од Земјоделскиот институт на Словенија порача дека вината во Македонија се речиси органски.
- Тоа се должи на фактот што поради добрите климатски услови во Македонија лозјата се прскаат од три до пет пати, што не е случај во останатите земји. Кај нас во Словенија се прскаат од 10 до 15 пати, а некаде и повеќе. Сепак, за прскање се користат препарати што се дозволени и не влијаат лошо на виното и на човековото здравје, рече Лисјак.

Виолета Иванова Петропулос од Земјоделскиот институт при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип истакна дека црвеното вино е богат извор на биоактивни и нутритивни фенолни соединенија кои имаат антиоксидантно дејство, висока активност против слободни радикали, заштитна улога при артериосклероза и коронарна срцева болест, како и инхибирачко дејство на растот на кенцерогените клетки.

- Научните факти покажуваат дека виното е навистина благороден пијалак. Вината од сората вранец имаат највисока содржин на сите групи феноли, а истражувањата покажаа дека содржината на фенолите зависи од сортата, климатските услови, технологииите на производство и условите на чување на вината, рече Иванова Петропулос.
Генералниот директор на „Тиквеш“ Игор Илиевски рече дека како компанија почувствувале потреба да креираат специјална комуникациска платформа што ја нарекле „Вредности на виното“ за дополнително да го приближат виното до крајните потрошувачи, промовирајќи ја нераскинливата врска на квалитетното вино со здравјето и универзалната формула за долг живот.

- Реализацијата на платформата започнува денеска со оваа стручна конференција на која научниците од земјава и странство ги презентираа доказите за благотворното влијание на умерената консумација на вино врз здравјето на луѓето, рече Илиевски.

Изрази уверување дека пораките од оваа конференција ќе ги поттикнат луѓето повеќе да се едуцираат за тоа како да го заштитат и унапредат своето здравје преку соодветен избор и одговорна консумација на квалитетно вино.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 547 пати.