Култура

Икони и фрески со Св.Климент Охридски ќе бидат изложени во Рим

Националната установа „Завод и музеј“ од Охрид со изложба на оригинални икони, фреско-копии и тематски фотографии ќе ја збогати годинешната Манифестацијата што по повод словенските просветители, светите Кирил и Методиј по 48-ми пат ќе се одржи во Рим.

петок, 20 мај 2016

Националната установа „Завод и музеј“ од Охрид со изложба на оригинални икони, фреско-копии и тематски фотографии ќе ја збогати годинешната Манифестацијата што по повод словенските просветители, светите Кирил и Методиј по 48-ми пат ќе се одржи во Рим.

Како што појасни Милчо Георгиевски, советник-кустос на Галеријата на икони од Охрид, оваа година изложбата во Рим тематски ќе биде посветена на ликот и делото на Свети Климент Охридски, патрон на градот Охрид. Причина за таквата одлука е одбележувњето на два значајни годишнини – 1130 години од неговото доаѓање во Охрид и 1100-годишнината од неговото упокојување.

- Носечки дел од изложбата се фреско-копии со ликот на Свети Климент од црквите во Македонија, дел од Косово и Србија, потоа неколку оригинални икони од 13 до 19 век и одреден број фотографии од неговите мошти, цркви каде одреден период биле сместени неговите посмртни остатоци, како и на споменици на културата како одраз на современите сфаќања на климентовиот лик во модерната уметност, истакна тој.

Станува збор за вкупно претставување на 38 дела, и тоа 18 фреско-копии сопственост на Завод и музеј од Охрид и две од Музејот на Македонија, потоа пет икони од колекцијата на Галеријата во Охрид, како и фотографии, но не како попратен материјал туку како артефакти што сведочат за историјата, делувањето и мисијата на Свети Климент Охридски во Охрид и областа.

- Петте икони од нашата Галерија што ќе бидат изложени во Рим претставуваат културно наследство од највисока категорија. Најстарата икона што ќе биде изложена во Рим е од 13-тиот век, која впрочем е и најстарата икона со претстава на ликот на Свети Климент Охридски. Една од феско-копиите е меѓу најстарите со неговиот лик, што се наоѓа на јужниот ѕид во црквата Света Софија, на која се претставени Свети Кирил Солунски и неговиот ученик Свети Климент, насликана во 1045 година, појасни Георгиевски.

Изложбата ќе биде отворена на 23 овој месец во 18 часот, во музејскиот комплекс „Урбаниана“ во рамски на Папскиот музеј во Рим. Минатогодишната изложба во Рим како мотив ја имаше македонската резба, од традационалната резба во Охрид и продолжувачите на тој уметнички занает.


(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 433 пати.