Култура

„МузеумЛинк 2016“ ќе ги поврзе македонските музеи

Збогатување на културното живеење во повеќе македонски градови има за цел проектот „МузеумЛинк 2016“, во рамки на кој музеите ќе соработуваат во насока на меѓусебна поддршка и збогатување на културната понуда.

вторник, 10 мај 2016

Збогатување на културното живеење во повеќе македонски градови има за цел проектот „МузеумЛинк 2016“, во рамки на кој музеите ќе соработуваат во насока на меѓусебна поддршка и збогатување на културната понуда.

Како што соопшти Музеј на град Скопје, утре во изложбениот Салон 1 на Музејот јавноста ќе биде запозната со започнатите активности на проектот, меѓународните и домашните изложби кои ќе бидат презентирани во повеќе македонски градови, како и дел од конкретните датуми во кои заљубениците во уметноста ќе имаат можност да ги проследат изложбите токму во своето место на живеење.

Иницијативата е на Музеј на град Скопје, а досега во различни делови се влучени Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј на Штип, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Битола, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, Музејот на Тетовскиот крај од Тетово, Народниот Музеј од Велес, Музејот на град Неготино, Музејот на Кавадарци, Музејот од Куманово, Народниот Музеј од Свети Николе, Музејот на град Кратово, Градски Музеј на Крива Паланка, Музејот на град Виница, Музејот на Гевгелија, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј–Прилеп и други институции.

Соработка, како што е соопштено, претставува продлабочување на проектот АртЛинк 2016, кој во Музејот на Град Скопје ги собра претставниците на десет универзитети и факултети од Македонија што ги изучуваат креативните уметности, поврзувајќи ги меѓусебно со повеќе изложби, работилници и уметници од европските земји.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 428 пати.