МАКЕДОНИЈА

Авантуристичкиот туризам еден од адутите на македонската туристичка понуда

Повеќе од 300 учесници, преставници на 65 познати светски тур-оператори, како и 25 специјализирани новинарски куќи се дел од големата регионална конференција за активен туризам што во организација на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот од денеска се одржува во Охрид.

вторник, 10 мај 2016

Повеќе од 300 учесници, преставници на 65 познати светски тур-оператори, како и 25 специјализирани новинарски куќи се дел од големата регионална конференција за активен туризам што во организација на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот од денеска се одржува во Охрид.

- Самиот факт што конференција од ваков формат се одржува токму во Охрид е потврда дека Македонија има што да понуди во делот на активен туризам. Се она што ќе произлезе како позитивно искуство од активностите што се на програмата во иднина ќе биде искористено како материјал при промоција на македонската туристичка понуда на туристичките собири и саемски манифестации во регионот и пошироко, рече Лела Крстевска, претседател на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Марјан Хрибар, претставник на Светската туристичка организација, го нагласи потенцијалот што Македонија го има кога станува збор за специфичниот вид авантуристички туризам, поздравувајќи ја цврстата определеност на македонската Влада токму туризмот да го унапредува и развива како една од водечките стопански гранки и промотор на регионалниот развој.

- Македонија има големи компаративни предности кога станува збор за активниот туризам кој мементно е еден од водечките трендови во туризмот во светски рамки. Оваа конференција и учеството на претставници од 17 држави го потврдува тој потенцијал, рече Хрибар, забележувајќи дека Македонија бележи најголем раст на туризмот во регионот.
Татјана Аниќ од „Експлор Србија“, огранизацијата што се занимава со промоција на авантуристички туризам, оцени дека конференцијата во Охрид е одлична можност за светска промоција на Балканот како една од поинтересните дестинации во односната туристичка сфера.

- Природните ресурси што ги поседува регионот се исклучителни. Овој вид туризам не бара особени инфструктурни услови, што е поволност за привлекување поголем број туристи на кои убавата природа им е најважна при изборот на дестинацијата. Она што е најважно за привлекување поголем број гости е подобра организираност, промоција на регионот и обука на специјализирани туристички водичи, истакна Аниќ.

Истражувањата што ги спроведуваат научните институции задолжени за стимулирање на развојот на туристичкиот сектор на Балканот укажуваат на потребата од надминување на административните потешкотии при обидите за заеднички настап на државите од регионот во привлекувањето туристи од западна Европа и САД, како најбројни во делот на авантуристички туризам.

- Истражувањата покажуваат дека поединечно државите од регионот не можат да привлечат доволно туристи, но заедничката понуда може да го нуди Балканот како значајна туристичка дестинација на светскиот туристички пазар. Особено активностите треба да се насочат кон олеснување на административните процедури за минување на границите, како и поедноставени процедури за користење здравствени услуги, рече Венета Андонова од Американскиот универзитет од Благоевград.

Учесниците на собирот во Охрид веќе неколку дена се во посета на најатрактивните дестинации за авантуристички туризам во Македонија. Поделени во 27 групи, тие денеска ќе можат да летаат со параглајдер, да јаваат коњи и магариња, да планинарат, да се возат со кајаци на диви води, да возат велосипеди по планнински патеки, односно да видат што поголем дел од содржините што ги нуди Македонија кога станува збор за авантуристичкиот туризам.

(Преземено од МИА)

 

 

Содржината е прочитана 1064 пати.