Бизнис вести

Македонија трета по гринфилд проекти по глава на жител во Источна Европа

Глобалниот реномиран магазин Сајт Селекшн ја рангира Македонија на трето место според гринфилд проекти по глава на жител и на седмо место по гринфилд проекти во источна Европа.

петок, 06 мај 2016

Глобалниот реномиран магазин Сајт Селекшн ја рангира Македонија на трето место според гринфилд проекти по глава на жител и на седмо место по гринфилд проекти во источна Европа.

- Сајт Селекшн направи анализа врз основа на најконкурентните дестинации за привлекување гринфилд инвестиции за минатата година врз основа на бројот на компаниите кои ги започнале своите проекти и Македонија е рангирана во Источна Европа на високото седмо место според бројот на гринфилд проектите, а според бројот гринфилд проекти по глава на жител го зазеде високото трето место. Тоа значи дека само Чешка и Унгарија се пред Македонија по бројот на гринфилд проекти по глава на жител, изјави денеска директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Тој посочува дека ова високо рангирање на Македонија е валоризација на досегашните напори и активности.
- Она што досега е преземено резултира уште еден глобален реномиран магазин да ги валоризира активностите, а тоа значи дека и дополнително ќе влијае нови компании кои ќе ги разгледуваат можностите за инвестирање во земјите на Источна Европа Македонија да ја ставаат на нивната инвестициска мапа се повисоко, потенцира тој.
Мизо информира и дека извозот во првите четири месеци од годинава е зголемен за 30,4 проценти споредено со 2015 година.

- Извозот надмина 565 милиони евра што значи дека разликата меѓу извозот и увозот е над 130 милиони евра за првите четири месеци од годинава, посочува директорот на Дирекцијата за ТИРЗ.

Додава дека дополнително постојат индикации и дека ќе се зголемува извозот преку компаниите кои веќе работат, но и на оние што во блиска иднина ќе започнат со работа, пред се, како што рече, Гентерм, кој е во завршна фаза на изградба на производствениот капацитет во Прилеп, ОДВ Електрик, кој летово треба да го заврши погонот во зоната во Струга, но и Ки сејфти систем кој активно започна со работа кон почетокот на март.

- Во моментот во зоната во Скопје се градат три производствени капацитети. Тука е компанијата Хајтек, ГЕС - германско египетска компанија, како и втората фаза на Ван Хул, што значи дека активностите продолжуваат. Се очекува и започнување на изградба на Џонсон во Струмица, додека Кондево го завршува својот производствен погон во зоната во Штип и ќе треба да биде со работа кон средината на летото, истакна Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.

Осмите годишни награди за најдобри земји за инвестирање (Global Best to Invest Awards) на Сајт Селекшн делумно се засноваат на капацитетите во секоја земја, (вкупно проекти и проекти по жител) собрани во базата на податоци на Конвеј проџектс.

Проектите што се земаат предвид се корпоративни инвестиции што придонесуваат за благосостојбата на областите каде се спроведуваат, преку исполнување на најмалку еден од следниве критериуми - инвестиција од најмалку еден милион американски долари, создавање на најмалку 20 нови работни места и искористување нов простор од најмалку 1.900 метри квадратни.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 400 пати.