Бизнис вести

Арсовска-Томовска на Светски самит за информатичко општество во Женева

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска учествуваше на Светскиот самит за информатичко општество 2016 во Женева, Швајцарија.

четврток, 05 мај 2016

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска учествуваше на Светскиот самит за информатичко општество 2016 во Женева, Швајцарија.

Се работи за најголема годишна средба на ИКТ-заедницата во светот на која темите за дискусија се поврзани со информациско-комуникациските технологии и начините за остварување на целите на Обединетите нации за одржлив развој.

Како што информира МИОА, Арсовска-Томовска имаше обраќање на сесијата посветена на темата „Општества базирани на знаење, градење на капацитетите и е-учење" и се осврнала на активностите кои се во насока на поттикнување на развојот на информатичкото општество и создавање ефикасна администрација.

- Создавањето ефективни, одговорни и транспарентни институции е една од целите на Обединетите нации за одржлив развој. Во таа смисла, Република Македонија останува посветена на преземањето низа активности за имплементирање на системи за управување со учењето, кои ќе ги исполнат целите предвидени со реформите во јавниот сектор, истакна Арсовска-Томовска.

Таа, меѓу другото, го посочи спроведувањето обуки за државните службеници, како и воведувањето на т.н. „Микроучење“, со што Македонија стана прва држава во регионот што го вовела овој систем, кој овозможува надградба на знаењата на администрацијата, без напуштање на работното место.

- На самитот во Женева Арсовска-Томовска учествуваше и на Министерска тркалезна маса, на која се дискутираше за можностите и предизвиците поврзани со спроведувањето на целите за одржлив развој, при што високите претставници ги споделија најдобрите практики во однос на заклучоците од претходно одржаниот Самит, наведува МИОА во соопштението.

На свеченото отворање на Светскиот самит за информатичко општество 2016 во Женева се обратија генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија, Хулин Жао.
Светскиот самит за информатичко општество е во организација на Меѓународната телекомуникациска унија, а коорганизатори се УНЕСКО, УНЦТАД и УНДП.

На самитот учествуваат претставници од повеќе од 80 земји во светот, меѓу кои министри, владини претставници, меѓународни организации, приватен сектор и претставници на граѓанското општество.

(Преземено од МИА)

 

 

 

 

Содржината е прочитана 368 пати.