Интервјуа

Интервју со госпоѓа Вал Јусуфи, генерална менаџерка на „Леорон груп“ - Скопје

Иницијалната идеја на „Леорон“ се стреми кон развивање на новите пазари, со посебен акцент на Блискиот Исток. Меѓутоа, етаблирајќи се како водечки провајдер на услуги од едукативниот корпус во овој регион, насетивме огромна потреба за дополнително развивање на професионалниот кадар и во соседните држави, односно региони. Структурата на нашите предавачи претставува спој на академски и професионални експерти што умеат да ја пренесат основата на субјектот преку интензивни кратки курсеви. Меѓу нашите експерти се неколку светски еминентни имиња од САД, Западот и од арапскиот свет - пионери во нивната струка, а нивното портфолио опфаќа успешна работа со звучни имиња во светот на бизнисот, како Apple, Aramco, Siemens и многу други.

среда, 04 мај 2016

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Јусуфи, што претставува „Леорон груп“ и од кога постои Вашата компанија?
ЈУСУФИ:
Зачетоците на „Леорон“ датираат од почетокот на деведесеттите години, кога беа направени и нашите први напори за навлегување на шведскиот пазар како компанија за производство, а Институтот за професионален развој е основан на почетокот на 2010 година.
Денес „Леорон“ претставува консолидиран продукт на едно глобалнo стекнато искуство што овозможува квалитетна надградба на основните професионални компетенции преку етаблирани услуги од областа на едукацијата и корпоративниот развој. Тука спаѓаат голем дел од нашите сертифицирани програми што опфаќаат широк домен на индустрии; нашите консултантски услуги и низа други алатки за унапредување на еден бизнис акумен.

МАРИЛИ: Вие сте присутни на светскиот пазар, кажете ни во кои земји ги нудите Вашите услуги?
ЈУСУФИ:
Иницијалната идеја на „Леорон“ се стреми кон развивање на новите пазари, со посебен акцент на Блискиот Исток. Меѓутоа, етаблирајќи се како водечки провајдер на услуги од едукативниот корпус во овој регион, насетивме огромна потреба за дополнително развивање на професионалниот кадар и во соседните држави, односно региони. Така, нашиот таргет-маркет веќе е проширен и опфаќа значителен дел од Европа, Блискиот Исток и од Африка. Денес, освен Заливскиот совет за соработка (Саудиска Арабија, Кувајт, Бахреин, Катар, Оман и Обединетите Арапски Емирати ), успешно покриваме и дел од Европа и од Африка, а од неодамна нашите програми ги нудиме и во Соединетите Американски Држави.


МАРИЛИ: Каква е структурата на Вашите предавачи, постојат ли светски имиња на експерти што држат обуки и предавања?
ЈУСУФИ:
Структурата на нашите предавачи претставува спој на академски и професионални експерти што умеат да ја пренесат основата на субјектот преку интензивни кратки курсеви. За да се постигне сето тоа потребен е глобално обучен стручен кадар, чиј бекграунд не кореспондира само со докажани стратегии од доменот што ги тангира туку и со актуелните стратегии на корпоративниот свет.
Меѓу нашите експерти се неколку светски еминентни имиња од САД, Западот и од арапскиот свет - пионери во нивната струка, а нивното портфолио опфаќа успешна работа со звучни имиња во светот на бизнисот, како Apple, Aramco, Siemens и многу други.

МАРИЛИ: Каков кадар вработувате во Република Македонија и колку е важно седиштето на „Леорон груп“ во Македонија во рамките на Вашиот севкупен бизнис?
ЈУСУФИ:
Пред сè, во Македонија регрутираме вработени за одделот за продажба - нашата движечка сила на патот кон остварување на финансиските цели. Меѓутоа, дел од вработените во нашата канцеларија во Скопје работат во областа на маркетинг и комуникации, дизајн, истражување и развој, финансии, има правни лица, професионалци во одделот за набавки итн.
Не се придржуваме кон некоја строга формула кога станува збор за вработените, но преферираме млади професионалци што умеат да се вклопат во нашата корпоративна култура и успешно ги спроведуваат задачите во согласност со имиџот на „Леорон“.


На тој начин вработените во продажба треба да покажат силна мотивација за профилизирање на меѓународниот едукативен пазар, малку вроден талент за претприемаштво и продажба или многу желба за да ги постигнат таквите афинитети, доволна доза на комуникативност и елоквентност за да се справат со клиенти од светски калибар и волја за надградба на својот професионален профил. Во другите оддели преовладуваат креативниот дух, стратегиските и аналитичките способности, технолошките вештини и способноста за асистирање и комплетирање на сите внатрешни процеси во компанијата. 

МАРИЛИ: Какви се Вашите сознанија за тоа како котираат жените на менаџерските позиции во светски рамки?
ЈУСУФИ:
Бројот на жените на менаџерски позиции е аларманто мал, дури и глобално. Се проценува дека жените се застапени со минимални 15% од вкупниот број лица на такви позиции во Соединетите Американски Држави, а тоа, само по себе, е добар показател за широко распространетиот родовен јаз.
Сметам дека позицијата на жената на клучни места укажува на регресивен менталитет што приоритизира во базата на половата припадност. Секако, се осмелувам да го констатирам ова врз основа на општата перцепција дека голем број од жените професионалци зад себе имаат впечатливи креденцијали, односно богати биографии со многу искуство и соодветна едукација.

МАРИЛИ: Дали сметате дека жената, сепак, треба да вложува повеќе и поголем напор за да дојде до врвна менаџерска позиција? Што претставува за Вас признанието за една од најуспешните жени менаџери во Република Македонија за 2015 година?
ЈУСУФИ:
Повторно би потенцирала дека родовниот јаз фундаментално успева да ги менува работите во процесот на искачување на корпоративните скалила. Мој личен став е дека од жените се очекува да вложат многу повеќе труд во професијата, односно повеќекратно да го компензираат тоа што е побарано од одлучувачите во компанијата.
Што се однесува до наградата, таа првенствено претставува светла искра во локалната борба против родовата дискриминација. Иако „Леорон“ има добиено неколку награди од интернационален карактер, признанието за една од најуспешните жени менаџери во Македонија значи посебна сатисфакција. Дел од оваа сатисфакција е од сентиментални причини, но голем дел е и поради фактот дека успешно зачекоруваме во глобалната борба против дискриминацијата на жената во светот на бизнисот и пошироко, борба што би требало да наиде на колку што е можно помасовна поддршка.
 
Содржината е прочитана 1403 пати.