Култура

Настап на Ансамблот „Танец“ на Деновите на културно наследство во Обединетите Арапски Емирати

Од 7 до 25 април Република Македонија е почесна земја-учесник во рамките на манифестацијата „Денови на културното наследство“ во Шарџа, во Обединетите Арапски Емирати, каде што македонското културно наследство е презентирано со посебно македонско етно село. Манифестацијата синоќа започна со концертот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ чиј настап беше поздравен со бурен аплауз и особен интерес од страна на присутните.

петок, 08 април 2016

 

 

 

 

 

 

 

Од 7 до 25 април Република Македонија е почесна земја-учесник во рамките на манифестацијата „Денови на културното наследство“ во Шарџа, во Обединетите Арапски Емирати, каде што македонското културно наследство е презентирано со посебно македонско етно село. Манифестацијата синоќа започна со концертот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ чиј настап беше поздравен со бурен аплауз и особен интерес од страна на присутните. Ансамблот „Танец“ кој повеќе од шест децении е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура, во рамките на овој фестивал, кој секоја вечер просечно има околу 11 000 посетители од сите емирати и пошироко, со поддршка од Министерството за култура, предвидено е да одржи уште неколку концерти преку кои ќе го презентира богатото македонско културно наследство.

Република Македонија е почесна земја учесник на оваа манифестација со посебно македонско етно село каде што занаетчиите од Занаетчиската комора на Македонија ги презентираат своите уникатни ракотворби. Исто така , 9 врвни шефови на кујни, во рамките на „Вкусот на традицијата“, ги презентираат македонските традиционални јадења. Настанот, како што информира организаторот на нашето претставување, Амбасадата на Република Македонија во ОАЕ, беше медиумски поддржан и од многубројни медиуми од овој регион, како што се престижните весници Khaleej Times, Gulf News, Emarat Alyoum, телевизиите Sharjah TV, Dubai7TV, CNBC Arabia и кинеската телевизија CATV, која емитува програма од OAE за една милјарда гледачи во Кина. На шеикот му беше упатена официјална покана да дојде и да ја посети Република Македонија, а за време на средбата му беа подарени репрезентативни подароци, меѓу кои и уникатна дрвена резба со мотив од рајски птици.

Учеството на Република Македонија на оваа манифестација беше договорено на средбата меѓу министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска, директорот на Институтот за културно наследство на емиратот Шарџа, Абдулазиз ал Муссалам и амбасадорот на РМ во ОАЕ, Сашо Ташевски, која се одржа во декември минатата година. На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на културната соработка преку размена на уметници и културни програми, особено во годината кога двете земји прославуваат две децении дипломатски односи.

Согласно со Годишната програма на Министерството за култура, во 2016 година е поддржана реализацијата на неколку културни активности, меѓу кои и концерт на Трио Интерарт од Битола кои ќе настапат во Дубаи, а уметникот Мирослава Трујкановиќ оваа година во Ал Аин, Обединети Арапски Емирати, ќе учествува на ликовното биенале со наслов „Earth Dream“.

 

 

 

 

 

 

Содржината е прочитана 442 пати.