Култура

„Животот е прекрасен“ - премиера на МНТ и бугарскиот режисер Морфов

Македонскиот народен театар в недела премиерно ќе ја изведе претствата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман која ја поставува познатиот бугарски режисер Александар Морфов. Новата премиера МНТ ја најави како претстава „што ќе ве расплаче и ќе ве насмее до солзи“, во која во фокусот е малиот и обичен човек - неговите желби, стравови и страсти.

петок, 08 април 2016

Македонскиот народен театар в недела премиерно ќе ја изведе претствата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман која ја поставува познатиот бугарски режисер Александар Морфов.

Новата премиера МНТ ја најави како претстава „што ќе ве расплаче и ќе ве насмее до солзи“, во која во фокусот е малиот и обичен човек - неговите желби, стравови и страсти.

- Претставата е многу слоевита и шокантно е што од минута во минута ве прави и многу среќни и многу тажни, каков што е и животот. Морфов, кој е еден од најголемите европски режисерски имиња, во оваа претстава ја вградува сопствената естетика. Нејзиното поставување е остварување на голем сон и важна точка за МНТ во потрагата на креативни предизвици, рече на прес-конференција директорот на МНТ Дејан Пројковски. Додаде дека останал без здив гледајќи ја генералната проба и дека 10 април ќе биде празник за МНТ.

Бугарскиот режисер со меѓународна кариера Морфов, кој оваа претстава со македонскиот ансамбл ја подготвува три месеци, рече дека е задоволен што повторно работи во пријателска Македонија и одново соработува со, како што рече, омилените актери Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска.

Не сакаше да зборува за крајниот резултат и за оценката на критиката зашто нему, рече тој, најважен му е креативниот процес.

- За мене нема ништо поубаво од тоа процесот на работа да е креативен и секој ден да се изненадуваме со нови идеи и предлози, независно од критиката. Важно е што чувствуваме ние. Овде тоа се случи во прекрасна форма и се надевам дека претставата ќе биде достојна на нашиот труд. Мора да се уважува трудот, напорот и желбата на актерот да излезе на сцена и да покаже што знае, рече Морфов.

Наместо „Дон Кихот“, како што првично беше најавен проектот на МНТ со Морфов, тој именуван „Животот е прекрасен“ откога режисерот ги изгледал претставите на нашиот театар и се запознал со ансамблот. Одлучил дека „Животот е прекрасен“ е „по мерка на овој ансамбл“.

- Почнуваме да ја губиме смислата на животот. Политиката стана најужасно нешто, свет со народ кој се занимава со пари и со самиот себе. Во таа смисла „Животот е прекрасен“ ми се чинеше дека е понеопходно, да му се даде нешто и на малиот човек дека и тој треба да живее. Треба да стигне до пеколот за да сфати што е најважно, рече Морфов.
Зборувајќи со почит за режисерот, македонските актери го пофалија неговиот метод во процесот на подготовка на претставата, задоволни од соработката.

Ристановски тоа го нарече огромна радост и ново осознавање на тоа зошто човек треба да се занимава со театар. Според Сашко Коцев, Морфов е режисер кој ги сака глумците, ги разбира нивните потреби и рече дека е привилегија да се биде во негова претстава макар и за десет секунди. Гораст Цветковски, пак, додаде дека од Морфов научил дека нема мали улоги доколку режисерот знае како да ги направи големи.

И женскиот дел од актерската екипа, кои беа присутни на пресот, во суперлативи зборуваа за бугарскиот режисер. Николина Кујача рече дека претставата е можност актерите да научат како да ја контролираат енергијата, Звездана Ангеловска истакна дека Морфов е авторитет кој знае да работи со жива материја - душата на актерот, а Тања Кочовска рече дека она што и се случува е во насловот на претставата.

Покрај нив, во актерската екипа се уште 16 актери. Сценографијата е на Никола Тороманов од Бугарија, костимограф е Марија Пупучевска, кореограф Инга Красовска. Учествува и петчлениот оркестар „Раскрши се“.

По главната премиера во недела, МНТ најави уште две премиери на „Животот е прекрасен“ - на 15-ти и на 16 април.

(Преземено од МИА)

 

 

 

 


 

Содржината е прочитана 471 пати.