Интервјуа

Интервју со госпоѓа Маја Антеска, национален менаџер на Програмата за поддршка на мали бизниси во Р. Македонија при Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)

Имаме програма која ќе им помогне на бизнисите што се менаџирани од жени и ќе им обезбедиме деловно советување во функција на раст на бизнисот. Трошоците за ваквите услуги ќе се субвенционираат со одреден процент, во просек со 50%, но во максимален износ од 10.000 евра. Дополнителни 20% грант ќе им се доделат на компаниите што ќе станат корисници на кредит од новата кредитна линија, ако тоа се случи во период додека трае консултантскиот проект или во период од една година од завршувањето на проектот. Ќе им помогнеме на жените менаџери да градат системи за оцена на перформансите на своите вработени, да воведуваат системи за наградување на вработените, за поттикнување на нивниот развој и посветеност кон работата. Човечките ресурси треба правилно да се менаџираат.

понеделник, 29 февруари 2016

МАРИЛИ: Почитувана госпоѓа Антеска, што е главна активност и цел на Програмата на ЕБОР во која сте национален менаџер?
АНТЕСКА:
Работиме на обезбедување советодавни и консултантски услуги за секторот на мали и средни претпријатија и го поттикнуваме ангажирањето на домашна, регионална или на интернационална индустриска експертиза во функција на раст на приватните бизниси. Со нашата поддршка се случуваат позитивни промени во компаниите со кои работиме, предизвикани од примената на стручни совети. Дијагностицирањето на бизнисите и утврдувањето на областите во кои можеме да интервенираме со специфично знаење и примена на најдобри менаџерски практики се наше секојдневие. Секоја компанија е своја приказна што ние внимателно ја сослушуваме, ја анализираме и притоа, заедно со менаџерите и со соодветни експерти, дизајнираме најсоодветна интервенција за да одговориме на конкретните потреби што ги има конкретниот бизнис.
Зад нас имаме бројка од над 1.000 домашни приватни компании од различни индустрии со кои сме имале блиска соработка на тема решавање на конкретни предизвици и подобрување на нивните бизнис-перформанси. Искуството ми дава право да констатирам дека пристапот и примената на знаењето, стручноста, како и доброто менаџирање се еднакво важни за растот на бизнисот како и пристапот до развојните финансии. Ние го промовираме тоа и им го овозможуваме на приватните компании. Во можност сме да покриеме и дел од трошоците за ангажирање експерти бидејќи имаме поддршка од различни донатори што ги препознаваат нашите активности како многу корисни за развој на претприемаштвото во земјите во транзиција, како што е нашата земја. Во оваа пригода би им се заблагодарила на Европската унија, владите на Шведска, Луксембург, Холандија, Италија и на Специјалниот фонд на акционери на ЕБОР. Паралелно, преку нашите активности ги јакнеме капацитетите на домашниот консултантски сектор преку обуки и доусовршување во различни области за да можат најсоодветно да му служат на приватниот сектор.

МАРИЛИ: Во Вашата Програма е ставен посебен акцент на женското претприемаштво. Со кои новини ќе ги поддржите жените во бизнисот во 2016 година? Неодамна на Вашата ФБ-страница се појавија интересни објави со жени со бели очила. За што станува збор?
АНТЕСКА:
Минатата година лансиравме програма за женско претприемаштво што, всушност, е интегрален дел од регионалната програма за јакнење на женските бизниси на Западен Балкан. Со ова им дадовме сигнал на жените во бизнисот од овие простори дека нивното учество во домашната економија треба континуирано да се засилува и дека нивниот потенцијал е препознаен и докажан. Од перспектива на жените претприемачи, нашата понуда е јасна. Станува збор за две клучни области на поддршка, и тоа: пристап до финансии, односно пристап до кредитната линија што ја потпишавме со Охридска банка и која исклучиво ќе се користи за финансирање на бизниси раководени од жени; и пристап до знаење, со цел да се постигнат раст и развој на женските бизниси.

Во рамките на компонентата пристап до знаење имаме шест различни вида активности, потврдени како успешни во регионот и во светски рамки: обезбедување советодавни или консултантски услуги чија цел е решавање на конкретни бизнис-проблеми на ниво на индивидуални бизниси, коучинг-услуги или континуирано советување во подолг временски период за имплементација на зацртаните стратегии, обуки за развој и зајакнување на претприемачките и лидерските вештини, менторство во соработка со глобалната мрежа на ментори на фондацијата „Чери Блер“, „Бизнис ленс“ (Business lens) или бизнис-очила и можност за вмрежување преку бизнис-семинари на различни теми.
На крајот би го резимирала следново: Жените сакаат да разменуваат искуства, да учат едни со други, да се охрабруваат и да се вмрежуваат. Со оваа Програма ќе го поддржиме овој процес и во овој дел сметаме на партнерство со етаблирани и докажани организации и институции.

МАРИЛИ: Опишете ги активностите што ќе се преземаат за жените менаџери, имајќи предвид дека фокус на интерес на агенцијата „Марили“ е токму проектот за поддршка на женското менаџерство што го развиваме 20 години?
АНТЕСКА:
И со оваа Програма ќе им помогнеме на бизнисите што се менаџирани од жени и ќе им обезбедиме деловно советување во функција на раст на бизнисот. Трошоците за ваквите услуги ќе се субвенционираат со одреден процент, во просек со 50%, но во максимален износ од 10.000 евра. Дополнителни 20% грант ќе им се доделат на компаниите што ќе станат корисници на кредит од новата кредитна линија, ако тоа се случи во период додека трае консултантскиот проект или во период од една година од завршувањето на проектот.
Ние нудиме советување во 10 области. Ќе им помогнеме на бизнисите во нивните напори да ја зголемат својата продажба преку најефективна промоција, со ангажирање на најдобрите консултанти за пазарно истражување, маркетинг, односно промоција и идентификување на нови пазари. Поттикнувањето на извозот секогаш ќе биде наш приоритет и ќе се стремиме да се развие т.н. export consulting. Ќе се потрудиме да ги подобриме системите за информирање на менаџментот и ќе ги надградуваме софтверските решенија со модули за менаџерски извештаи, за контрола на трошоци, профитабилност, следење на продажба итн.
Ќе помогнеме да се направат анализи и физибилити-студии, односно студии за оправданост на различни бизнис-идеи. Добрата анализа е превенција од евентуален неуспех.
За разработените идеи и за поддршка на идната експанзија ќе се разработуваат бизнис-планови што ќе бидат водилка за бизнисите.
Ќе ги поддржиме бизнисите да бидат креативни и иновативни, да воведуваат нови технологии и да применуваат енергетски ефикасни решенија, ќе помогнеме во изборот на опрема, правењето енергетски ревизии, во воведувањето системи за менаџирање со енергија, исто така, ќе поттикнуваме и инвестиции во обновливи извори, како што се, на пример, инвестиции во мали хидроцентрали.
Ќе им помогнеме на жените менаџери да градат системи за оцена на перформансите на своите вработени, да воведуваат системи за наградување на вработените, за поттикнување на нивниот развој и посветеност кон работата. Човечките ресурси треба правилно да се менаџираат.
Ќе помогнеме при воведувањето системи за контрола на квалитет, безбедност на храна, заштита на животната средина итн.
Тогаш кога ќе работиме со жени претприемачи без искуство во ангажирањето консултанти, ќе се потрудиме да ги научиме како да бараат совет и резултат од консултантскиот ангажман. Од консултантите ќе бараме и стручност и професионалност, ќе креираме тимови од луѓе со различни профили и искуство за да се одговори најсоодветно на потребата на конкретниот бизнис.
Освен еден на еден консултантство и советување, оваа година ќе бидат понудени обуки на теми што се идентификувани како потребни за зајакнување на женското претприемаштво. Учењето во група има свои предности и непроценлива е размената на искуствата што ги имаат успешните бизнис-жени. Од таа причина програмата дава можност за учество во обуки и стекнување знаења од следниве сфери: лидерство во акција (разлика меѓу менаџер и лидер), дигитално работење, клучеви за финансиски менаџмент, ИТ-решенија, од претприемач до компанија. Обуките ќе бидат интерактивни и спроведени од професионални обучувачи и распоредени во сесии со цел практично да се примени стекнатото знаење.
Специфична е менторската програма што се нуди во партнерство со глобалната мрежа на ментори на фондацијата „Чери Блер“. Со нивна помош ќе ги поврзуваме жените претприемачи со успешни бизнис-лидери од регионот или од странство. Кога се сака да се учи и да се напредува, географијата не е бариера. Со помош на современи ИТ-алатки се поврзуваат и се организираат редовни сесии на кои се разговара. Виолета Велевска, оперативен менаџер на ИТ-компанијата „Инфинитиве солутион“, е една од петте жени што имаат свои ментори во рамките на „Чери Блер“. Таа беше поврзана со успешна жена – професионален искусен ментор од Велика Британија со искуство од областа што беше детектирана како приоритет и нивната досегашната комуникација е одлична. Се планира во програмата во 2016 година да се вклучат уште пет успешни жени претприемачи.
Со организирањето семинари и работилници оваа година ќе допреме до суштинските предизвици на женското претприемаштво, а со вклучувањето на банкарските тимови на Охридска банка ќе градиме платформа за дијалог со жените што се во бизнис.
Интервенцијата што ќе ја понуди програмата е пристап до финансии и пристап до знаење, само по себе, така што се генерира потребата од здружување на сите фактори, банката, компаниите, советниците, институциите.
И уште една креативна и мошне корисна алатка е инкорпорирана во рамките на оваа програма наречена „Бизнис Ленс“ (Business Lens) или бизнис-очила. Преку детален прашалник „Бизнис Ленс“ ќе зумира во седум области од менаџирањето на фирмата: финансиски менаџмент, перформанси, познавање на пазарот, маркетинг и продажба, човечки ресурси, стратегија и организација, менаџирање со ризици и оперативни активности. Притоа, одговарајќи на поставените прашања, процес што цело време се одвива онлајн, „Бизнис Ленс“ ќе ги анализира информациите што сте ги внеле, односно вашите одговори и ќе ви помогне да го видите својот бизнис од друга перспектива. Притоа ќе ви укаже на вашите силни страни и, што е многу важно, на можностите за раст и развој.


МАРИЛИ: Со оглед дека работите на терен и ги детектирате реалните состојби, дали можете да посочите кој е главниот проблем со кој се борат жените во бизнисот и каква е Вашата поддршка во врска со тоа?
АНТЕСКА:
Предизвиците се присутни како за машките, така и за женските бизниси. Но во поширокиот регион, вклучително и во Македонија, детектирано е дека женските бизниси остануваат во микросегментот и потешко ја преминуваат границата и прераснуваат во мал или во среден бизнис. Потребни се охрабрување и систематска поддршка во смисла јакнење на нивните менаџерски капацитети, како и лидерски вештини. Несомнено постои огромен потенцијал кај жените претприемачи. На пример, кога во советодавните проекти работиме со жени менаџери се констатира нивна многу поголема инволвираност, како во дизајнирањето на советодавната асистенција, така и во самата имплементација и примена на советите, а тоа покажува голема подготвеност на жените претприемачи да учат и да се надградуваат. Тоа значи дека кај женските бизниси постигнуваме поголем импакт од нашите интервенции што нè охрабрува уште повеќе да се ангажираме за женското претприемаштво. Работата со жените бара голема посветеност и внимание. Тие, за разлика од машките колеги, внимателни се при преземањето ризици затоа што одговорноста е на високо ниво како и свесноста за евентуалните негативни последици. И, секако, фактот дека жената и, пред сè, мајката е столб на семејството и нејзиното присуство во домот е многу потребно, особено на овие простори, во многу случаи влијае ограничувачки врз растот на женските бизниси. Со фактот дека нудиме поддршка, која детално ја објаснив претходно, ние ја охрабруваме жената да влезе професионално во својата бизнис-авантура и со своето знаење да се фати во костец со сите бизнис-предизвици и да се стреми да го постигне својот потенцијал и максимум. Така, во наредниот период ќе имаме многу поголем број мали и средни, па и големи бизниси основани и раководени од жени.


МАРИЛИ: Се наоѓате на одговорна функција. Како успевате да се справите со многубројните деловни и приватни обврски?
АНТЕСКА:
Се сметам за трудољубива и неуморна и тоа, во комбинација со чувството што го имам дека правиме добро и предизвикуваме позитивни промени кај луѓето и компаниите со кои работиме, ми помага полесно да се носам како со деловните, така и со приватните обврски.
Во однос на семејните обврски, среќна сум што го имам синот Наум, прекрасно дете, одличен ученик, секогаш многу одговорен и самостоен за негови години, со големо разбирање за моите деловни ангажмани што е од клучно значење за секоја самохрана мајка што истовремено има менаџерска, односно одговорна функција. Наум секогаш бил моја најголема поддршка, мотивација и инспирација за успех и за создавање. Се трудам да бидам успешна на сите полиња и мислам дека е неопходен баланс за да се постигне животно и професионално задоволство. Во однос на деловните обврски, многу ми помага тоа дека го работам она што најмногу го сакам. Моја страст се растот и развојот на малите и на средните претпријатија. Одредувањето приоритети, стремежот кон ефикасност и континуираното учење, како и избегнувањето долги и бесполезни дискусии и состаноци се дел од мојот професионален карактер што, исто така, ми помага да се справам со обврските. Сакам концизност, едноставност и акција. И, секако, тука е мојот тим од професионалци, едуцирани и искусни колешки што стојат зад сето тоа што го испорачувам на оваа функција.
 

Содржината е прочитана 1723 пати.