Култура

Министерката за култура во работна посета на Република Турција

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска престојува во работна посета на Република Турција каде што утрово имаше официјално обраќање на втората конференција на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа која се одржува на темата „Зајакнување на културата за одржлив развој“.

четврток, 25 февруари 2016

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска престојува во работна посета на Република Турција каде што утрово имаше официјално обраќање на втората конференција на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа која се одржува на темата „Зајакнување на културата за одржлив развој“. Во своето обраќање пред присутните, министерката за култура потсети дека Република Македонија во 2014 година ја имаше честа да биде домаќин на првиот состанок на министрите за култура од Југоисточна Европа, на кој беше промовирана заедничката платформа која во иднина треба да резултира со проекти кои уште повеќе ќе ја унапредат и ќе ја интензивираат регионална соработка. Канческа-Милевска нагласи дека во Охрид беа донесени и два важни документа, Охридската декларација и Стратегијата за регионална соработка, со што нашата држава даде голем придонес во унапредувањето на заедничката платформа, финансирањето и менаџментот на проектите од областа на културата и културното наследство. Министерката за култура потенцираше дека во Република Македонија има големи очекувања од новата платформа и додаде дека оваа платформа, несомнено, ќе овозможи ефикасно решавање на сите отворени прашања и унапредување на културното дејствување на нашиот регион.

-Длабоко сум убедена дека преку нашите партнерски односи и искуствата во рамките на досегашните и идните регионални проекти, ќе ги идентификуваме нашите потенцијали и потреби кои ќе резултираат со рехабилитација, промоција и одржливо управување на нашето заедничко културно богатство - нагласи министерката за култура во своето обраќање.

На министерската конференција во Истанбул, на која присуствуваат министрите за култура и други високи претставници на земјите од Jугоисточна Европа, Австрија и Италија, како и претставници на Европската Унија, Советот на Европа и Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, денеска се очекува да биде усвоена и заедничка декларација за „Заштита и одржливо управување на културното наследство", како и да биде поддржана Резолуцијата на ОН 2199, како и предложениот проект на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција кој ќе се поднесе до Европската Унија за финансирање преку ИПА-фондовите и кој се однесува на регионалната борба против илегалната трговија со културното наследство.

Министерката за култура во рамките на престојот во Република Турција денеска ќе оствари билатерална средба со министерот за култура и туризам на Република Турција, Махир Унал, а ќе го посети и Македонскиот културен центар во Република Турција, кој е сместен во репрезентативен објект лоциран на плоштадот Таксим, во срцето на Истанбул.

 

Содржината е прочитана 431 пати.