Интервјуа

Интервју со господин Алпер Ерсој, заменик-генерален директор за операции на „ТАВ Македонија“

Очекуваме во 2016 година да продолжи порастот на авиосообраќајот како резултат на новоотворените линии во втората половина од 2015 година, како и на новите линии што ќе бидат воведени во 2016 година. Како што веќе најавивме, од 20 мај 2016 година „Чех ерлајнс“ (Czech Airlines) ќе почне повторно да лета на релација Скопје-Прага, трипати неделно, а почнувајќи од март „Виз ар“ (WizzAir) ќе воведе летови од Скопје до Берлин, Копенхаген и до Братислава.

петок, 12 февруари 2016

 

Марили: На почетокот сме на 2016 година. Какви се резултатите од сообраќајот во 2015 година и што е постигнато во оваа насока откако ТАВ влезе во Македонија?

Ерсој: „ТАВ Македонија“ успешно ја заврши 2015 година со постигнување на очекуваните резултати. Вкупниот број патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид изнесува 1.560.381, што е пораст од 22 % во однос на 2014 година. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11% на годишно ниво.
Рекордната бројка на превезени патници е резултат на новите линии што се отворија во изминатите години, како и дополнителните 6 нови линии кои лани ги отворивме од скопскиот аеродром, кон Женева со Swiss Airlines почнувајќи од април, и до Фридрихсхафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нинберг,со WizzAir во јуни и во јули, како и двете нови редовни линии кои ги отворивме од охридскиот аеродром - до Лондон и до Базел, со WizzAir.

Според некои регионални анализи, скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ со ваквиот двоцифрен раст од над 20% на годишно ниво, е најбрзо растечкиот аеродром меѓу 10-те најфрекфентни аеродроми на поранешните ЈУ-простори.

Ако го споредиме вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома во 2010 година, кога ТАВ го презеде управувањето,може да се заклучи дека порастот е повеќе од 100%. Поточно, во 2010 година, на двата аеродрома имавме само 729.297 патници, а лани, на двата аеродроми имавме 1.560.381 патници, што покажува дека за 6 години вкупниот број на патници е двојно зголемен.

 

Марили: До колку градови може да се лета директно од скопскиот и од охридскиот аеродром и кои дестинации најмногу ги посетуваат граѓаните?
Ерсој:
Во моментов оперираме до 31 дестинација од скопскиот аеродром (30 патнички и еден карго), а во редовниот авиосообраќај се присутни 15 патнички авиокомпании и една карго-авиокомпанија.
Всушност, скопскиот аеродром е директно поврзан со: Белград, Сплит, Загреб, Љубљана, Венеција, Рим, Милано, Барселона, Цирих, Женева, Базел, Виена, Минхен, Фридрихсхафен, Нирнберг, Франкфурт, Келн, Дизелдорф, Дортмунд, Хамбург, Париз, Брисел, Лондон, Ајндховен, Малме, Гетеборг, Осло, Стокхолм, Истанбул и Дубаи. Во однос на карго-превозот, ја имаме редовната карго-авиокомпанија „РАФ-Авиа“ (RAF-Avia), која оперира секој ден на линија Скопје-Софија и назад. Станува збор за исклучиво карго-авиокомпанија, иако карго-пратки, исто така, се превезуваат и во рамките на патничките летови, односно и со патничките авиокомпании.
Во 2015 година најфреквентни пет дестинации од „Александар Велики“ беа: Истанбул, Цирих, Виена, Малме и Базел.

 

Марили: Какви Ви се очекувањата за 2016 година во однос на нови линии и дестинации, како и за вкупниот сообраќај на двата македонски аеродрома?
Ерсој:
Очекуваме во 2016 година да продолжи порастот на авиосообраќајот како резултат на новоотворените линии во втората половина од 2015 година, како и на новите линии што ќе бидат воведени во 2016 година.
Како што веќе најавивме, од 20 мај 2016 година „Чех ерлајнс“ (Czech Airlines) ќе почне повторно да лета на релација Скопје-Прага, трипати неделно, а почнувајќи од март „Виз ар“ (WizzAir) ќе воведе летови од Скопје до Берлин, Копенхаген и до Братислава.
Задоволство ни е да најавиме дека еден од најголемите тур-оператори „Томас Кук“ (Thomas Cook) ќе почне со туристички чартер-летови до Охрид во летната сезона во 2016 година. Новина за аеродромот во Охрид се и најавените чартер-летови од Израел, кои заедно со традиционалните чартер-летови од Холандија, Белгија, Швајцарија и од Австрија ќе придонесат за поголем број туристи во Охрид.


Марили: Во текот на последните години во Македонија се појавија нискобуџетни авиокомпании. Колку тоа придонесе за порастот на авиобизнисот?
Ерсој:
Нискобуџетните летови, како и сите новововедени линии во текот на изминатите неколку години навистина имаа удел во придвижувањето на авиосообраќајот во Македонија. Владините субвенции за нискобуџетните авиокомпании, заедно со поддршката од „ТАВ Македонија“ во согласност со нашата маркетинг-стратегија за проширување на мрежата на линии на скопскиот аеродром до различни дестинации, главно, на Запад и на Исток, навистина се покажаа како успешен модел. Истовремено, многу е важно тоа што влегувањето на нашата компанија „ТАВ Аеродроми“ (TAV Airports) преку „ТАВ Македонија“ како аеродромски оператор во Македонија навистина се случи во клучно време за развојот на авиосообраќајот.

 

 Марили: Забележливо е присуството на нови патници од околните земји. Дали мислите дека ќе продолжи овој тренд?
Ерсој:
Наша цел не е да им обезбедуваме услуги само на патниците што патуваат од и до Македонија, туку истовремено ги таргетираме и потенцијалните патници од соседните земји што влегуваат во т.н. гравитациска зона. Геополитичката позиција на Македонија е важна предност за привлекување патници од овие земји, особено поради лесниот пристап на патиштата. Поради ова, секоја нова дестинација и авиокомпанија и секое зголемување на бројот на фреквенции има позитивен ефект врз бројот на патниците што доаѓаат од т.н. гравитациска зона. Оттука, важно достигнување во 2015 година е исклучителното зголемување на бројот на патниците од соседните земји, што ја потврдува нашата определба скопскиот аеродром да стане главен центар за авиосообраќај во регионот.
 

Содржината е прочитана 817 пати.