Култура

Премиера на „Јов“ во Драмскиот театар Скопје

Во Драмскиот театар Скопје вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Јов“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Сашо Миленковски.

петок, 29 јануари 2016

Во Драмскиот театар Скопје вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Јов“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Сашо Миленковски.

Според Венко Андоновски, „Јов“ е обид да се види до каде се денес границите на трпението и поднесувањето страдања кај човекот и човештвото воопшто.

Режисерот Сашо Миленковски на прес-конференција истакна дека претставата е за релативно млада публика.

- Таа е многу брза внатре во себе. Се работи за комплетно изорганизирана приказна, рече Миленковски. Потенцира дека претставата е изразито политичка бидејќи опфаќа сериозно политичко прашање – што и правиме на нашата планета Земја.

Венко Андоновски информираше дека текстот го пишувал последните три-четири години. – Темата е јасна, бараме смисла дури и во бесмисленото, потенцира Андоновски.

Актерот Игор Стојчевски кој го игра Јов истакна дека се работи за нашиот однос кон платената Земја и додаде оти таа е мајка која трпи од нашето однесување. Пораката на претставата, како што рече, е не треба да се суди никому.

Актерската екипа на претставата „Јов“ ја сочинуваат актерите Игор Стојчевски, Соња Стамболџиоска, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Игор Георгиев, Александра Павлова, Емилија Мицевска и Благица Димитровска. Музиката е на Венко Серафимов, дизајнот на Владимир Симоновски, а кореографијата на Валентин Апостоловски.

Во претставата играат најмладите актери од Драмскиот театар – Скопје.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 550 пати.